Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Облеката човека не го чини човек!

Правот ги покрива и блескавите и рапавите површини. Само кога ќе се загребе и оттргне, сјајот или грдотијата ја откриваат својата содржина. Правот пак не исчезнува. Тој само се преместува и покрива нешто друго. Нашите очи ја гледаат формата, а нашата внатрешност ја открива содржината. Најтешко е кога правот ќе се напласти и ќе се залепи. Со зачудувачка леснотија го пренебрегнуваме и од него не го гледаме прекриеното. Некогаш лицемерно го фалиме и му се восхитуваме на правот, а наменски и намерно го обезвреднуваме сјајот под него.

Пред повеќе години градоначалник на мала општина, во една мала земја (која ни е урнек за многу позитивности), раскажа за двајца млади луѓе кои со нивните идеи му помогнале од мало место да направи туристичка атракција. Бело и бледо нашите функционери се џареа во него, од што подоцна сфатив дека ниту го дослушнале, ниту пак нешто научиле од раскажаното. Не ја доразбраа ниту неговата насмевка, восхитеноста и задоволството, а пред се благодарноста кон момчињата за неговиот тримандатен успех.

Дојден во мала рурална општина во која на прв поглед сфатил дека потенцијал има, ама визија и работа за развој нема, наместо да им дели совети како да работат, на нашите функционери им раскажа своја приказна. Со блага насмевка го опиша едниот од првите му денови на функција, кога во канцеларијата на секретарката го пречекале две млади момчиња. Кога ги здогледал непознатите му наликувале на некои беспомошни и мрзливи млади луѓе, кои бараат да им помогне, да ги вработи. Веднаш го подготвил негативниот одговор за што поскоро да ја избрка непријатната средба од својот работен ден. Истовремено се запрашал како ќе ја „води“ општината, ако секој ден го пречекуваат луѓе и бараат нешто од него. Не можел да не ги прими и да ги сослуша, но пред тоа ја наместил маската на немоќ, намуртеност, одбојност, нељубезност. „Така им доликува на функционерите“, рече. Ха!

-Додека студена пот ме облеваше, пред мене застанаа две млади момчиња. Со долги коси врзани во опашка. Брадата им ги прекриваше нежните лица. Очите им светкаа зад „ленонки“.На себе имаа изветвени мајци и избледени и издупчени фармерки. Со половина уста зад мојата „маска“ им реков да седнат. В мигот ме облеа чувство дека под внатрешниот притисок кожата ќе ми се распука на ситни парчиња. Пред да изустат збор, подготвено ги пресретнав дека, ако бараат работа, можат веднаш да си заминат.
На тоа нашите функционерчиња со одобрување се насмеаја, оти за нив тоа е нормално. Но, човекот збунето ги погледна и продолжи сликовито да раскажува, со напомена дека не е се така како што на прв поглед изгледа.

Момчињата биле опуштени и добро расположени. Се насмеале и одмавнале со главата. Просторијата во која се нашле очи в очи со „првиот“ човек во општината се исполнила со пријатна атмосфера. Тоа му помогнало на намуртениот функционер да ја олабави маската, но се уште збунет сепак да ги остави да довршат. Кога му рекле дека завршиле факултети, дека не бараат работа, ниту некаква помош, уште повеќе го збуниле.

-Сакаме да одгледуваме цвеќе, а од вас бараме само да не оставите да работиме. Да не не попречувате. Нашиот план е разработен.

Скептичен во она што го слуша, но охрабрен дека е полесно да не им пречи, отколку да размислува за помош или за вработување, градоначалникот ги потпрел лактовите на светкавата маса, сокривајќи го внатрешниот трепет и онемен се џарел во момчињата.

-Накусо ми соопштија дека нивната цветна плантажа на која постојано ќе се зголемува бројот на вработените, може да стане туристичка атракција. Цвеќето ќе го извезуваат, за што подготвиле терен, а од него ќе прават сувенири и парфеми.

Колку и да му изгледало неверојатно, градоначалникот немал друг излез, туку им ветил дека нема да им пречи, но дека секогаш ќе имаат негова поддршка. Знаењето, трудољубивоста, визијата, чесноста и конзистентноста на момчињата полека почнала да дава резултати. Малата и од државата запоставена општина заживеала.

-Тие момчиња направија „бум“. Не го сменија личниот изглед, ниту стилот на облекувањето. Мојот тримандатен успех чинам, се должи на нивната работа.Мојата подрршка не изостана во ниту еден миг. Речиси и да не побараа помош од мене, но самиот се нудев и помагав внимавајќи да не им наштетам и да не почувствуваат зависност од мене. Понекогаш на шега ќе ги запрашам кога ќе го сменат стилот на облекувањето. Тие ќе се погледнат и ќе речат дека човекот се цени според она што го носи во себе, а не според она на себе.

Додека странецот раскажуваше повремено ги погледнував нашите „домаќини“. Залудно очекував дека ќе се подзамислат. Ама тие побрзаа со олеснување да исплескаат со рацете за крајот на „излагањето“ на гостинот. Вообичаено го затрупаа гостинот со подароци, пијалаци, партиски ознаки и му рекоа дека софрата е закажана во ресторанот, за да го нагостат со наши специјалитети. Пред гостинот без костум и вратоврска, набргу почнаа да ги фрлаат палтата, да ги разлабавуваат вратоврските, да ги откопчуваат двете горни копчиња на кошулите… Двете долни сами ќе им се искинат од подуените мевови кога ќе седнат во ресторанот, си помислив, збунето гледајќи ги. Не знам што зборувале во ресторанот. Но чинам дека тој градоначалник повеќе не дојде во оваа наша општина.

И до тогаш, а од тогаш уште повеќе, за мене облеката, физичкиот изглед не зборува за она што човекот како индивидуа го носи во себе. Затоа и никогаш, па ни тогаш, ниту се зачудувам, ниту пак ги оценувам луѓето според прекривките на нив, или материјалното покрај нив. Ама, човечкиот објектив по некое непишано правило првин се лепи за надворешниот изглед. Кога се вработив во првата фирма не ни сонував дека шефот (лесна му земја!) под влијание на провинцијализмот, зависта кон една младост, или не знам што уште, ме опомена дека на работа не може да доаѓам во фармерки. Ха,ха! Секако дека не послушав и по цена да добијам отказ од тешко добиеното работно место. Не ме трогнаа ниту кога затоа ми ја намалија се уште недобиената прва плата. Ха! Не ви се верува? И мене не ми се веруваше, ама се случи.

Не ме изненади и кога еден професор од странски универзитет облечен во бермуди влегол да држи предавање на негови колеги во нашата ни држава. Тој имал многу што да им каже од науката, ама тие цело време негодувале зошто не е костумосан на плус 40 целзиусови, во тоа време без климатизери. Ха,ха! Професорот се запрашал зарем неговите колеги помалку се заинтересирани за науката, одошто за неговата облека! Ха!

Тоа сме ние, совршено несовршени суштества. Секогаш подготвени на прва топка да скокаме, а останатите да ги пуштаме низ вода. Првата главно е празна, а другите не ретко се исполнети со трајна вредност. Но, чуму вредноста кога маската ја прекрива празнотијата. Хм!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *