Сутерен.мк

Родителска рамнодушност

Имам родители кои мислам дека никогаш не ме сакале. Не се сеќавам дека мајка ми ме бакнувала, гушкала, дека ми се радувала на успесите, а од татко ми паметам само еден груб тон и закани со ќотек.

Успеав во животот да се изборам за себе. Без врски и препораки од роднини и швалери завршив факултет, магистрирав и докторирав. Имам 28 години, се омажив пред една година за мислам, добар човек, но не можеме да купиме стан или мал плац за куќа, од чесна плата, во оваа држава, тоа не е можно. Ги замолив моите родители да помогнат, со хипотека на нивниот стан, со продажба на станот, со кредит, кој ние би го отплаќале, со секакви верувајте можни решенија, со било што за да ни помогнат. Во договор со мојот ценет брат, секако. Патем, брат ми е паразит. Татко ми го вработи и го ожени, му купија стан.

Најмногу сум лута на мајка ми. Толку е залепена за татко ми што мислам дека тој кога ќе умре и неа ќе ја снема. Не сум видела жена на која мажот и е поважен од сопствените деца! Не сакаат да помогнат, а изговор им е дека сум се омажила и дека на тој што го носам презимето, тој треба да ми обезбеди дом. Ако не бил доволно маж, што се женел? Кај нас се знаело – мажот се грижи за децата и жената, а ако не е така, нека се презива по жената, па дедото ќе му ги решавал проблемите?! Нели е ова блесаво драга дарлинг и до кога вака?

Симба

Симба дарлинг, да се договориме дефинитивно – се имате само себе и се надевам, лојален животен партнер. Не изгледа така, ама доволно е!

Поразителна вистина, но има и родители кои не си ги сакаат своите деца. (Да не го споменуваме тука полот на детето како причина, оти ќе збеснам!) Тоа боли. Многу.

Меѓутоа, ќе го поминете ли животот во таква жолчност и постојано молејќи ги за нешто за што тие немаат намера да ви го дадат – разбирање, сочувство, љубов!? А не можат затоа што самите не го почувствувале истото од нивните родители. Тие се исто така, несакани деца, родени само заради традиција, инстинкти, бројност, работна рака, комшиска завист, кои никогаш (од злоба, мрза или глупост, сеедно) не успеале да еволуираат во некое попозитивно човеково издание.

Најдобро ќе им се „одмаздите“ со тоа што ќе им докажете дека нивната себичност не ве убила вас, туку токму нив: имајте деца и сакајте ги безрезервно!
Со добар економски план, секако. А тој обично гласи – без кредити и заеми, со многу гушки, бацки, пржени лепчиња, бубашваби, грозни станодавци и прекрасни пријатели кои доаѓаат кај вас зашто му верувате на партнерот, опуштени сте, со отворена куќа, раширена душа.

Бидете коректни со родителите, но дистанцирајте се на време од одговорноста да ги плаќате нивните болнички сметки во иднина. Особено, таксите за почивалиштата во Бутел. Чинат цело богатство…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *