„Се е изградено со кредити, што ги отплаќаме се уште“ – потенцира брачниот пар универзитетски професори и сопственици на ординацијата “Д-р Анчевски” додавајќи дека, спротивно на јавното мислење, ништо не добиле на послужавник туку, се е заработено со многу труд и посветеност на своите професии. Пријателите знаат да им речат дека имаат среќа, дека им се “наредиле картите”. Тие, одговараат дека среќата е само збор, а за успех потребно е упорност, работа и позитивна енергија. Во нивниот речник тврдат, не постојат изразите како “не можам, не знам” и, иако и двајцата потекнуваат од добростоечки семејства, за статусот што сега го уживаат категорични се дека, се избориле сами
Во скопската населба Злокуќани, од пред нецела деценија, се наоѓа домот на проф. д-р Александар Анчевски и проф. д-р Љубица Шутуркова. Еднокатна, непретенциозна и елегантна куќа, објект изграден не за перчење туку, за живеење. Зашто, ништо не е отповеќе ниту нефункционално. Околу двестотини метри квадратни, исполнети се со мерка одбрани предмети, слики, семејни спомени, дребулии од бројните патувања, а она што најмногу привлекува внимание е старинската гарнитура, наследство од прадедото на Анчевски, донесена од Истанбул, пред два века.
– Таа е сосема автентична, но секако, реставрирана, а за да ги набавиме истите материјали, одевме до Англија – појаснува Шутуркова.
Во подрумските простории, огромна библиотека. Надвор, преубав двор од 1 500 метри квадратни, што содржи базен, мала зеленчукова градина, сеница со мала фурна, засолништа за двете расни кучиња, Вега и Рот. Малку, а сепак, многу. Така впрочем, естетите и го дефинираат вкусот. Меѓутоа иако, тука нема ништо монументално, не може да не се забележи дека за сетоа тоа, е потребно да се има подлабок џеб.
– Се е изградено со кредити, што ги отплаќаме се уште. – потенцираат нашите домаќини и додаваат дека, спротивно на јавното мислење, ништо не добиле на тацна, туку се е заработено со многу труд и посветеност на своите професии.
– Многумина од пријателите знаат да ми речат “имаш среќа,ти се редат картите”. Верувајте, среќата, ако тоа може така да се нарече, треба да се бара. Треба упорност, работа и позитивна енергија и успехот нема да изостане – вели, професорот, а неговата сопруга го надополнува:
– Среќата е само збор. Без напор нема ништо. Мојот, неговиот работен ден трае десет часови, а изразите како “не можам, не знам” не постојат во нашиот речник.
Иако и двајцата потекнуваат од добростоечки семејства, за статусот што сега го уживаат тврдат, се избориле сами.
– Потекнувам од стара скопска фамилија, дедо ми беше златар, а татко ми е еден од основоположниците на дерматоловенерологијата кај нас и тоа е веројатно, една од причините што тоа студирав и специјализирав. Морам да признаам дека не бев многу амбициозен во средно училиште, повеќе ме интересираше шетањето, но запознавајќи ја работата на татко ми, се повеќе ја засакував медицината и особено, оваа област – раскажува Анчевски, кој веднаш по завршувањето на медицинскиот факултет (1972 година), започнува со лекарската пракса и тоа во Прешево, Србија, каде биле само четворица лекари што значело многу дежурства, многу теренска работа. По две години, се враќа во Скопје, токму во време кога се формира тим од лекари што треба да помогнат во формирањето на болница во Либија. Прешевското искуство ќе го внесе во списокот и токму во оваа арапска земја ќе ја започне и специјализацијата.
– Научив многу во Либија па и пристојно да зборувам арапски за да можам да комуницирам со пациентите. Имаше само еден проблем: како муслиманска земја, апсолутно беше забранет алкохолот, но ние и на тоа му најдовме крај. Направивме еден примитивен систем за дестилација и сами си правевме ракија од грозје. После тоа, се беше поинаку – се шегува нашиот соговорник, чие либиско патешествие ќе трае две години по што, се враќа на Клиниката за кожни болести, а по завршувањето на специјализацијата пројавува и амбиции за академска кариера.
– Пишував трудови, станав помлад асистент, па асистент… Се вклучив во хистолошката лабораторија… Ме гонеше љубопитство, да видам каде сме ние, а каде е светот во медицината… Успеав да добијам стипендија од француската влада па, поминав една година во болницата “Сен Луи” кај едно од најзвучните светски имиња во дерматологијата, професорот Жан Сиват. Таму ми созреа и идејата за докторска дисертација. Тој период беше многу плоден за мене, почетокот на 80-тите години, кога објавив многу трудови, учествував на многу симпозиуми…
Тогаш ја добива и една од најомилените награди, на Јапонското здружение на истражувачи, што покрај тоа, што значела престиж, била и парична.
– Со признанието добив и 2 000 долари, што за мене, во тоа време, беше право богатство. Отидов лично да ја примам.
Набргу, по докторатот, доаѓа и и изборот за доцент, а со носењето на Законот за пензионирање на шеесет години во 87-ма и заминувањето тројцата професори од Катедрата за дерматологија (за споредба, на истата, денес се шест професори), Анчевски неочекувано, станува и шеф на катедра и наставник. Раскажува дека , тој период му бил најнапорен во животот, кога работел буквално, деноноќно. Останатото е историја.
Монографии, научни трудови, книги, многу пофалници, награди (ги издвојува, првата монографија “Апелации и други болести на косата”, почесните членства во медицинските здруженија на поранешна СФРЈ, Турција, Бугарија, организацијата на првиот Меѓународен конгрес на дерматолози, признанијата од Софискиот универзитет, благодарниците од скопскиите и битолските студенти, од хендикепираните, од Македонската православна црква, повеља од ВМА за меѓусоработката на Скопје и Белград, наградата “Гоце Делчев” за најдобар објавен труд во 2006 – та година). Бил продекан во два манадати на Медицински факултет, директор на Клиниката за кожни болести, шеф на катедра во повеќе наврати, Заменик генерален директор на Клинички центар и ректор на универзитетот “Св. Кирил и Методиј”.
Неговата животна партнерка исто така, има завидна професионална кариера и општествено признат ангажман. Своето образование проф. д-р Шутуркова (инаку, ќерка на Данчо Шутурков, еден од лидерите во водењето на меѓународната економија на Македонија особено, по осамостојувањето), го стекнала на Медицинскиот факултет во Скопје, а го надградува во Белград, Љубљана и на Колумбија Универзитетот во Њујорк. Била продекан, декан на Фармацевтскиот факултет, проректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”. Основоположник е на националниот фармакоинформативен центар за лекови и прв претседател на Управниот одбор на истиот, член е на бројни федерации и угледни здруженија од областа на медицината, како во Македонија, така и во странство и особено, заслужна што денес фармацијата во државава ја доби потребната важност.
– Мојот “рецепт” за успех е да се сконцентрираш на она што го сакаш и можеш, без да ја расфрлаш енергијата на непотребни нешта. Важно е да се одредат правилно, приоритетите во животот. Понекогаш се прашувам дали повторно би ја избрала истата професија!? Секако, да! Многу ја сакам фармацијата, но не би сакала баш да го врвам истиот пат. Многу е тешко амбициозна жена, која знае што сака да се справи со шовинистички убедувања што се раширени кај нас. Работите полека се менуваат, но се уште, една жена, колку и да е еднакво способна на еден маж, ако е машки бордот, ќе го избере – мажот! Мажите прво кај жените ги гледаат физичките атрибути, а после дали има нешто во главата. Токму затоа, само паметен маж може крај себе да има паметна жена – категорична е Шутуркова исто колку што е и во тврдењето дека и покрај компромисите што мора да се направат во било која меѓучовечка релација, ако се сака истата да успее, индивидуалноста на другиот мора да се почитува. Како во нивниот петнаесетгодишен брак, во кој и покрај карактерните разлики, засебните професионални достигнувања, успеваат да функционираат речиси совршено.
Заеднички впрочем, ја направија успешната приказна дерматолошка естетско – корективната ординација “д-р Анчевски#, заеднички го создадоа и овој дом, каде го поминуваат секој слободен миг, грижејќи се за истиот, правејќи ги работите, значајни и помалку значајни, повторно заедно.
– Нашиот дом ни е “избеглица од бесмислица.” Тука завршуваат напорните работни денови, тука доаѓаме по патувањата по светот, тука се радуваме со нашите деца. Мојот син од првиот брак Данчо, кога е во Скопје, живее со нас, а ќерката на Александар, Кети и внуката Елена ни се исто така редовни посетители. Познати сме и по социјалното живеење. Сакаме и сакаат пријателите да ни доаѓаат овде. Кога луѓето ве сакаат и вие ги сакате, тоа е едно богатство – велат нашите љубезни и непосредни домаќини, а на забелешката дека сме изненадени од нивната непосредност, одговара проф. д-р Шутуркова:
– Тоа е затоа што денес е ексклузивитет да се биде нормален! Порано, беа чудни девијантните појави, денес е обратно.
– За жал, денес со сомнеж се гледа кога некој сака некому да помогне. Ги сакам луѓето и сакам да им помагам. Тоа е радост, што ја зголемува мојата среќа. Велат, кога си добар кон другите всушност, си најдобар кон себе си. Сакам да подарувам. Љубица, исто така. Треба да се биде ведар, да се сакаат луѓето, да се сака животот. Често велам: славете го денот, моментот, животот! Славете ја љубовта. Таа не се продава, не се купува. Единствената цена и е љубовта. Не сакам ни минута да губам на луѓе, кои не мислат на љубовта – вели проф. д-р Анчевски.
Големите патувања
Брачниот пар Анчевски – Шутуркова одмараат од обврските на Медицинскиот факултет и нивната Ординација со честите и далечни патувања на кои заминуваат, секогаш заедно.
– Сме ги виделе најголемите водопади – Игуасу, Викториини, Нијагара, а сме биле и во Патагонија, Огнена земја, Амазонија, Рио де Жанеиро, Монте Видео, Карибите, САД, Индонезија, Бали, Сингапур, Талјанд, Хаваи, Борнео… На некои места, повеќе пати. Сепак, најголем впечаток ми оставија Амазон, патувањето по Јужна Америка и Фолкландските острови. Фасцинантно е местото каде што Амазон се влева во океанот. Кога пловите по него имате впечаток дека пловите по море, а не по река. Видовме бели делфини, запиравме во селата покрај реката, малку се дружевме со домородните племиња. Сакам многу да патувам, да откривам нови земји, култури, обичаи, предели… Кога ми морал да бирам, би живеел во медитеранските земји, каде што менталитетот е сличен со нашиот и секако, покрај вода. Би живеел и во Париз, каде што и сум престојувал подолго време – вели Анчевски.
Неговата сопруга пак, вљубена е во во Африка (го обожува и филмот “Моја Африка”), но сепак, би живеела во Америка.
– Затоа што во САД личната слобода е на пиедестал. Се форсира индивидуализмот, а јас како голем индивидуалец, нивниот начин на живот особено ми одговара. Тоа секако, би биле градовите Њујорк, каде веќе и сум живеела, па по него доаѓа Лондон, затоа што тоа е особено космополитски град.
Различни вкусови, но предвиден е и компромис: заедно би живееле на некој од Карипските острови, каде и професионално би биле реализирани.Сепак, едногласни се дека, ако не се принудени, не би го менувале Злокуќани, за ништо на светот.
– Ова е нашата мала оаза, нашето кралство, каде има крал и кралица, а нема слуги!
Регионален едукативен центар
Оваа есен дерматолошка естетско – корективната ординација “д-р Анчевски“ (а која го носи името во чест на таткото на проф. д-р Анчевски, Димитар Анчевски, еден од основоположниците на дерматологијата во Македонија) слави пет години од своето постоење. За овој период пациентите на оваа ординација добија и добиваат многу третмани што не можат да се обезбедат никаде на друго место во државава. Првенствено велат, идејата била да се отвори само дерматолошка ординација, но опремувањето со најсовремени апарати, обуката на докторите (не се воведува апарат без претходна обука на персоналот), само дерматологијата не можела финансиски да го оправда.
– Значи, мораше ординацијата да е и естетско – корективна, преку што всушност, се обезбедуваат средства за да функционира дерматолошкиот сегмент. Знаете како, анализите, апаратите чинат многу, одговорноста е огромна, да кажете дали е нешто малигно или не, а колку да му наплатите на болен човек!? Од друга страна, една микродермоабразија се врши со многу поефтин апарат, притоа немате речиси никаква одговорност и е многу барана услуга на пазарот. Така, едно се надополнува со друго. Идејата од пред пет години ја исполнивме. Се она што е тренд во светот, редовно го следиме и постојано го набавуваме и практикуваме. Задоволен сум од постигнатото. Затоа што, кога клиентите се задоволни и ние сме задоволни – вели Анчевски.
– Ќе бидеме многу среќни, ако успееме да формираме регионален едукативен центар. Како што нашите лекари одат надвор за едукација, сакаме тие, од надвор да доаѓаат овде, во “Д-р Анчевски” да учат од нас. Да покажеме дека не сме само ординација туку и институција. Да бидеме пример за добра здравствена пракса. Тоа ни е идејата во наредните пет години – дополнува Шутуркова.
Состојбите во здравството
– Не се најде решение како да се постави на солидни основи државното здравство. Тоа и понатаму пука по сите рабови. Може да се шири приватното здравство, но оној основен пакет за осигурување, за оние што не можат да платат значи, зборуваме за мнозинството, мора да постои. Како прв потег треба да се консолидира и задржи постоечкиот кадар. Па, под итно да се обезбедат услови за работа и барем, да се задржат платите на ова ниво на кое се. Бидејќи, здравствените работници веќе се плашат дека нема да ја земаат во иднина ни оваа, сегашна плата – ги коментира состојбите во здравството проф. д-р Анчевски, а проф. д-р Шутуркова дополнува дека основното прашање во нашиот здравствен систем е пакетот на здравствени услуги и дополнителното здравствено осигурување.
– Зошто да немаме дополнително здравствено осигурување!? Нашето социјално здравство е само на збор такво и поставено на квази основи! Тоа мора да се промени, ако сакаме да бидеме пристојна држава. На името на приватниот сектор го знемаривме општествениот т.е. државниот. Нас ќе ни треба многу време да се вратиме таму кај што сме биле пред децении, па после да се усовршуваме. Експертизи, дискусии, програми на купишта, но никаква имплементација- вели таа.
Неостварена желба
– Не беше лесно да се биде ректор, зашто ние од медицината малку знаеме за процесот на високо образование. Многу повеќе се занимаваме со луѓе, пациенти, отколку со системот. Мило ми е што за време на мојот мандат се случи педесет годишнината на Универзитетот, најзначјниот јубилеј за државата. Тоа бараше многу енергија. Можеби звучи нескромно, но за тоа време се направија многу нешта, што го подобрија нашето образование. Голема поддршка имав од моите проректори. Жал ми е единствено, што не направивме еден студентски град во касарната Илинден. Се надевам некој, еден ден и тоа ќе го оствари- вели проф. д-р Анчевски.
Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2010 година