Сутерен.мк

Роботите ќе ја преземат борбата против криминалот?

Неодамна Надзорниот одбор на Сан Франциско спроведе гласање за тоа дали треба да ѝ се дозволи на полицијата да распореди роботи опремени со смртоносни експлозиви, за потоа, неколку недели подоцна, предлогот да биде повлечен.

Ова гласање во САД предизвика жестока дебата околу милитаризација на полицијата, но отвора и фундаментални прашања во врска со улогата на роботите и вештачката интелигенција (ВИ) во борбата против криминалот, начинот на кој се носат полициските одлуки и, се разбира, смислата и целта на правосудните системи.

Во Обединетото Кралство, полицајците работат според принципот „вршење должност со согласност“ наместо со сила. Но, според јавната анкета за криминал во Англија и Велс, довербата на граѓаните во полицијата опаднала од 62 отсто во 2017 година на 55 отсто во 2020 година. Во едно неодамнешно истражување на јавното мислење во Лондон, граѓаните беа прашани дали градската полициска служба е институционално сексистичка и расистичка. Речиси две третини одговориле со „веројатно“ или „дефинитивно“.

Новиот комесар на лондонската полиција Марк Роули смета дека „службата треба да се подготви за уште поболни приказни“, предупредувајќи дека во однос на кривичните пријави, во наредните месеци се очекува на суд неделно да се појавуваат најмалку двајца или тројца полицајци. Сепак, што ако проблемот со полициското работење оди многу подалеку од корумпираност, подалеку дури и од културата и политиките што дозволуваат неконтролиран процут на дискриминацијата? И што ако тие се всушност вградени во начинот на кој човечките битија донесуваат одлуки?

Полициската должност бара секојдневно да се носат и по стотици одлуки, често во услови на екстремен притисок и несигурност: кој да се надгледува и каде да се патролира, на кои случаи и жртви да им се даде приоритет, кому да му се верува и како да се процесира истрагата. Како што објаснува Малколм Гледвел во својата книга „Трепкање“, овие брзи одлуки, често опишувани како „претчувства“, се темелат врз индивидуални општествени и емоционални искуства на поединецот, но и врз усвоените предрасуди од пошироката заедница.

Како може вештачката интелигенција да најде примена во полициската работа?

Оттука, дали вештачката интелигенција може да понуди поправеден и поефикасен начин за полициски ангажман во 21 век? Генерално, постојат два типа вештачка интелигенција: „ограничена ВИ“, која може да извршува посебни задачи, како што е сликовно препознавање, и „ВИ за општа намена“, која носи многу посложени процени и одлуки, кои се протегаат низ сите видови домени.

Втората се потпира на длабоко учење, апсорбира големи количества податоци и ги користи за континуирано приспособување и подобрување на перформансите, а притоа има потенцијал за преземање сè поголем број од задачите што луѓето ги извршуваат на работното место.

Вештачката интелигенција е веќе способна да пребарува милиони слики и да анализира огромен број објави на социјалните мрежи, со цел да ги идентификува и лоцира потенцијалните осомничени. Исто така, повикувајќи се на други видови податоци, таа може да помогне да се предвидат времето и местото на потенцијалниот криминал. Во некои одредени случаи, таа може да ги тестира хипотезите и да ги филтрира грешките, давајќи им можност на полициските службеници да се фокусираат на истрагите за кои има најдостапни докази.

Важноста на објективноста

Побрзите и поправедни одлуки базирани на докази и со помал трошок секако звучат привлечно, но првичните истражувања укажуваат на потребата од претпазливост.

Таканаречената „предвидлива полициска работа“ употребува историски информации за идентификација на потенцијални идни сторители и жртви, но истражувањата покажаа дека изворните податоци за ваквиот вид моделирање може да бидат полни со предрасуди, создавајќи на пример резултати што ги карактеризираат оние што не ѝ припаѓаат на белата раса како непропорционално „опасни“ или „склони кон беззаконие“.

Со текот на време, луѓето можеби ќе научат да немаат толку предрасуди, но дали тоа ќе биде доволно? Наместо да се води дебата што ќе може, а што нема да може да направи вештачката интелигенција во иднина, треба да се постави прашањето што треба да постигне кривичниот и правосуден систем, а и како вештачката интелигенција би можела да помогне во таа насока.

„Подарок од времето“

Малку е веројатно дека човечките амбиции ќе станат реалност со едноставна замена на полицајците со компјутери, но што би можело да се постигне ако се формира тим од човек и машина, каде што секој учи од оној другиот и му ја зголемува вредноста.

Што ако се подложат луѓето на истиот оној надзор под кој оправдано е вештачката интелигенција, изложувајќи ги човечките пристрасности и претпоставки пред постојан и конструктивен предизвик? Што ако вештачката интелигенција би можела да помогне во задачи што се повторуваат и бараат голем број ресурси, давајќи им го на полицајците она што професорот Ерик Топол – пишувајќи за револуцијата на вештачката интелигенција во медицината – го нарекува „подарок од времето“?

Ова би им овозможило да ги третираат и жртвите и обвинетите со достоинство што само луѓето можат да го отелотворат и кое го заслужуваат сите членови на општеството. Можеби на овој начин јавноста би се стекнала со доверба и согласност во однос на полицијата, од кои во основа и зависи нејзината успешна работа.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *