Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Пуштај вода!

Во време кога нашите ценети градоначалници се фалат со реновирање на тоалетите во градинките и училиштата како да направиле свемирски брод, а каде што најчесто се монтирани две шољи и еден мијалник, дојден е часот да се запрашаме до кај сме со клозетското прашање, кое така фино пред неколку децении во бившата ни република, есеистички го анализираше генијалниот Богдан Тирнаниќ? Што е променето на нашите простори на оваа тема до денес, освен што уште се просеруваме кај ќе стигнеме, а нема каде човечки да се посереме!?


Клозет, нужник, тоалет, кенеф, ве – це, и.т.н. е место каде што се одлагаат течните и цврстите продукти на човечкиот метаболизам. Значењето на овој посебно ограден простор е поради технолошко – хигиенските правила кои се во функција на превентива од ширење на зарази! Старите цивилизации знаеле за ова векови пред нашата ера, па така идејата е проширувана и надградувана до денес. Еве, во ова модерно и цивилизирано доба, секогаш прецизните статистичари пресметале дека во својот животен век, секој човек во клозет поминува во просек три години. Тоа е така според законите на физиологијата, затоа што во тоалет се оди затоа што се мора, а не дека некој ептен сака. Е, точно поради ова и почнуваат проблемите.
Обединетите нации пред некое време излегоа со податок дека околу 2,4 милијарди луѓе на Планетата Земја, немаат адвекатен пристап до тоалет. Што мислите, дали сме и ние во оваа бројка? Речиси сум сигурна дека сме. Ај, по ред… Во Скопје постојат два јавни тоалети на кејот на Вардар и исто толку во Градскиот парк. Изградени се во средината на минатиот век, и најверојатно само тогаш исчистени. Истите не се во функција повеќе децении, ама и сега дури и нивното заобиколување во широк лак, може да предизвика тешки мигренозни напади, пропратени со рефлексно празнење на храноварниот апарат. Па вие чудете се зошто бандерите, тарабите, подземните гаражи, грмушките и тунелчињата во барокно Скопје, се перманентно помочани.


Што е со тоалетите во јавните установи? Еве на пример во болниците клиниките, поликлиниките, амбулантите? Е ,па нема. Има по еден за болните, што е господ да чува, ама на болните не им ни треба. Нив нели, сестрите им носат гуски. Персоналот си има свој клозет – заклучен! Енде. И професорите на факултетите во џепче си имаат клуч од свое – сопствено WC, а студентите имаат поплавени чучавци, бидејќи овој изум од средниот век никако не излегува од мода. И не е привилегија само за идните академските граѓани, туку чучавците бркаат работа и во сите средни и основни училишта, спортски објекти и сите останати установи од јавен карактер. И што сега? Ништо. Теткицата прододлжува да чисти со партал намотан на стап и да вика „не поминувај, мокро е!“


Како редовен посетител на објектите од угостителски карактер, се дрзнувам да отворам и друг аспект од клозетското прашање. Одговорно тврдам дека во мојот роден град – Скопје, постојат шака угостителски објекти во кои човек може да се олесни на цивилизиран начин. Се уште работат кафанчиња и кафичи во центарот, вклучително и во ѓоамити елитното Дебар Маало, кои си тераат турбо, а се уште мислат дека чучавците се споменици на културата од прв ред и неотуѓив дел од нашата традиција! Придружниот материјал како хартија, сапун, средство за дезинфекција, не ги ни споменувам. И така ретко кој ги користи. Газдите на овие објекти можеби потрошиле стотици илјади евра за ентериер и шминкерај, ама вецето и понатаму им е непотребна инвестиција. И точка.


Ај сега збор два, и за карактерот, навиките, обичајите и неверојатно инвентивните вештини на оние кои се приморани да одат на местата за вршење нужда. По долгогодишна опсервација на оваа тема заклучокот ми е следен: има мажи кои гаѓаат добро, има и такви што шараат. Ретко кој од нив мие раце. Ако се прашувате од кај знам, да ви кажам дека често влегувам и во машко ве – це, оти редот кај дамите секогаш е подолг. Ама затоа во женските тоалети приказната е поинтересна. Постојат три групи мочли. Во првата спаѓаат оние што можат да изведат скијачки – спуст став, што значи дека имаат силни мускули на нозете. Вторите се качуваат на даската, поради што не треба да ве чуди ако на капакот некогаш гледате траги од штикли. Третите се најуредни, па едно пола саат редат хартија на шољата пред да седнат. Секоја втора се мие, девет од десет го поправаат карминот. Тоа е.


Значи, генералниот заклучок би бил: ако невољата ве најде надвор од дома – нема спас! Ако децата на задните седишта при секое тргнување на пат, ви викаат „ми се моча“ (што без исклучок по Марфи и се случува), исто така нема спас. Очајни се тоалетите на сите бензински пумпи и друмски меани, оти нема кој да работи на каса, не па да го„менаџира“ клозетот.


И така. Во 21- от век, расчистивме со старите идеологии и имиња, но не и со клозетското прашање. Политичарите од сите сорти и интелектуални капацитети, веќе се тргнати од град до град, од село до село, да му ветуваат на народецот дека ако победат, целата земја ќе ја претворат во рудникот на цар Соломон. Ним, на патот за Европа што води преку Паљурци, ни на памет не им паѓа да фрлат една лопата за објект каде што и царот оди пешки. Не им текнува дека прашањето на општата македонска култура е во суштина клозетското прашање. За нив, прашањето за јавната, па и менталната хигиена, ако сакате е премногу минорно и небитно. А, користењето на овие суштествени и неопходни простории, секако многу зборува за општеството, за јавната свест, за нивото на културата, за луѓето воопшто. Затоа другари и другарки, браќа и сестри, граѓани и граѓанки, бањати и небањати, комуњари и северџани, почнете од клозетите. Тие не пратат од раѓањето до смртта!
И за почеток – не заборавајте да пуштите вода!

(Авторката е новинар во ezp.com.mk. Фото: Андреј Гиновски)

One thought on “Ноне Абрашева Ноциќ: Пуштај вода!

  1. None e nenadminliva, cudo od dete i super novinarka so formalno obrazovanie od sosema drug profil. Samo napred?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *