– Првпат ми бевте посочен во полициска станица како монструм, ниту ве знам ниту ве познавам. Ниту, пак, знам некој што ве познава од втора рака – кажа обвинетиот Александар Ѓорчевски одговарајќи на прашање на Љупчо Палевски, првообвинет за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Ова беше и единственото од прашањата на кое Ѓорчевски му одговори на Палевски. На неколкуте други тој само велеше: „Немам коментар”.
Другите прашања на Палевски се однесуваа на тоа дали Ѓорчевски слушнал од таткото на неговата поранешна сопруга Зорица или од некој друг дека имале проблеми со него при купувањето на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“ од каде што беше грабната Вања.
„Рековте дека при истрагата полицијата ве третирала како ретардиран, а денеска видовме слични (ретардирани) прашања од обвинителството. Доколку јас и вие сме биле во дослух за да ја принудиме Зорица Ѓорчевска да даде пари, не е логично да биде убиена Зорица Ѓорчевска и во тој случај ќе наследевте се”,
праша Палевски.
На ова прашање приговор вложи бранителот на Ѓорчевски, кој рече дека такво нешто никаде не е наведено во обвинението. Судијата Ивица Стефановски го одби приговорот, но Ѓорчевски повторно одговори со: „Немам коментар”.
Палевски го праша Ѓорчевски дали знаел дека сведокот Гоце Трајковски ѝ пренесувал информации на полицијата за однесувањето на Ѓорчевски и дека го снимал, но не доби одговор. Палевски праша и за тоа што се случувало додека Ѓорчевски бил во притвор и за прашањата што тој и останатите тројца обвинети (Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски) ги добивале од тогашниот директор на затворот.
„Немам коментар”, рече Ѓорчевски и на ова прашање.
По прашањата на кои не доби одговор, првообвинетиот Палевски го повтори она што и претходно го кажа.
„Ѓорчевски е неправедно обвинет”, рече Палевски.
На денешното рочиште прашања на Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка, поставуваа обвинителките Жаклина Кратевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска. Нивното испрашување траеше повеќе од четири часа, во кои имаше и две паузи од по 15 минути. Ѓорчевски повтори најголем дел од она што го кажа во исказот од понеделникот, кога беше испрашуван од неговиот адвокат. Меѓу другото рече дека, ако полицијата си ја вршела работата и ако регистарската табличка од одземениот „ситроен“ навреме биле ставени во системот “Безбеден град” тогаш денеска ќе се зборувало само за убиството на велешанецот Панче Жежовски.
Кажа и дека не била само негова сугестијата дека Вања е грабната туку дека тоа го мислеле и други од семејството. Обвинителките во голем дел се задржаа и на делот околу становите кои биле префрлени на децата, но не била извршена солемнизација пред нотар за да бидат впишани како сопственици во имотен лист.
Неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ во изјава за медиумите по завршувањето на рочиштето рече дека е задоволен од тоа што денеска се случуваше во судницата, бидејќи, како што посочи, уште еднаш се потврдило дека неговиот клиент нема врска со случајот оти е неправедно обвинет.
Адвокатот имаше забелешка на дел од прашањата од обвинителството кои, како што кажа, биле дискредитирачки кон неговиот клиент како личност.
„Обвинителството може да дискредитира исказ на обвинетиот, но не може да го дискредитира обвинетиот како личност”, кажа адвокатот.
Денешното рочиште го оцени како преиспитување на се она што кажал Ѓорчевски во истрага и во неговиот исказ пред судот. Прашан дали очекува Обвинителството да го повлече обвинението против неговиот клиент, Туфегџиќ рече дека засега би се воздржал од очекувања.
Сепак, додаде оти се надева дека во догледно време Обвинителството ќе смогне сили да го признае она што одбраната од почетокот го тврди, а тоа е дека Ѓорчевски е неправедно обвинет.
Следното рочиште судијата го закажа за в понеделник (14 април). Тогаш треба да приврши испитувањето на Ѓорчевски со прашања од судијата, а процесот да продолжи со исказ на првообвинетиот Љупчо Палевски.