Садистичка дружба

Хомосексуалец сум откако знам за себе и целиот живот го криев тоа од другите, но и од себе. Всушност, јас изгубив „невиност“ неодамна, со своите 40 години. Се вљубив во маж, кој е успешен, убав, култивиран, но и оженет , со две деца. Убаво ми е со него, ама се гледаме само тој кога сака, таму каде што тој сака, како тој сака. Почна да ми пречи тоа особено, откако почна да ме тера да се облекувам како женско, да се шминкам и да правам одредени работи кои јас не сакам да ги правам. Го сакам, ама не ми е пријатно сето тоа. Бара и да се дружам со неговата жена, а јас не сакам…

Хермес

Хермес дарлинг, да бидам искрена, како некој кој едвај се справува со хетеросексуалните односи, ама баш никогаш не сум ја разбирала ваквата ориентација во спалната. Всушност, јасно ми е дека маж може да се вљуби во маж и жена во жена дури, не гледам во тоа ништо лошо ни необично, но ова другото ми го мати умот.

Маж се вљубил во маж и потоа бара тој да глуми жена!? Еми, што не си побара жена, ако е таква работата!? И, обратно. Мислам, одат во теретани, ќе набилдаат мускули, изгледаат онака, фул мачо и наеднаш, ќе ги видиш во халтери и со црвен кармин на устата!? Не разбирам.

Маж сака да биде жена – ок. Жена сака да биде маж – ок. Меѓутоа, зошто некој се вљубува во маж за потоа да го претвори истиот во жена!? (И, обратно, секако.) Ризикувам да ми се нагрбат сите оние здруженија ГРДБ, МНЦС, ЛБГС… и да ме прогласат за првото што ќе им падне на памет, а го носи префиксот фоб, но за мене е премногу комплицирано тоа – сакам жена, која во креветот ќе глуми маж!?

Па има мажи да ги ринеш со лопата. Повеќето од нив имаат дури и цицки. Ги разбирам и оние кои сакаат да се нешто друго, а немаат можност тоа да се (тоа значи недостаток на разбирање од најблиските и многу пари впрочем, како и за сите фрустрации), но никако ваквите кои избираат некого па потоа, користејќи ја таа уплашеност, комплексност, збунетост се изживуваат врз него, задоволувајќи ги најсебичните сексуални перверзии.

Тој, шизикот, кога би можел сето тоа би го правел врз сопствената жена, ама таа е сигурна во своето тело (малограѓанштината си го прави своето) и не му се дава.

Ве нашол вас, па ќе вежба потенција. Всушност, не е ни битно што јас за нешто мислам. Меѓутоа, сите ќе се согласиме дека сексот би требало да е доброволно, забавно нешто помеѓу двајца свесни, возрасни, полово зрели и социјално дефинирани луѓе. Никако, некаква казна, обврска, залог, уцена…
Никој, ама баш никој, нема право на вашето тело, на вашиот дух! Се умира од осаменост, но многу почесто од препуштање на најблиските…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *