Сутерен.мк

Самуел Садикарио: Кога губиш, најтешко е да изговориш љубов, а друг збор немаш

Евреите во нашава земја денес се вистинска реткост. Причината за тоа е што во мугрите на 11 март во 1943 година, бугарските фашистички војници собраа 7. 148 Евреи: деца, старци, мажи, жени, девојки и момчиња од цела Македонија и беа затворени во скопскиот Монопол, а потоа со три транспорти, на 28 и 31 март и на 5 април, беа однесени и експресно погубени во логорот Треблинка. Со тоа речиси е сотрен народот кој на македонската почва е дојден векови пред Христовата ера

Професор доктор Самуел Садикарио (роден во Скопје, во 1950 година) е еден од оние потомци на еврејските семејства кај нас, кој деновиве се врати од Израел, каде што присуствуваше на свадбата на својата постара ќерка Хана. „Ќерка ми се омажи во прилично религиозно семејство, а морам да признаам дека ние дома не сме биле никогаш премногу склони на религијата. (Мојата мајка знае да рече дека ’по холокаустот, Бог не може да го има’.) Така што малку ме изненади тој ритуал на венчавката, а особено бев збунет што сето тоа се одвиваше на хебрејски јазик, што не го разбирам. Во таа строга и свечена церемонија, вистинско олеснување ми беше кога пристигна Ави Козма, рабинот од Македонија, и кога ми појасни дека свештениците цело време зборуваат само за доблестите на невестата.

Така вели човекот кој е лекар по професија, хуманист по убедување, филозоф по вокација и кој пред извесно време, заедно со професор Иван Бабановски, ја објавија книгата „Портрети на злосторниците: Јасеновац – балканскиот Аушвиц“, а за искуството додека ја подготвувале, ќе рече дека му било многу мачно, дека се разболел за време на собирањето на податоците и сведоштвата за злосторствата што се случувале во логорот. „Јасеновац е погрозен од Аушвиц. Тој е дното на човековата душа. Информациите во книгата ме вратија во почетокот на егзистенцијата, на наполно преиспитување на се човечко и животинско. По тие злосторства, не е доволно да се каже ’човекот е полош од животните.’ Зашто тие луѓе не правеле ништо автоматски, тој садизам е мисловен процес. Несфатливо“, со голема тага потенцира доктор Садикарио, чии предци, исто така, се убиени во Треблинка. Неговите родители се преживеани зашто едноставно на тој 11 март се нашле на „друго место“.

Историја

„Евреите на Балканот се оние што не се покрстиле во античкиот период или во средниот век“, ја започнува тој фамилијарната сторија. „Тие потеклото строго го одредуваат по мајката, а мојата е од семејството Калонимос, со директни предци од Јанина, кои било исклучително мобилни и дел од нив се преселил во Битола. Тамошните Евреи, наречени Роамниоти, поради потеклото од Римската Империја, зборувале антички јазик ’јаван’ што е, всушност, антички јазик ’коине’ со примеси од старохебрејски, а дошле на Балканот од првата дијаспора, т.е. во времето на новиот Вавилон. Оттаму емигрирале по должината на Медитеранот – денешна Италија, Шпанија и Франција.

„Сите најблиски беа убиени. Ја изгубија верата во Бог и нивното разочарување во луѓето беше пустошно. Меѓутоа, никогаш не ја пренесоа депресијата врз мене“: Жамила Колономос, Ели Визел, Аврам и Самуел Садикарио

Калонимос биле познати рабини, талмудисти и кабалисти. Според пишувањата од средновековни и модерни историчари, тие уште во 6 век се селеле во Рим, а потоа во Франција. Од оваа фамилија по мајка, е еден од најголемите рабини – Раши, од 11 век. Инаку, во 8 век Карло Велики имал близок пријател од лозата Калонимос на кого му овозможил населување во Мајнц. На други членови им дале ројалистички титули (’принцови’) со големи авторитети и имоти, бидејќи нашле врска со имињата од Септангитата. Тие ги пренеле Талмудот и Кабалата во Европа, од Балканот и од Вавилон. Мешулам бен Калонимос е најпознат рабин од 11 век, а неговиот син Исак загинал како водач против крстоносците во Германија во 1096 година.

Потоа, во 13 век се забележани три големи имиња од Калонимос, кои се дедо, татко и син – Самуел, Јехуда и Елеазар, а тие се забележани како основачи на хасидизмот. Во Италија има поети и трговци од оваа фамилија, а кај некои името е трансформирано во Колон. Калонимос се среќава во Шпанија на списоците на инквизицијата, што укажува на комуникацијата со Византија.

На Балканот, по традиција, од оваа фамилија има рабини, математичари и банкари, кои се доселиле во Солун, Атина, Јанина и Битола, како што е дедо ми Исак Колономос. Холокаустот ја уништи речиси целата фамилија. Некои се отселија пред војната во Франција и во САД, а овде преживеаја мајка ми Жамила Колономос, благодарение на тоа што се придружи кон партизанскиот отпор спрема нацизмот. Мајка ми е посветена и денеска целосно на борбата против нацизмот, но и на сеќавањата на Евреите и јазикот ’ладино’ (старо-шпански или еврејско-шпански јазик н.з.), кој го зборувавме дома“, раскажува нашиот соговорник и додава дека што се однесува до страната од татко му, иако е мошне интересно потеклото на името Садикарио, не може да најде ништо за движењето на оваа лоза повеќе од 250 години наназад.

„Од една страна мило ми е што и двете се ете, во за нас, Светата земја, но од друга страна, со сопругата навистина многу ни недостасуваат и тешко ни е што се толку далеку“ : Сопругата Нада, ќерките Леа и Хана (стојат), мајката Жамила и Самуел Садикарио со пријателка од Франција

„Доаѓаат од Костур, а подоцна се среќаваат во Солун, Битола, Атина, Родос и во Истанбул, а меѓу двете светски војни и во Скопје, Приштина и во Белград. Речиси сите се убиени за време на холокаустот во логорите Треблинка и Аушвиц. Татко ми Аврам и чичко ми Хаим ја избегнаа првичната депортација како учесници во револуцијата против нацизмот. Потоа и обајцата беа во логори, Аврам во Плевен (Бугарија), а Хаим во Матхаузен, ослободени од сојузничките армии.

Чичко ми беше економист, прв шпедитер во Македонија, кој основа голема државна компанија („Макошпед“) со централна улога на Балканот. Татко ми стана професор по педијатрија, подоцна ученик на познатите педијатри Дебре, Жулиен Мари, Жан Бернар, Јаковлевиќ и Чупиќ, а овде беше основач на детската хематологија, онкологија, кардиологија и ревматологија, како и на новата Детска клиника во Скопје.

За разлика од името, фамилијата ги губи трагите во минатото. Речиси сите имиња од Битола може да се најдат во споменатите списоци од средновековна Шпанија, но Садикарио се губи. Веројатно тоа се должи на екстерминации и прогонства што се одвивале без евиденција или правење списоци. Заклучок е дека потеклото носи достоинство, но не ја носи и среќата“, вели доктор Садикарио, кој за време на земјотресот ја изгубил и единствената сестра Чедомирка, всушност, полусестра од првиот брак на мајка му Жамила со народниот херој Чедомир Филиповски.

Верба

„Сестра ми на 27 јули 1963 година требаше да наполни 18 години. Бевме многу блиски и за разлика од мене, таа многу сакаше да биде Еврејка. Нејзиното загинување беше уште еден тежок удар за нас. Особено за мајка ми. Трпението на оној што го изгубил најсаканото е посилно и од најголемиот хероизам. Се што можев беше да и ја понудам мојата приказна што ја објавив во книгата ’Столбови на мудроста’. Кога моите родители се вратија, нивните куќи беа неоштетени, но во нив имаше некои туѓи луѓе и никој од блиските. Сите најблиски беа убиени. Ја изгубија верата во Бог и нивното разочарување во луѓето беше пустошно.

„Сестра ми на 27 јули 1963 година требаше да наполни 18 години. Бевме многу блиски и, за разлика од мене, таа многу сакаше да биде Еврејка. Нејзиното загинување беше уште еден тежок удар за нас. Особено за мајка ми. Трпението на оној што го изгубил најсаканото е посилно и од најголемиот хероизам.“

Меѓутоа, никогаш не ја пренесоа депресијата, омразата и чувството на мизерија врз мене, или врз мојата сестра, но нејзиното рано заминување од овој свет беше претешка болка врз болката. Со текот на времето, тие собраа дух да се среќаваат со други луѓе, да патуваат, да помагаат, да држат предавања, да пишуваат и… да љубат. Ете, луѓето си одат, а љубовта се враќа. Кога губиш, најтешко е да го изговориш зборот љубов. Меѓутоа, друг збор немаш. Мораш да учиш да го изговараш бескрајно. Љубовта се учи. Верувај. Секогаш гледај пред себе – ме советуваа родителите кога и јас бев најтажен – твојата надеж и твоите шанси се само таму.

Што можам да додадам повеќе кон ехото на тешките судбини? Кога ќе го изгубиш најсаканото или, пак, сите од нив, постои само уште едно што ти останува – создај љубов која ќе биде уште поголема“, смета д-р Садикарио и додава дека баба ја викал мајката на Чеде Филиповски, а освен неколкуте братучеди што ги има, роднините му ги замениле семејството на сопругата Нада, пријателите, без разлика на која религија им припаѓаат.

„Библиската порака е дека луѓето се еднакви. Ако сме искрени, јас сум, всушност, битолски националист“, се смее докторот, алудирајќи на битолското потекло на своите родители и додава дека себе си се смета, пред се, за Македонец, а потоа Евреин.

Инаку, Самуел Садикарио е редовен професор по интерна медицина, кардиологија и ендокринологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Добитник е на стипендии од Фулбрајт и од Британскиот совет, како истражувач на Американските национални институти за здравство, Универзитетот Браун (САД) и Њукасл во Англија. Работел со експоненти на науката каков што е нобеловецот Леон Купер. Иницијатор е во формирањето на Школата за јавно здравство, Факултетот за сестринство, Институтот за холокаустот, потоа центрите Киванис и Мајка Тереза, Институтот за хендикепирани лица и на Израелско-македонската комора. Автор е на книги и есеи од областа на медицината, јудеизмот и своевидна експериментална поетска филозофија. Тој е теоретски истражувач на математички модели во биофизиката и биологијата.

На прашањето дали е лекар, физичар, филозоф или нешто друго, одговара: „Јас сум само мисловен композитор на неочекувани посакувања. Добрината не е потребна за да се избегне болката, туку за да се спаси комуникацијата. Етиката не треба да биде мачнотија од стегања и забрани, туку креација на нови одговорности“. На разделување, професорот Садикарио само се насмевнува и дофрлува: „Не е битно, всушност, кој од каде е и на кој народ припаѓа. Страдања ќе има се додека човекот не научи да му ги прости на другиот успехот и слободата“.

Претставена е една од најмрачните тајни

Мајката на Самуел Садикарио, доцент Жамила Колономос, професорка по француска филологија и писателка, по повод излегувањето на книгата на Бабановски и на нејзиниот син, ќе рече: „Авторите истражувале, документирале и ч ја претставиле на јавноста една од најмрачните и најчуваните тајни во една од федералните единици на бивша Југославија: усташкото движење и колаборацијата на Анте Павелиќ и неговата Независна држава Хрватска со Третиот рајх доведоа до создавање една фашистичка монструмска држава во која беа извршени ужасни злосторства против човештвото.

Стотици илјади невини луѓе, кои со актот за ариевската раса беа изоставени од правото на правдата, биле на најѕверски начин убиени, откако биле ограбени и искористени во погоните на смртта што биле организирани во десетина концентрациони логори на територијата од нацистичката НДХ. Секако, најстрашни според бројот на егзекуцијата на Срби, Евреи, Роми и други невини луѓе беа Јасеновац и Стара Градишка, логор за жени и деца. Во почетокот и на крајот како светилник се запишани зборовите на нобеловецот Иво Андриќ: ’Раната што се прикрива тешко и болно зацелува.’

Испишаните содржини на 250 страници, со 60 страници илустрации и богата библиографија, ќе бидат сведоштво за македонските читатели, особено за младите, кои не се целосно запознати со голготата на македонските Евреи кои беа ѕверски убиени во концентрациониот логор Треблинка“.

Иван Бабановски
Не се врати ни еден Евреин!

  • Како и уважените борци против воените злосторници и виновниците за холокаустот Симон Визентал и д-р Ефраим Зуроф, сметавме дека за некого 65 години се можеби долг временски период и дека е дојдено време да заборавиме и да простиме, да не трагаме по убијците одговорни за ова ужасно злосторство… Меѓутоа, таквиот став би значел сквернавење на споменот на жртвите, изедначување на крвниците и жртвите, што би отворало пат кон нови злосторства, како што е овој холокауст со геноцидни елементи. Тоа би го охрабрувало злото да се обиде да доминира над доброто…
  • Нашите сограѓани, Евреите од Македонија, беа интернирани од страна на бугарскиот фашистички окупатор и вкупно 7.148 жени, деца, постари болни и снемоштени лица најпрво беа затворени во импровизираниот логор во Монополот, денешен Тутунски комбинат „Благој Деспотовски – Шовељ“ во Скопје и за десетина дена во товарни вагони, без храна, вода и огрев, под страшни маки, беа упатени во концентарациониот логор Треблинка од каде што не се врати ни еден депортиран македонски Евреин. Долго време македонскиот народ беше под страшно сомнение дека не им помогнал на своите сограѓани Евреи, а злосторниците што го извршија ова злосторство, бугарската фашистичка окупаторска војска и полиција во Македонија, повеќе децении се претставуваа како хуманисти и закрилници на прогонетите Евреи за време на хитлеровото фашистичко владеење во Европа.
  • За стореното злосторство, со огромен неморал, својствен на некои бугарски политички кругови од тоа време, царот Борис во САД дури и доби еден паметник како благодарност од еврејскиот народ за заштита на Евреите во времето на прогонот. Навистина, и жално и неправедно. Македонските граѓани во поединечни случаи им помагаа на своите соседи, пријатели и познати Евреи, криејќи ги од бугарските фашистички власти и од тајната полиција. Меѓутоа, македонскиот народ не можеше поорганизирано и побројно да ги заштити Евреите, од едноставната и општопозната причина што и самите Македонци беа окупирани и стенкаа под злосторничката фашистичка бугарска чизма.
  • Низ Народноослободителната борба израснаа како феникс и се спасија од сигурна смрт десетици македонски Евреи кои и денес живеат во својата македонска држава, пренесувајќи го ехото на историјата. Тие благородни луѓе, во партизанските одреди на НОВ на Македонија и ПОЈ се бореа против најголемото современо зло во најновата историја на 20 век – фашизмот, во слободната татковина Македонија продолжија да се вградуваат себе си како ангажирани творци на светлата македонска историја.

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *