Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Еден, два, три…

Подолго време вежбам да заборавам некои настани, средби со небитни луѓе, навреди, болести, удари од кои тешко сум се кренала, јас или моите најблиски. За сега тешко ми оди, а и тешко ми паѓа кога ќе почнат да ми се обвиткуваат околу помнењето, па повторно и повторно ги преживувам, доживувам. Се тегнам да ги оттргнам од себе барајќи, некогаш и наоѓајќи причина дека не се вредни да ми ги затемнуваат мислите. Ги оправдувам околностите и се повикувам на Севишниот или Небесата, како што вели мојот роднина атеист, дека тој ми пратил знак, а јас не сум го разбрала.

Одамна сфатив дека луѓето кои ги сметам за блиски „немаат“ време да им раскажувам ниту за моите убави случки, а уште помалку за нешто лошо што ми се случило. Страв им е да слушаат убавини затоа што мислат дека тие ги немаат, а уште поголем страв им е да им раскажувам за непријатните и тешки мигови. За вторите, затоа што страхуваат дека ќе им ги пренесам како инфекција. Хм!


За моја среќа или благодет е што физички сум далеку од градската врева и смрадот кој силно задира во ноздрите и ги блокира белите дробови целосно да го вшмукаат. Затоа пак, ги имам дрвјата во пространиот двор низ кој безгрижно играат двете миленичиња. Со нив споделувам по една куса реченица, а тие со весело или тажно вперени очи ме сослушуваат и ми се виткаат околу нозете како поддршка. Нивните сетила се многу посилни и уште повеќе разумни отколку било каков збор од оние што постојано „немаат“ време. Моите најверни пријателчиња отсуството ми од дома го обележуваат со самоизгладнување, а враќањето со скокање во вис и весело цимолење и умилкување. „Колку повеќе ги запознавам луѓето, толку повеќе ги сакам животните,“ чинам забележал Сартр.

Изминатите безмалку две години, кога стравот за животот или стравот од смртта го зафати светот, неверојатно за моето поимање, дознав колку луѓето се плашливи. Нивниот страв секојдневно го засилуваат со црни вести од медиумите, социјалните мрежи, од политичарите и од разговорите со таквите како нив. За тоа имаат време и премногу. Кога стравот од смртта наводно ќе го намалат иглите со некаква спасувачка содржина, започна кампањата со разноразни реклами. Се за спас на човештвото. „Сите ние примивме спасоносна содржина. Зошто се бунтуваш тетка, па ние сакаме да помогнеме да се справи светот со ова зло“, ми пишува само една од моите роднини од Србија. За по два месеца да ми соопшти дека татко и починал, а не бил болен од ништо.

Тврдоглава, „антипротивна“ (ха,ха!) на се и сешто, а толку оптоварена со желбата да мрднам од оваа вукојебина и барем децата да си ги видам, се пријавив да ми вбризгаат и мене од таа содржина. Веќе ми се испразни и онака празниот џеб со плаќање за стаповите кои што до очите ми ги буткаат низ носот, па вртат како да чистат дно од некаков сад. Ем давам пари, ем потоа носот и грлото ме болат, а башка што чекам резултатот да биде негативен. Убитачна неизвесност! Чекам да ми пишат дека сум негативна, иако моите велат дека секогаш сум негативна.

Одлучив да ми вбризгаат од таа „спасоносна“ течност без оглед на фармакобрендот. И без тоа секој ден го почнувам и го завршувам со шака лекови, па што ми даде Господ. Ха,ха! На спасоносниот пункт среќавам многу луѓе. Познати и непознати. Тие што излегуваат ми велат дека убодот не боли. Се насмевнувам, оти според мене убодот најмалку е важен. Нејсе! Седнувам и чекам сестрата да добие доза од Фраер. Најдобра. Со две од неа можеш да одиш секаде. Каква иронија! Сестрата си ја завршува својата работа, останатите ја довршуваат процедурата, а никој ниту ми мери притисок, ниту ми го преслушува срцето, дробовите. Важно им е бројката да се запише, „па ком опанци, ком обојци“. Филантропите мислат на нас.


Првиот ден потоа чувствувам главоболки и трнење на вратот. Пијам редовна терапија и не обрнувам внимание. Вториот ден, се дополнува трнење на рацете, па земам магнезиум. Третиот ден, трнење на десната страна од лицето и екстремитетите. Следниот ден, не обрнувам внимание на трнењето, туку тргнувам на шетање со Пепи и немам сили. Запирам, а имам чувство дека ќе паднам. По некое време забревтано стасувам дома. Наредниот ден ја скусувам патеката за шетање со францускиот булдог ама трпките, главоболката, обессиленоста си тераат по своето. Гледам расцутени дрвја, запирам пред миризливите огради и се враќам дома да завршам работа. Веќе не ги бројам деновите, оти секој ден по нешто ново се додава на претходното и се е тоа нормално. Нели реакција на вакцина мора да има. Хм!

Дента кога спасоносната течност имала многу работа да ме надвладее десната страна од лицето, раката и ногата беа студени и речиси нефункционални. Градниот кош се бореше со остри сечила кои предизвикуваа прекини во дишењето дури и на чистиот воздух. Попладнето го мерам притисокот и забележувам дека е 180/120. Не ми е првпат. Се фаќам за лексилиум и голтам шест милиграми, за да легнам и да отспијам. Не помага. Станувам од креветот и земам уште толку, а потоа веќе не се сеќавам на ништо. Имено, повремено во креветот чувствувам силни главоболки и немоќ да се поткренам. Не знам ниту кој ден е, ниту кој дел од денот. Кога ќе ги подотворам очите да се одвлечкам до тоалетот гледам дека Пепи лежи во близина на креветот и не мрда. Повремено чувствувам дека имам потреба да јадам сладолед. Моето јадење било повеќе на масата отколку во сувата врела уста. И обидот да пијам кафе-исто. Не знам ниту кој ме барал на телефонот, ниту кому сум пишувала пораки, ниту кој што ми кажал. За моја среќа во сета несреќа сопругот не ме однел на лекар, оти тоа го забранив уште кога почна светското лудило. Што и да ми се случува-остави ме, или ќе преживеам или ќе се случи тоа што треба да се случи.

Од петок, до наредниот четврток кога ќе ги отворев очите ја погледнував Пепи како непомично лежи во близина на мојот кревет. И никој друг.
Во четвртокот Исидора, внука ми оди на матурска забава. Сопругот ме повикува дали можам да станам оти брат ми со помалата внука е дојден да ме види. Станувам и чувствувам миризба на бурек со месо (а тоа со години не јадам). Толку убаво ми мириса, но не ни помислувам да јадам. Не знам дали се сеќавам, или тие ми кажале дека сум рекла: „ Ако ми биде подобро до 17 часот, ќе дојдам, ако не, нека и е среќна матура“, и пак сум се струполила во креветот.

Во 17 часот ме крева некоја сила и одам да се туширам. Тешко се задржувам на нозете, но сепак се освежувам. На сопругот му велам да ми донесе сандали, а јас облекувам фустан и ставам кармин. Сопругот ме прашува каде мислам да одам таква. Немам поим каква сум, ама знам дека сакам да одам да ја видам мојата внука матурантка. Сопругот ме придржува додека се занесувам по скалите и стасувам во станот на брат ми. Подоцна снаа ми ми вели дека не верувале дека сум јас. Дека воопшто сум успеала да дојдам. И, ја гледам Исидора убава, весела, се радувам со неа. За час и половина таа заминува на прослава, а јас дома и пред да се струполам во креветот чувствувам глад за бурекот со месо. Го јадам, а толку вкусен бурек чинам никогаш во животот не сум вкусила. Пијам редовна терапија и едвај се довлекувам до леглото. Пепи се сместува на истото место покрај мене. И утредента не можам да ја поткренам главата. А попладнето, Пепи наеднаш скока од своето место, ме фаќа за рака и почнува да ме влече.


-Не можам, Пепи!, Не можам, се опирам.
Таа е упорна и по четврт час натегање, и ветувам дека ќе станам, но првин да се облечам. Ја фрлам пижамата, се облекувам и тргнувам кон вратата, а Пепи е покрај моите нозе, небаре ќе ме задржи ако почнам да паѓам. Таа тргнува по скалите. Се фаќам за гелендерот и полека прекрочувам една по една. Таа е скала пред мене и ме чека. Се симнуваме во дворот, полека стасувам до шахтата и седнувам да вдишам од чистиот воздух. Пепи ми легнува до нозете и се мести да ја милувам. Ми ги стега нозете да не станувам, оти очигледно ја чувствува мојата немоќ. Не знам колку време сме останале така. Не се сеќавам ништо друго. Ниту како сум се вратила пак во креветот. Се сеќавам дека таа ноќ леглото веќе ми беше неудобно, а Пепи се врати во нејзиното во друга соба.

Братучед ми од Србија ми јави дека починала вујна Неда, вакцинирана со две дози… „Беше добро, не знам што се случи!“ Ми соопштува со плачлив глас.
-Тоа ти беше од лексилиумот, кој знае колку си испила?!, ме прекоруваат сопругот и синот.
– Се смеам и ги прашувам дали се јавиле на матичниот лекар да му кажат дека сум испила голема доза лексилиум.
-Секако дека се јавив, а тој ми рече дека сигурно не сум испила голема доза, а и ќе преспијам и ќе ми помине.
-Аха, колкава е таа доза лексилиум што ме држела во бесознание една недела!? А не си му споменал за Фраерот!?
Не му паднало на ум за тоа.

Со задоволство климнувам со главата, оти можеби ќе ме однеле во болница. А толкава доза лексилиум пијам кога имам несоница речиси секоја втора вечер, па се будам по шест часа. Ха!
Потоа по нешто ми раскажаа како сум изгледала и што сум бладала. Не сакаа да ми кажат се, оти веројатно полесно им е непријатноста да ја заборават…
Продолжив со опоравување и ете го Фраерот пак ме вика. Спасувањето на здравјето и продолжувањето на животот за моето и за доброто на човештвото ќе го прифатам. Ќе одам и на втора средба. Подобро јас да сум дел од експериментот, отколку моите деца, моите внуци и нивните генерации.

Пред пунктот стојат војници во униформи. Вау!
-Зошто сте тука?, зачудено ги прашувам.
-Се плашите ли од униформа и од оружје?, наместо одговор прашува едниот од нив.
-Не, не се плашам, но не сакам да ве гледам тука, оти ми враќате сеќавања на едно лудо време. Тој љубопитен продолжува со прашања.
– Ма иди преко чичинога, процедувам низ стиснати заби, го оттурнувам на страна и влегувам внатре. Со листот застанувам пред докторката и веднаш прозборувам.
-Извинете да Ве прашам нешто, ако може?
-Повелете, вели докторката, млада, нежна, љубезна.
-Дали и ова ѓубре е исто како првото, или е можеби посилно, или послабо?
Таа се насмевнува и одговара дека е исто како првото.
-Хм! Првото едвај го преживеав. Второто можеби ќе ме докусури, велам и го земам листот.

Пред местото за бакнежот со Фраерот редица од пет-шестмина луѓе. Брзаат што поскоро да завршат, оти треба да одат на работа. Ги прашувам како се, иако не ги познавам. Една жена ми вели дека многу и било тешко, но мора да прими и втора доза, оти има дуќан и треба да патува за нова стока. Друг човек ми вели дека и сега не му е добро, но мора да прими и втора доза затоа што е возач на камион низ Германија.
-Па како ќе возите кога не Ви е добро? Го прашувам додека седнува на столчето за да биде бакнат.
-Морам! Нема од што да живееме. Се надевам дека ќе ми помине,… Во ова чудо е цел свет, не сме само ние…,процедува низ заби немоќно и по бакнежот ми го ослободува столчето.
Седнувам. Млада сестра, со нежно лице и прекрасна насмевка (без маска) обвиткани со марама, ми вели дека треба да чекам додека да и пристигне дозата, а ако се брзам да одам на друго столче.
И велам дека не се брзам и дека сакам таа да ме боцне. Се насмевнува и дозата доаѓа. Ме боцка внимателно и неосетно. Се поздравуваме и излегувам. Војниците ги нема ниту пред вратата, ниту во дворот.


Овој пат поблаги болки во главата, поретко трнење на лицето и екстремитетите. Не обрнувам внимание, се до едно утро кога чувствувам силни главоболки. Нормално, земам таблета и до ручекот наизменично ме боли главата. Намалуваат болките. А потоа почнува чувство на пржење со огнено железо во главата и сечила во градниот кош. Немам сила. Легнувам. Не можам да лежам. Станувам. Не можам да стојам,ниту да седам. Излегувам на тераса, главата ми паѓа на маса. Не можам да зборувам. Се враќам внатре, легнувам на подот. Овој пат не пијам лексилиум за да се увери сопругот дека првиот пат не било од лексилиум. Ми го мери притисокот 180/120 (така ми кажува), со веќе испиена терапија. А потоа ми носи некоја таблета со која лекува крупен добиток. Ја земам таблетата, оти ниту парацетамол, ниту аналгин хинин, ниту не знам што не ми помогна и трчам во тоалетот да ја испуштам сета затруена течност. За два часа почнаа да се смируваат болките. Утредента се беше (као) нормално.

„Да умреш, тоа не е ништо, ама да бидеш заборавен, тоа е најстрашната одмазда на смртта над животот“, забележал Јован Дучиќ.
Што ако си жив, а заборавен? Трета,четврта,петта доза…, одиме натаму кон незаборавот.

П.с. Откако се обидов на социјалните мрежи да искоментирам за нус појавите од боцките и дека не треба сите под присила да се боцкаат, некој виден професор на Мадицинскит факултет во пензија ме нарече „генијалка“, во превод ГЛУПАЧА. Ха,ха! Ама кога го прашав каде да го најдам да ме прегледа ми рече дека не работи приватно ( во превод, не може да ми наплати), па и дека не може на далечина да ми постави дијагноза. Сепак, ми постави дијагноза. Ха,ха! Но, со сиот респект кон неговото искуство во помагање и лекување луѓе, му „одбив“ на годините и суетата. Ха! Мамон го врти светот! Што е чудно и ново?!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *