Мојата другарка остана вдовица и за само четири месеци се премажи за друг човек. Од првиот брак има две деца, а со новиот маж е трудна со заедничко. А маж и е еден таков лигуш, вообразен, кој мисли само во која боја да ја исфарба косата и никаков, што ми се лоши од него.
Таа има свој бизнис и мислев дека е храбра, успешна и цврста, а сега сум страшно разочарана во неа. Сакам да прекинам да се дружам со неа, зашто мислам дека нема никакви морални квалитети, но не знам дали ќе постапам правилно?
Маја
Маја дарлинг, тешко може да се контролира срцето, хормоните, па и материјалните потреби.
Не верувам дека таа „свадба“ се случила баш така ненадејно. Тоа сигурно тлеело од порано, само се чекало погоден момент. Ете, им се „посреќило“: умрел сопругот, па на раат можеле да го свијат своето ново љубовно гнездо.
Никој жив не треба да замине во гроб со умрениот. На мртвите мир, а на живите живот.
Меѓутоа, случајот што го опишувате малку е дегуте.
Можеле да почекаат уште некој месец, кај чекале до тогаш, да се излади гробот на починатиот, па да тераат заедничка, светла и безгрижна иднина. Да почекаат барем до годината од смртта на човекот, со кого има две деца и да им даде можност да го изжалат заминувањето на својот татко.
Не се плаче лесно пред очув.
Не разбирам многу, но мислам дека треба како што се почитува животот, така да се испочитува и смртта.
Доколку не ви поднесува желудникот, баталете ја таа дружба. Кај и да е, дотичната ви другарка ќе помисли дека е баш фенси да го допише на надгробниот споменик и името на новиот маж.
Знаете она: споменикот го подига сопругата, децата и, сопругот.
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)