По вчерашното барање на пензионерите од Прилеп, денеска и пензионерите од Штип, Кочани, Кавадарци, Куманово и Велес со мирни протести пред зградите на нивните здруженија побараа месечно линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и најавија помасовни протести ако не им се прифати барањето. Прилепските пензионери добија поддршка од колегите од Кичево и Неготино.
„Функционарите кои преку ноќ си ги зголемија пензиите и за илјада евра месечно веќе се далеку пред нас. Ние пензионерите бараме од наредниот месец да земаме месечно зголемување кое е 10 пати помало од функционерското, односно 3.500 денари линеарно, како што сега функционерите земаат месечно зголемување од 78 проценти“, велат револтираните пензионери.
Во Штип, поддршка на нивните барања даде и претседателот на локалното Здружение на пензионери, Ристе Нетков, кој в понеделник ќе ги презентира во Сојузот во Скопје, па во вторник очекува некаков епилог.
„Стоиме зад сѐ што е во интерес на материјалните и финансиските придобивки на пензионерите, секако во рамките на законските можности во делот дали на процентуално или линеарно зголемување“, кажа Нетков.
Педесетина пензионери од Куманово денеска одржаа протест со барање линеарно, наместо процентуално зголемување на пензиите. Протестот се одржа во просториите на Здружението на пензионери, а потикнат е од протестот на нивните колеги во другите градови.
„Како да преживеам со 12 илјади денари пензија. Има мали покачувања кои не се доволни кога имаме двоцифрена инфлација. Само бараме достоинствен, мирен и спокоен живот во староста, а не повторно да се пребројуваме по паричниците“, истакнаа пензионерите.
Тие велат дека сѐ уште не ги дефинирале сите барања, но тоа ќе го направат деновиве во координација со пензионерите од другите градови и ќе ги достават до Владата и Министерсвото за труд и социјална политика. Незадоволството кај пензионерите со најниски примања настана поради најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто од септември.
Пензионерите најавуваат дека протестите ќе продолжат и наредните денови, а јавноста ќе биде информирана кога барања ќе се достават до Владата и министерството.