Сутерен.мк

Прилагодување

Пред една година ја изгубив работата. Имам маж, кој има мала плата, две деца и живееме како потстанари. Ме фаќа очај. Друга работа веќе подолго време не можам да најдам. Никој не ни помага. Тие што сакаат не можат, а тие што можат не сакаат. Се е потрошено. Немаме никакви заштеди, сето заработено оди во ветар, на киријата.

Се чувствувам безнадежно, а пријателите ми велат да мислам позитивно. Имате ли некој совет зашто веќе не знам главата кај ми е?

Даниела, 35

Даниела дарлинг, една од фразите што лично ми оди на живци е токму таа – мисли позитивно! Што значи тоа!? Цветаат дрвјата, сонцето грее, државава ни пука од здравје, јас немам скршен денар во џебот, децата ми се несреќни, сопругот предвреме остарен, којзнае што болести од секојдневната неизвесност се кријат во нас… но нели, мисли позитивно!?

Да, да, тоа го вели малограѓанштината која никогаш не била наврната и гладна. Толку им е иштиркан мозокот, како и нивните завеси, што дури ни покреативна реченица не можат да смислат. Меѓутоа, што велат оние другите…

Едно од правилата за „преживување“ вели дека најважно е да се прилагодите на сопствените можности и околностите во кои живеете. На она што сакате, што можете и што имате. Анализирајте кои професии се во моментот барани па, ако треба и преквалификувајте се.

Доколку немате можност за такво нешто, прифатете работа што можеби е под вашето образование или искуство зашто тоа ви е неопходно за да се преживеат тешките времиња. Доброто прилагодување е во прифаќањето на она што се нуди. Нема добра или лоша работа, секој чесен труд што се плаќа е пристоен.

Нема да ви исчезнат ни искуството, ни знаењето, ни квалификациите, ако привремено заработувате од ангажман за скалило подолу од досегашниот. Дури и во бајковити времиња треба да се има резервно решение зашто тие никогаш не траат бескрајно.

Седењето дома или кукањето пред вашите „пријатели“ ништо добро нема да донесат. Освен непродуктивно самосожалување и моронски коментари за „позитивното мислење“.

Излезете, купете огласник, гуглајте, вртете телефони. Пасивноста е тотално непродуктивна, а е и демоде. Не си го потценувајте здравиот разум…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *