Тоа сончево ноемвриско утро вообичаено проверив дали во ранецот имам доволно прекривки за устата, средство за уништување на непријателот, ракавици кои со месеци стојат нераспакувани. Да ми се најдат. Хм… А потоа тргнав по четирикилометарската пешачка патека дружејќи се себеси. Вакво пешачење особено ми годи откако сме принудени да ја прекриваме устата и да држиме физичка (уште пострашно социјална) дистанца. И пред тоа, а сега особено, уживам во совршените птичји мелодии. Мирисот на зимзелените стебла ми ги полни ноздрите со што го проверувам сетилото за миризба. А и живописните есенски колорити на се уште не паднатите лисја го воодушевуваат мојот видоглед. Мислите распослани од дома до најдалечните пространства. Од сегашноста до многу одамна. Какво бегство од реалноста! Ха!
По некој автомобил ќе ми го сврти вниманието за миг. А со ретките минувачи се разминуваме со скриен поглед. Се насмевнувам дека со вртењето на погледот на друга страна, демек се штитиме. И тие и јас во тој миг се џариме во отпадоците расфрлани по банкините. Гнасни души ја гнасат околината! Си помислувам и чекорам со брзина определена од нозете ми. Наеднаш пред мене со бавен од чекори повозрасна жена. Позната ми е од нашите без поздрав пресретнувања по истата патека, речиси во исто време. Секој ден. Ја одминувам и од зад грбот слушам дека ми се обраќа. Со пријатен глас. Тивко.
-Оди пред мене и не врти се назад, а јас сакам да зборувам. Ти молчи си и слушај ме! – ми вели. Се вртам кон неа, да се уверам дека мене ми се обраќа.
-Не,не, не гледај ме! Само слушај! Такво е сега времето. А јас, имам многу нешта да ти раскажам, додава како да се знаеме цел живот.
Уф, си помислувам. Изминатите месеци „во живо“ разговарам само со најблиските. Сега пак, со непозната жена, не ми се дружи.
-Мојот живот е нашаран со разни бои и нијанси. Но, кога ќе се преиспитам не можам да бидам незадоволна во осмата деценија. Имаше радости, смеа, тага, непредвидливости. Имав пари, па немав, ама преживеав. И децата ми се добро иако, далеку од мене. Кога сопругот ненадејно почина си помислив дека тешко ќе ги одгледам децата. Но кога два месеца се борев самата со себе да ја оставам тагата на страна, зашто гладните детски усни од мене чекаат, си реков да се насмеам на маката и да ја победам. Тагував во долгите ноќи правејќи планови како полесно утрешниот ден да го истуркам. Со децата и пред децата секогаш бев насмеана. Кога по некоја солза неочекувано ќе ми се стркалаше низ лицето им велев дека тоа е од радоста што ги имам нив. Од тоа што ги сакам и што тие мене ме сакаат.
Глаголи непознатата, како да зборува сама со себе. Чекорам пред неа обидувајќи се да не ја слушам. Безуспешно. Кога некој збор ќе ме допре или кога ќе ми зазвучи познато ќе подзастанам и ќе ја погледнам. Таа ќе ме опомене да не се вртам и да внимавам на растојанието.
-Морам да побрзам – и велам од не знам која причина, обидувајќи се да избегам.
-Не брзај! Ќе стасаш каде и да одиш. Во животот и со брзање и без тоа, се случува само она што треба да се случи. Верувај ми, од искуство ти кажувам – ми вели, а од нејзините зборови ми станува непријатно. Колку ли сум некултурна, си помислувам. Ма, не можам веќе да слушам животни приказни од непознати. Си имам доволно од познатите. Сепак, останувам на метарипол пред неа и чувствувам топлина во душата.
– Ќерка ми и внуците се отселија на Малта. Таа се разведе од сопругот затоа што се живо изгуби на коцка. Даде отказ од работа затоа што на некој оженет претпоставен му се бендисала па сакал да му биде љубовница. Епа, ја згрешил црквата во која сакал да се прекрсти. Ако сопругот не и бил домаќин, таа не мора да се меша во туѓи бракови. Син ми со снаата и внукот се тука. Зафатени се со работа. Ретко ме посетуваат, ама по неколку пати на ден ми се јавуваат.
Се смеам тивко. Веќе ми станува здодевно и сакам да се оддалечам. Нозете ме слушаат и го забрзувам чекорот. Забрзува и таа. Ха!
-Можеби ти е здодевно! Или не? Бев и јас на Малта, сакаш ли да ти покажам слики? – упорна е.
-Не. Не гледам добро – велам и истиот миг се сепнувам оти и непознатата како и сите други нема да ми поверува.
-Е како не гледаш кога имаш очила? – прашува таа, но сепак сфаќа дека не гледам.
Недалеку од нас здогледувам полициски автомобил и се фаќам за ќесата да ја извадам маската.
-Мурија, а? Не,не, на пешачење сме. На дистанца. На отворено. Не ни треба маска. Биди смирена, ќе поминат. Ако им наредиле да казнуваат ќе не запрат и устата и носот да ни се покриени. А за овој отпад од гнасите расфрлан насекаде никого уво не го боли. Е, затоа и на оваа светска мака и се насмевнувам. Знам дека ќе помине, а каков ќе биде исходот само може да се претпостави. И половина од претпоставките да се обистинат не е на арно. Не само ние овдека, туку човештвото е сардисано. Ние пак, секогаш сме биле и така ќе завршиме, ситна паричка за поткусурување помеѓу големите. Насмеј и се на маката, си велам и во овие години, оти така и се спротивставуваш. Така ја обессилуваш. Се бориш со неа и ако не можеш да ја победиш барем помалку ќе ти наштети. Нашето овоземно опстојување, битисување е минливо. Затоа да го минуваме со насмевка. Тоа го научив од книгите што ги земам од библиотека или од мојата пријателка. Бавно читам, размислувам, а потоа со пријателката разговараме, анализираме, толкуваме. Понекогаш и ќе се потскараме во одбрана на ликовите. Си ги правиме по наша мерка. Ха,ха! Телефонот го користам за да си ги видам децата и тие мене. Им праќам по некоја убава фотографија од природата, ама бирам да нема отпад. Знаат тие дека живееме во ѓубре и дека самите ќе се задушиме во него. Сепак. „Човекот е како дропка, во која броителот е тоа што тој е реално, а именителот е она што тој мисли за себе. Колку што именителот е поголем, толку дропката е помала“, ова не го велам јас, туку Толстој.
-Така е – велам од два метра оддалеченост и и посакувам убав ден, забрзувајќи ги чекорите.
-Се најубаво и тебе, и не заборави на насмевката. Следниот пат ќе ти раскажувам за Малта.
-Ха,ха! Договорено – ветувам и забрзувам уште повеќе, со едната рака барајќи маска од ранецот. „Насмеј и се на маката“, ги слушам зборовите. Се насмевнувам, послушно како таа да ме гледа.
(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)