Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Насмевни се, ќе ти се насмеам

„Насмевни се, ќе ти се насмеам“ беше насловот на книжуле што во детството го добив во новогодишно пакетче испратено од НИП „Политика“, од Белград, во која што во тоа време работеше татко ми. Се уште се чудам зошто немаше слатки, туку само книги, а таа за насмевнувањето беше со основни препораки за однесувањето. Со текот на годините сфатив дека тоа било добро осмислен потег, а неколку пати препрочитаните пораки ми станаа навика. Усвоени. Ха!


И на годините кои неумолно и забрзано се движат кон старосното доба, поздрави без насмевка од луѓето ме замислуваат и ме втурнуваат во безброј прашања. Зошто ли човекот е намуртен? Зошто на лицето нема барем некоја блага насмевка? Последните две години намуртеноста се насетува преку очите, оти повеќе од половина лицата на многумина се прекриени со крпи. Крпите потоа завршуваат било каде и со многу такви отпади се среќаваме на секој чекор. Лицата веќе се навикнати на вкочанета гримаса под која пламти стравот. Не го сакам стравот и со сите сили го оттурнувам од себе. Искуствено тврдам дека и пред намуртените и налутените, исплашените и вџашените, насмевката „пали“. Како што и убав збор железна врата отвора.Така барем беше во недалечното минато.
Сончево попладне на почетокот на септември годинава забележав дека насмевката дури и од дете кон друго дете не „поминува“. Жално…
-Тато, каде одиме?
Прашува тригодишно дете од друга земја дојдено на гости во Куманово. Потскокнува откако излезе од автомобилот, единствен паркиран подалеку од едно од излетничките места во Куманово. Молчалив и малку подзамислен таткото го забрзува чекорот, веројатно нетрпелив да се потсети на неговите детски и рани младешки години, кога со семејството и другарите често пати шетал низ боровата шума, се загледувал во високите и разгранати дрвја. Собирал шишарки, а најголемите или најмалите ги ставал во детската соба како сувенири. Малечката потскокнува и потпевнува нешто, не криејќи ја радоста поради во детската глава замислените лулашки, тобогани, клацкалки, а и да се ослободи од раката на татко и и самата да се растрча.
И?!


Првата глетка. Паркирани автомобили на „господа“ дојдени на прошетка, рекреација, со своите деца или пријатели. Со издувните гасови го прочистуваат воздухот, а и доколку на некое од децата топката им се стркала од игралиштето завршува под автомобилите.
-Што е ова? Нели на времето тука не се влегуваше со автомобили?
Ме прашува мене младиот човек и го вади мобилниот да ги слика како пример за недозволено паркирање.
-Не, немој да ги сликаш, тоа е паркинг. Одговарам тивко и веќе кнедлата ми зартува во грлото.
Малечката трча кон една лулашка, и забележува дека е скршена. Се фаќа за другата, а под неа и околу неа, хартија, пластични шишиња, тетрапакт од испиен сок, распарталавена тетратка на некој ученик кому веќе не му е потребна, оти учебното помагало му е скапоцена високо- технолошка направа.
Таткото ја фаќа малата за рака и ја воведува во некогаш зелената борова шума. Се развртува околу себе и гледа само сува трева, преполнети садови за смет, отпад насекаде. Молчаливо двајцата чекорат кон новоизградените спортски терени, претпоставувам дека бараат нешто поубаво. Бараат што поскоро да го заборават виденото. Хм! Такво нешто е невозможно. Пред нас нова глетка на искршени штотуку поставени клупи и расфрлани остатоци од нив. Родители вшмукуваат од цигарите додека нивните деца покрај нив јадат сендивичи и хартијата ја фрлаат до клупите.
Таткото ја зема ќеркичката и ја крева на рамената, а таа сериозно прашува:
-Тато, каде сме дошле?
Занемена чекорам повеќе зад нив, помалку покрај нив, одбегнувајќи ги големите камења на замислената пешачка недоуредена патека и го очекувам одговорот.
-Те донесов на местото кое пред многу години беше убаво уреден парк, а сега е,…, не знам како да ти кажам што е. Но, да видиш зошто татко ти како неколку стотини кумановци, многу млад заминал од тука и дека никогаш нема да се врати. Овој град некогаш беше мојот дом. Веќе не е. И нема да биде, тивко и објаснува, а јас колку повеќе се напрегам да слушнам, толку повеќе се убедувам дека тоа е само момент на разочарување и дека сепак кога носталгијата за родината ќе го притисне, ќе заборави…


Третата глетка е, на теренот за мал фудбал. Детенце шутира топка. Малата со насмевка му ја враќа и го прашува како се вика. Детето гледа и молчи (иако изгледа поголемо, можеби не знае да зборува, си мислам). Се доближува татко му, малата го повторува прашањето за името на детето, тој молчаливо ја зема топката, го фаќа детето за рака и се оддалечуваат. Хм!
Ја потиснувам веќе зголемената кнедла и предлагам да одиме во другиот дел, мислејќи дека таму е малку поинаку. Барем така беше пред некој месец. Уфф! Иста глетка. Неискосена веќе сува трева, голем дел пеплосан тревник и урнат столб, отпад, отпад и на пешачка патека паркиран автомобил.
-Како можел овој да се искачи тука со автомобилот? Прашањето е упатено кон мене, со веќе растреперен глас и насолзени очи.
-Да го сликам и да го пријавам во полиција? Одговарам со прашање и со развлечена, но искривена насмевка. Резигнирано. -Полицијата не казнува вакви. Таа ги брка луѓето ако не носат маски и собира пари за…, не ја довршувам мислата, оти чувствувам дека освен пцовки на кои може да ми позавиди и најнекултурен кочијаш, немам ниту еден друг збор.
Младиот човек ја фаќа ќеркичката за рака, се врти кон мене и забрзано ми вели: – Не е идеално ниту во земјата во која живеам половина од мојот живот.Ниту во земјите кои што сум ги посетил. Ниту во тие во кои сум живеел и по една година. Ова овде веќе на ништо не личи. Како живеете…? За среќа, малата ме „спасува“ со прашањето: -Тато, кој живее тука?
Експресно, разочарано и револтирано и одговара дека тука се намножиле изроди и дивјаци.
-Тато, нели дивјаците живеат во дивина! Потскокнува малата и посакува што поскоро да се врати во автомобилот.
Молчиме тројцата, а мене низ главата ми се вртат спомени на првата посета на мојата пријателка Ана, некогашна балерина од Словенија, пред неколку години. На аеродромот шеговито и посакав „добредојде во Средниот век“, а таа зачудено ме погледна и се насмевна, веројатно не верувајќи дека сум сериозна. А потоа, кога на нашиот убав Градски плоштад виде чистач на чевли со кого посака да се слика, а тој побара 20 евра, беше изненадена, но со насмевка му заблагодари. Кога ги виде луѓето кај кои менуваме девизи ги рашири очите и ме праша: -Оооо, ова никаде не сум видела. Ха! Зарем тоа кај вас постои…!


Се насмеав тогаш, со обид за правдање дека ние се познаваме, пријатели сме. Инаку луѓето се без работа од фирмите кои се во стечај. Дека тоа им е бегство од депресија, осаменост, безвредност… Дека секогаш кога ќе поминам покрај нив се уверувам дека на тоа „работно место“ повеќе се дружат отколку што заработуваат. Дека се поздравуваме со насмевка, си разменуваме по некој убав збор. Сите носиме по некое животно бреме, но со насмевките барем за миг забораваме на неговата тежина.
И покрај се, си мислам, насмевни се себеси во огледало, на другиот, на непознатиот, на животот наш насушен. А отпадот не оставај го како трага! Следниот пат кога ќе дојдеш, тој ќе те чека на истото место,или малку поместен од струењето на воздухот. И запрашај се, освен што нема да се насмееш, нема веќе каде да се прошеташ, оти сите излетнички места стануваат депонии. Како и нашата исплашена и изгнасена душа. Хм!
Quo vadis (Domine)!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *