Сутерен.мк

Сакам – нејќам, ќерефекии!

Дарлинг, морам да ти ја прераскажам мојава приказна. Веќе поминаа неколку месеци откако раскинав со мојот последен дечко и се уште се осеќам ужасно поради тоа.
На почетокот, првиот месец воопшто не чувствував ништо за него, но подоцна се се смени. Јас почнав да го засакувам, но и тој мене. Делевме се, бев многу блиска и со неговото семејство. Но, наеднаш, дојде веста дека тој не може повеќе да издржи и дека сака да раскинеме, поради негови лични проблеми.

Јас се уште патам поради тоа и искрено, никого не сум сакала вака како што го сакам него. Сега тој има друга, но јас сум се уште присутна во неговиот живот. Се гледаме на неколку денови, и тоа секогаш кога седам јас со друштво тој доаѓа и седи со нас. Имав период и кога воопшто не ме рецкаше, не знам дали имам некое место во неговиот живот. Воедно се испокарав со друштвото, со мојата најдобра другарка. Но, сепак тешко ми е и не знам што да правам! Од една страна ми е страв да не се промени се на лошо, а од друга страна пак, и не можам да не бидам покрај него. Кажи ми како да се справам со сето ова, бидејќи јас не знам што да правам со самата себе…

Адријана, Штип

Адријана дарлинг, ништо не ве разбирам! Не ви се допаѓал, ама сте се „фатиле“ со него, па уште сте се сближиле и со фамилијата му, па сте делеле „се“, па ве откачил… Боже, боже…

Не сте прецизни: тој ве напушти поради лични проблеми за кои не можеше да разговара со вас и си најде друга или, си најде друга па нормално, после не можеше да разговара со вас!?

Се извинувам, ама тука нешто не е јасно. Како тоа, не можел со вас да дискутира за некои демек, ептен интимни прашања и поради нив ве остава за потоа да е со женска која…? Што? Има трето око!? Не мора со неа да муабети, туку таа му чита мисли?!

Драга моја, кога некој ве нејќе, ве нејќе, а кога вие го сакате најчесто е заради тоа што тој ве нејќе. (И што е она „ми е страв да не се промени се на лошо“ ?! Ќе ве удри метеор?!)

И средете го својот социјален живот. Не може да им „раскинувате“ туку така на пријателите. Разговарајте. Извинете се, ако треба. Пријателството е многу побитно и инвестициски пооправдана релација отколку хормоналниот рингишпил. (Види, види, каков „маж“ е тоа _ најлесно му е да се наметне пред публика, г’зот не му држи за на само откако ја зашљакал!) Сте избрзале со „врскава“, ама не е крај на светот! Напротив. Почеток е. На вашиот.

Има мажи (и жени, секако) кои многу сакаат да си играат „мачка – глушец“. Моето искуство е дека со ваквите сакам – нејќам ќерефекии само се губи драгоцено време и нерви. Едноставно, не вреди!

Баталете ја суетата, баталете го него. Што ќе ви е и да ви се врати?! Зарем така лесно ќе преминете преку сета таа лакрдија?! Можеби, ако тој има банкарска сметка со барем, милион евра од кои барем половина ќе ви ги подари. А нема. А и да има, нема да ви ги подари.

Отидете некаде на гости, во друг град, село, планета, ако можете. Секогаш велам – човек копнее само по она, што го гледа секој ден!

Некои ќе речат дека клинец со клинец се избива. Може и тоа, но ефектот е многу кусотраен. Ви ја разбирам повреденоста, но морате да се натерате да одите понатаму. Правете се што ќе ви ги отргне мислите и уличките кон него и повторувајте: Ако можев вчера без него, ќе можам и денес, ако можев вчера, ќе можам и утре…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *