Сутерен.мк

Преспа гласа за животот!

Преспа за жал, долго време се соочува со еколошки проблеми предизвикани од загадување со отпад, зачестено прскање со пестициди на овошните насади, фрлање на непродадените јаболка по канали и речни корита, а кои потоа завршуваат во езерските води. И на крај најголемата болка – повлекувањето на водата на Преспанско Езеро!

Група средношколци од училиштето „Цар Самоил“ во Ресен одлучија да дадат придонес кон заштитата на животната средина. Се приклучија во иницијативата на средношколците од Преспа во практичен екоактивизам предводена од „Еко герила“ Преспа. Тие од различен вид отпад во Преспа произведоа компост со кој ја збогатија родноста на почвата и партерно ги уредија дворовите на училиштето и на мониторинг-станицата во Стење, која редовно врши анализи на квалитетот на езерската вода. Меѓу другото, младите засадија сто нови грмушести, зимзелени и листопадни растенија.
– Поминавме низ обуките кои ни беа многу корисни затоа што научивме како можеме да дејствуваме за позитивни промени во нашето опкружување и да дадеме свој придонес во селектирањето на отпадот и рециклирањето. Направиме нов производ – органско ѓубриво-компост кој можеме повторно да го искористиме за подобрување на плодноста на почвата, а истовремено преку селектирање и рециклирање на органскиот отпад, кој го има насекаде, придонесуваме во заштитата на животната средина – вели Спасе Глафче од земјоделско-ветеринарната струка во СОУ „Цар Самоил“.

 

Петнаесетина средношколци беа опфатени со шест обуки, од кои половината наменети за компостирање, механизација, алати за добивање компост и практична примена. Обуките се изведуваа во училиштето зашто тоа има сопствени овошни насади каде што учениците од земјоделско-ветеринарната струка ја изведуваат практичната настава, дел во мониторинг-станицата во Стење и дел на приватна компостарница.
– Учениците покажуваат интерес за тоа како можат да придонесат за подобра заштита на преспанскиот уникатен екосистем. Компостирањето е најстариот и најприроден начин на рециклирање на отпадот. Со компостирањето се намалува загадувањето на околината дури за една третина, загадувањето на подземните води, создавањето стакленички гасови кои придонесуваат за климатски промени – објаснува Елена Дамовска-Маркоска, наставник по стручни земјоделски предмети во СОУ „Цар Самоил“ во Ресен.

Компостот го подготвуваа шест месеци користејќи селектиран биоотпад од зеленилото, растителните остатоци, мил од езерото, трската што расте околу пристаништето, како и од органскиот отпад од локален угостителски објект и домаќинствата во Стење.

– Со компостирањето се добива нов производ – квалитетно органско ѓубриво кое е сосема бесплатно, а бенефитот од неговата употреба е голем зашто позитивно влијае врз структурата и плодноста на почвата. На тој начин се намалува и употребата на вештачките ѓубрива, кои можат да го намалат квалитетот на водата и на почвата и го згадуваат екосистемот на Преспанското Езеро – рече Дамовска-Маркоска.
Но, промените не завршуваат тука. Произлегоа наставни материјали кои ќе се користат како дополнителни во редовната настава. Ова училиште, освен гимназиско образование, има и земјоделско-ветеринарна струка каде што компостирањето е опфатено во редовната и во практичната настава. Вакви екопотфати ќе продолжат да се променуваат и понатаму во училиштето зашто се обучени пет ученици, професор и три граѓански активисти.

– Учениците како проблем го регистрираа преголемиот обем на комунален отпад на крајбрежјето, за кој преку личен активизам со екоакции може да се помогне, но потребно е системско решение. Друг проблем беше тоа што мониторинг-станицата не споделува доволно информации со јавноста во однос на мониторингот што го прави врз езерските води. Учениците заедно со биолози и хемичари од станицата направија анализи во современо опремената лабораторија врз земени примероци од езерото и на самото место се уверија во квалитетот на водата – вели Марија Евтимовска од „Еко герила“ од Преспа.
Ефектите што ги постигнаа со седуммесечно активно работење беа заокружени со кратка видеопрезентација и проекција на документарниот филм „Езеро од јаболка“, изработен со помош на Швајцарската агенција за развој, а имплементиран од УНДП. Активностите беа поддржани преку регрантирање од проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ што го реализира Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонското еколошко друштво, финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *