Преспанско ќе исчезне до 2060-та

Преспанското Езеро, второто по големина природно езеро во Македонија е на работ на целосно исчезнување.
Научниците предупредуваат дека ако итно не се преземат сериозни мерки, ова уникатно езеро би можело да исчезне до крајот на 21 век — за помалку од 40 години.
Најновите истражувања откриваат загрижувачки податоци: нивото на езерото е намалено за 55 сантиметри во споредба со минатата година, што значи губиток од 120 милиони кубни метри вода — двојно повеќе од годишниот просек.

„Ситуацијата сега е полоша отколку во црните години од 80-тите. Ако летово биде топло — а ќе биде — сценариото е катастрофално“, вели д-р Надежда Апостолова, професорка од Универзитетот во Валенсија.

Според УХМР, езерото не се полнело ниту во зимскиот период кога вообичаено добива барем 40 сантиметри. Главните виновници? Климатските промени, испумпување вода преку подземните канали кон Охридско, и неконтролираното користење за наводнување во Македонија, Албанија и Грција.

Но, има ли спас? Апостолова смета дека решението е донесување вода од друг слив, најверојатно Вардарскиот. „Скапо е, но можно. Не смееме да дозволиме езерото да умре“, порачува таа.

Алтернативна опција е затворање на дел од подводните понори во Албанија, но и тоа нема да помогне ако продолжи глобалното затоплување и намалувањето на врнежите.

Од 1963 година досега, Преспанско загубило 60 проценти од својот волумен. Водата јаљ има сѐ помалку, а квалитетот ѝ е сѐ полош. Ако сега не се дејствува — утре ќе биде доцна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *