Сутерен.мк

Гордана и Ханес од Генералка викенд: Рециклирање на отпадот од минатото во зелена иднина

Кога природните ресурси се користат внимателно и се комбинираат со светли идеи, оваа земја станува подобро место – за сегашните и за следните генерации. Сакаме да ги инспирираме младите и старите, девојчињата и момчињата и сите членови на нашата разновидна култура да преземат акција за да станат она што отсекогаш сакале да бидат – и можеби ќе можеме да видиме обновено и оптимистичко општество кое ќе расте во нашата земја на Сонцето – велат иницијаторите на најголемата еко-акција во Македонија

Рекордни 186 тони отпад собраа учесниците во досега најголемата акција за чистење во земјата – „Генералка викенд 2022“, организирана од Мен енд Маунтен заедно со Пивара Скопје и Пакомак, a поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Еко-акцијата се спроведе од 6-ти до 8-ти мај во 26 општини ширум земјата, а во неа учестваа над 8000 волонтери, што е за осум пати повеќе од минатата година, што воедно ја прави и една од најмасовните еколошки акции кои досега биле спроведени во нашата земја.

Иницијатори на оваа еко – активност се Гордана Софија од Скопје и Ханес Јаецкл, продуцент од Австрија основачи на австриско – македонската фирма Мен енд маунтен, кои појаснуваат дека мајката проект е всушност, „Сончева“, а во неа се опфатени проектите „Зелена Сончева“ и „Амбасадори на Сончева“. Додека пак, „Зелена Сончева“ има два дела: „Генералка викенд“ (пролетно чистење на отпад и селектирање) и „Сончева гора“ (есенско пошумување).

А за почетоците велат:

-Има само едно нешто што е посилно од најголемите финансиски, политички или социјални кризи, а тоа е идеајата што не познава етнички или полови граници, не познава возраст или степен на образование – ги инспирира луѓето, активира енергија и отвора патеки кои претходно не постоеле.

И така ја создадовме идејата за земја што е изградена на креативност, почит и љубов кон природата во која живееме и нејзините луѓе, интелигенција и талент, одржливост заснована на наследството на нашите предци и надеж. И оваа земја ја нарековме: Сончева.

Од 2019 година патуваме низ нашата Сончева и откривме исклучително интересни и иновативни луѓе низ целата земја, кои успеале да создадат производи, начин на живот или уметничка форма што им овозможува да заработат на одржлива основа за нив и нивните семејства. Некои од нив се вратија во селата на нивните предци за да ја реконструираат својата економска и еколошка рамнотежа и да ја ревитализираат нивната инфраструктура.

Сите тие луѓе ги комбинираме во живописна и шарена мрежа и ги нарекуваме „Амбасадори на Сончева“.

Но, индивидуалните производители на прекрасните производи од секаков вид не можат да постојат без инфраструктура на меѓународните корпорации кои да им го овозможат тој бизнис преку давање телекомуникациски услуги, осигурување, финансирање или дистрибуција на енергија.

Со зближување на локалните и меѓународните бизниси и објаснување на симбиотската конекција меѓу нив, можеме повторно да изградиме нова доверба во домашното производство и иновации.

Ги покануваме меѓународните корпорации и институции како поддржувачи на нашиот проект да ги намалат растојанијата и да го зголемат разбирањето и довербата помеѓу локалното население и претставниците на меѓународните мрежи.

Покажуваме дека малите бизниси не можат да опстанат без големи мрежи – и обратно! Само кога макро и микро општествата дејствуваат заедно како едно, тогаш постои шанса за значителна добивка во квалитетот на животот и социјален, економски, еколошки и локален инфраструктурен развој.

Како прв чекор кон подобра иднина, мораме да ја поправиме нашата околина. Оваа земја сериозно страда од диви депонии за отпад и недостаток на доследно управување со отпадот. Затоа ја создадовме „Зелена Сончева“ односно, „Генералка викенд“, што ќе трае 10 години – од 2021 до 2031 година и „Сончева гора“ – пошумување.

Во првата година веќе имавме вклучени повеќе од 1.000 волонтери во 10 општини кои собраа 175.000 килограми отпад во рок од три дена. До 2024 година сакаме да ги опфатиме сите 82 општини во земјава да учествуваат на „Генералка викенд“.

  • Мислите дека е доволно „Генералката“ да се спроведува еднаш годишно?

– Во Македонија сè уште имаме повеќе од 2 000 регистрирани диви депонии кои упорно ни ја уништуваат водата, ни ја трујат храната и ја уништуваат иднината на нашите деца. Со „Генералка викенд“ се обидуваме да дадеме пример дека, ако сите членови на општеството работат заедно, тогаш можеме да промениме сè на суштинско ниво и да го направиме овој живот и оваа земја рајот што би можел да биде. Ако е неопходно да се постигне таа цел, да се спроведува „Генералка викенд“ почесто во годината, тогаш ќе го направиме тоа.

  • Можно ли е воопшто на Македонците да им се подигне еко-свеста?

-Да, секако. Започнавме две активности во последните неколку месеци во оваа насока. Првата е наречена „Сончева заедница на пракса“ во која сакаме да ги повикаме и собереме на едно место сите претставници на комуналните претпријатија и инспекторите за животна средина од сите општини учеснички во „Генералка викенд“, за да разговараат за заедничките проблеми и можните решенија во однос на локалното управување со отпадот. И втората иницијатива се заснова на работата на Универзитетот од Упсала во Шведска за имплементирање на елементи на холистичко образование за животната средина во нашиот училишен систем.

Ние како држава сме во вонредна состојба кога станува збор за квалитетот на водата и воздухот и мораме да ги подучиме сите генерации Македонци на последиците што ќе се случат доколку фундаментално не го промениме нашиот пристап кон управувањето со отпадот.

Особено навиките за истоварање отпад во нашите шуми, реки, долини или покрај самите патишта, што не се само знак на негрижа и немилосрдност кон сопствената земја, туку тоа покажува и дека немаме функционален систем што би можел да спречи такви дела.

Но, менувањето на законите и ставањето високи казни нема да го направи посакуваното. Народот треба да разбере дека со своите дела го уништува животот на идните генерации во нашата земја.

  • Се презема ли одговорност на едно повисоко нивно?

-Во моментов формираме независна платформа заедно со Шпаркасе Банка за приватни и корпоративни донации. Веќе имаме барање за околу 20 000 дрвја кои итно им се потребни на општините, за да ги обезбедат нивните водни ресурси и да го подобрат квалитетот на воздухот, особено во зимските периоди.

Сè уште не сме нашле начин да ги добиеме тие дрвја од државните институции. Затоа сега ги повикуваме физичките лица, како и корпорациите во државава да донираат, за да се спаси здравјето и надежта на граѓаните кои се гушат од секојдневното загадување.

Не ни се потребни многу пари за да го подобриме квалитетот на животот во тие општини и таму наидуваме на огромна волја за одржување на тие дрвја локално.

Овие зелени острови што ги засадуваме заедно со општините врз основа на тие донации имаат исто име. Се викаат „Сончева гора“. Овие зелени острови ќе се појават во сите тие општини во следните години и ќе ја претставуваат не само општествената одговорност на компаниите што ја водат оваа земја, туку и способноста на граѓаните да преземат акција за да го подобрат животот за себе, како и за идните генерации со преземање одговорност да се исчисти отпадот од минатото за да се рециклира во зелена иднина.

Гордана Софија и Ханес Јаецкл
  • Господине Јаецкл, какви се состојбите на ова поле во Австрија?

-Мое субјективно гледање е дека еколошката свест во Австрија почна да се менува пред околу 20 години кога луѓето почнаа да сфаќаат дека количината на уништување ќе има многу посилно и негативно влијание врз целото општество и дека од економска гледна точка е многу полошо да немате организирано сепарирање на ѓубрето и капацитети за рециклирање отколку да останете на стариот пристап.

Мислам дека ова ја спаси Австрија од давење во отпад и особено од трошоците што треба да се покријат за да се отстрани тој отпад.

Влијанието што го имаше оваа промена на стратегијата сто пати докажа дека тоа е исправно решение. Големите градови како Виена, имаат највисок квалитет на живеење. Водните ресурси се стабилизирани, австриската енергетска политика може да се потпре на водата, сончевата енергија како и ветерот. Ништо од ова не беше особена наука, туку бараше само две нешта:

  1. Разбирање дека нашата средина е основата на нашиот економски и културен живот
  2. Нашата околина е она што не одржува здрави и продуктивни.

Сето ова може да се спроведе секаде и не бара многу инвестиции или средства од Европа или амбасадите.

Промената бара само една работа: разбирање на граѓаните дека нивната околина е нивното наследство, но и нивна иднина. И како што ја третираат околината, така и средината ќе ги формира нив.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *