Сутерен.мк

Прозбореа и од „Лев Тахор“

Припадниците на еврејската религиозна група „Лев Тахор“ кои се сместени во хотелот „Прага“ во охридското село Горно Лакочереј ги отфрлаат како лаги и шпекулации тврдењата за нивните активности во местата каде привремено престојуваат и сметаат дека непотребно се создава омраза против нив!


Припадничка на групата во јавна изјава, истакна дека Македонија е прекрасна земја, народот е добар, независно што поединци негативно реагираат на нивното присуство.
„Немаме намера да останема во Македонија, овде само транзитираме како туристи и целта ни е да ги посетиме синагогите, гробиштата и други културно историски споменици на еврејската заедница.“

Велат, ќе останат еден месец, иако имаат престој од три месеца. Непријатно се изненадени од говорот на омраза и предрасудите кон нив поради што во повеќе наврати беа принудени да ја менуваат локацијата. Потрошиле многу пари и не исполниле ниту еден од нивните планови за туристичка посета.

Раскажуваат и дека се во постојано движење, некои работат онлајн, други живеат од заштеди, но се помагаат меѓу себе. Сакаат да најдат место каде што ќе останат трајно и да ја шират својата религија. Велат и дека не киднапираат деца, како што се создава преку медиумите фама за нив.

Иако дел од жителите на Г. Лакочереј се спротиставија на нивниот престој таму и побараа тие веднаш да бидат дислоцирани сепак, дел од нив бараат да се покаже гостопримство.

И сопственикот на хотелот во Г. Лакочереј каде што е сместена групата, Марјан Ивановски е изненаден од односот на жителите.
Еврејската заедница во Македонија побара од надлежните органи да преземат соодветни мерки против оние кои ширеле говор на омраза по повод престојот на ортодоксно религиозната еврејска група „Лев Тахор“ во државава, која е во основа мирољубива и не загрозува никого.

Членовите на еврејската верска заедница „Лев Тахор“ во земјава се веќе 17 денови, а престојуваа во Куманово, Скопје и сега во охридско.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *