Илјадници пациенти во Велика Британија се вклучени во државната здравствена шема за револуционерно тестирање на персонализирани вакцини за рак, што од 31 мај се изведува во 30 државни болници низ земјата и е прво вакво во светот. Станува збор за генска терапија која е персонализирана за конкретен пациент. Се очекува првите испитувања да се фокусираат на рак на дебелото црево, рак на кожата, белите дробови, мочниот меур, панкреасот и бубрезите, велат властите, но во иднина би можеле да се додадат и други форми на болеста.
Првиот пациент кој влезе во државната здравствена шема за вакцина против рак е Елиот Пфебве, 55-годишен наставник кој немал никакви симптоми, а му бил дијагностициран карцином на дебелото црево по рутинска здравствена проверка.
Вакцините против рак се форма на имунотерапија. За разлика од вакцините кои штитат од инфекција, како што е вакцините против ковид-19, вакцините за рак ги третираат луѓето кои веќе ја имаат оваа болест. Тие се дизајнирани да му помогнат на имунолошкиот систем на пациентот да ги препознае, а потоа да ги убие клетките на ракот – и да го спречат нивното враќање.
Вакцините се прават по мерка за секој болен човек, обично за само неколку недели. За да се направат, примерок од туморот на пациентот се отстранува за време на операцијата, проследено со секвенционирање на ДНК и во некои случаи со употреба на вештачка интелигенција. Резултатот е персонализирана антиканцерогена инјекција специфична за туморот на тој пациент.
Вакцините за рак делуваат со испраќање инструкција или план до клетките на пациентот за да се произведе антиген или протеин што може да ги разликува клетките на ракот од нормалните клетки. Вакцините го стимулираат имунолошкиот систем да дејствува. Имунолошкиот систем произведува антитела кои можат да ги препознаат и нападнат безопасните верзии на болеста. Откако телото на пациентот ќе ги создаде овие антитела, може да ја препознае болеста ако таа се врати.
Научниците проучуваат многу различни видови вакцини за рак и како тие би можеле да делуваат на различни форми рак. Потребни се повеќе истражувања за да се добие целосна слика за тоа колку добро функционираат вакцините и кои видови рак би можеле да ги третираат. Експертите веруваат дека тие би можеле да бидат ефективни за низа видови рак, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на дебелото црево, бели дробови, мочен меур, панкреас и бубрези.
Лекарите почнаа да ја тестираат и првата мРНК персонализирана вакцина против рак во светот за меланом, со голем потенцијал за трајно лекување на ракот на кожата. Фазата 2 од испитувањето покажа дека вакцините драматично го намалуваат ризикот од враќање на ракот кај пациенти со меланом.