Сутерен.мк

Сведочења на членовите и симпатизерите на “Десна”

Обвинетиот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо своите симпатизери и членови ги придобил преку јавните настапи и поткастите што често ги водеше. Партијата „Десна“ немала пари и се финансирала од македонската солидарност, но следбениците на Палчо имале голема доверба во својот лидер.

Ова можеше да се заклучи од сведочењата на членовите и симпатизерите на партијата која ја водеше Палчо, а кои сведочеа во Кривичниот суд. Сите од сведоците го познаваа Палчо и сите комуницирале со него, а од другите обвинети најдобро го познаваа Влатко Кешишев и Велибор Манев, додека Боре Видевски ретко го гледале во партијата. Таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој исто така е обвинет, само еден од сведоците кажа дека во емисија слушнал дека тој заедно со мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска присуствувал во седиштето на партијата кога било на „Адвокатска уличка“, но тој не се сеќава дека ги има видено.

Седиштето на партијата од „Адвокатската уличка“ се преселило во Кисела Вода, а непосредно пред убиствата партијата пак се селела и сега се наоѓа спроти Народна банка. Сите сведоци го имале видено пиштолот на Палчо што секогаш му бил на дофат, а кој му бил одземен затоа што имал дозвола само за поседување, а не за носење со себе. Го носел заради негова безбедност откако пред својот дом бил нападнат со метални шипки.

Палчо своите поткасти ги снимал во седиштето во Кисела вода и практично таму спиел доле, на под во вреќа за спиење. Освен пиштолот сите сведоци во седиштето ги имале видено радио станиците кои ги спомена полициски инспектор во сведочењето и откри дека Кешишев им кажал дека на местото на убиството на Вања комуницирале преку радио станици.

Негов најверен следбеник бил Кешишев кој секогаш бил во седиштето на партијата, таму спиел, варел кафе, правел ручек и го шетал кучето на Палчо.
-Ми беше чуден нивниот однос, беше поданички. Кога им зборуваше на висок тон, тие не возвраќаа, не влегуваа во расправија, еден од сведоците Ѓорѓи Џолев кој бил претседател на Централниот комитет на партијата.

Одговарајќи на прашање на судијата Ивица Стефановски, да го опише тој однос, Џолев кажа дека му изгледал како умилкување кон Палевски и дека никогаш не ги видел да се скараат.

Џолев всушност му го дал на користење на партијата возилото „Рено кангу“ кое учествуваше во грабнувањето на девојчето бидејќи не му требало и му било битно само некој да го одржува возилото. Тој живеел во Исланд, но се враќал и во Македонија па за партијата плаќал сметки за кирија, струја, интернет…

Васко Стојков, адвокатот кој пак го возеше Палевски до Србија и бил адвокат на партијата сведочеше дека самоиницијативно го однел Палчо во Белград кој му тврдел дека сакал да оди таму за да ја оперира кичмата. Палевски и Кешишев го побарале сабајлето, три дена по убиството и го прашувале дали има отворено нотар за да извади зелен картон и со возило да оди во Белград. Стојков тргнал накај партијата, но Палчо не бил таму, туку со некое непознато лице во стан кај ПИОМ.

-Ништо не ми беше чудно тогаш, а од овој аспект чудно ми е што Љупчо беше во тој стан, рече Стојков кој објасни дека со Палчо се знаеле од 2017 година, а ги запознал Јовица Страшевски кој сега му е адвокат на Палчо.

Адвокатот откри дека Палевски имал финансиски проблеми и за три години лично тој му имал позајмено 20 илјади евра.

-Му позајмив пари, со кои спаси стан од извршување. Го продаде станот во Аеродром, ми ги врати парите – рече Стојков.

Тој го однел Палевски во Белград, 1500 евра му дал адвокатот, а сам извадил уште 1500 евра кои му ги испратил пријател. Откако се вратил од Белград, Палевски му јавил дека нема да оди на преглед туку ќе преспие во Ниш и од таму ќе оди во Турција.

Откако полицијата го привела Кешишев и уште две други лица, Стојков бил на распит во полициската станица Пролет. За време на распитот се јавил Палевски и пред инспекторите му кажал дека е во Турција и објаснил дека на денот на убиството се движел во Дебар маало кај мајка му. Тој му кажал на Палевски дека се споменува дека е сторител на убиството на Вања и дека ако не е виновен треба да се врати и да каже. Уште тогаш Палевски тврдел дека го местат.

Освен сведоците, следбеници на партијата „Десна“ сведочеше и тетката на убиената Вања. Таа не ги познаваше обвинетите, но за таткото на Вања кажа дека барал од неа да му прати порака на Илон Маск за да го бара девојчето преку сателит. Таа се чудела на неговото барање, но тогаш сите биле во паника.
За убиството на девојчето освен Палчо кој се товари дека го убил девојчето и велешанецот за „користољубие“ обвинети се Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и таткото на девојчето за помагање.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *