Јапонските научници открија протеин кој го поттикнува процесот на стареење. Ако е блокиран, клеточното стареење може да се забави или дури и да се промени. Луѓето не само што би живееле подолго, туку би можеле да се ублажат и болестите поврзани со стареењето како остеопороза, срцеви заболувања, некои видови рак или невродегенерација. Можеби некои од овие болести би можеле да се спречат уште пред да се појават првите симптоми, пренесува Дојче веле.
Во процесот на стареење, клетките постепено стануваат помалку активни. Тие веќе не се делат, но и не умираат. Оваа состојба се нарекува сенесценција или „стареење на клетките“. Таквите клетки не се само стари, туку и значително поголеми. Веројатно е предизвикано од протеини кои ги згуснуваат стресните влакна во клеточните ѕидови и на тој начин ги прават помалку подвижни.
„Фасцинантна трага е дека старечките клетки се многу подебели од младите клетки, што сугерира дека протеините во овие влакна им помагаат да ја задржат нивната големина“, рече водечкиот научник Пираван Чантахотикул.
Научниците го идентификуваа протеинот АП2А1 (Adaptor protein complex 2, alpha 1 subunit) кој претежно се наоѓа во остарените клетки.
„Сузбивањето на АП2А1 кај постарите клетки го промени стареењето и почна да го стимулира обновувањето на клетките, додека прекумерното присуство на протеинот во помладите клетки го забрза процесот на стареење“, рече Шинџи Дегучи, главен автор на студијата.
Сигурно ќе биде потребно извесно време додека ова научно откритие не најде практична примена. Но, за разлика од многу производи кои ветуваат подмладување, откритието всушност може да придонесе за подолг живот и подобро здравје. Имено, тука не би биле потиснати симптомите на стареење, туку клеточните причинители на тој процес.