На вчерашната инаугурација на новиот американски претседател, меѓу сите максимално дотерани присутни, сенаторот Берни Сандерс се појави во топла и еколошка облека.
Фотографијата на Франс прес на која е тој со рачно плетени шарени ракавици – подарок од негова приврзаничка, веднаш почна да кружи на интернет, а корисниците се забавуваат вметнувајќи ја во други познати слики.
Сенаторот од Вермонт во кусото интервју за Си – Би – Ес вели: „Знаете, ние во Вермонт се разбираме во студ. Не се секираме да бидеме модерни, само сакаме да ни биде топло. Тоа го направив и јас денеска.“
Неговата сопруга, Џејн го подржа преку Твитер: „ Јакна од Вермонт, ракавици од Вермонт, разум од Вермонт“.
За анти – модниот стил на Сандерс пишуваше и „Вог“, објаснувајќи дека ракавиците се плетени од волна од стари џемпери, а поставени се со материјал од рециклирана пластика.
Берни Сандерс е припадник на левото крило на демократската партија и е познат по своите цврсти ставови особено, по прашањата околу екологијата.