Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Претпазлива игра

За сега нашата едноседмична игра заврши. Првото утро потоа ме разбуди виор од измешани чувства. Недоброј неодговорени прашања на по децении откриени сознанија кои како жар тлееле толку време. Неочекувано го разгоруваат огнот на немоќта да се исправат неправдините. Без причина нанесени од блиските. Од најблиските. Едночудо неразбирање на добрината. На дарежливоста, на човечноста. Може ли ситната душа, или повеќето такви, да допрат до длабочината на бистрото зеленило во нејзините длабоки извори? Да ги пронајдат, а потоа да заблагодарат на драгоценостите во нив! Повеќепати се обидував да укажам. Да одбранам. Да заронам. Да го излијам бесот и лутината, тајно од неа. Таа не би сакала да се втурнувам во огинот на неправедните, оти од раѓањето се навикнала самата да се бори, да се тетерави, да ги излие зелените бистри води, за да ги измие валканите души. Јас, да останам на страна. Да ме спаси од омраза. Никогаш не ја дозна мојата борба за неа. Таа некогаш повремено, некогаш се почесто ги излева зелените бистрини, за да си ја измие внатрешноста, да се ослободи од немоќта. На крајот од нашата игра се разделувавме со неколку цврсти прегратки во кои го чувствував нејзиниот силен трепет, потклекнување на слабите нозе од кои страхував дека ќе попуштат пред тежината на нејзиниот надворешен, а уште повеќе на внатрешниот, духовниот товар. Тргнував, па се враќав, па пак тргнував, пак се враќав, со ветувања дека сум блиску, дека не одам во далечина, дека за некој ден пак ќе се видиме.

Љубовта е основа на постоењето. Кога даруваме љубов истовремено и примаме. Така се ни станува блиско. Упатените велат дека првин не се согласуваме со таткото, а потоа со мајката. Кога ќе станеме родители најчесто ги правиме истите грешки. Идеални родители нема. „Секој некаде ќе згреши, но неопходно е да внимаваме во однесувањето со нашите деца. Им го пренесуваме и доброто и лошото, и да не заборавиме дека човекот првин е homo ludens“, забележал Владета Јеротиќ.

По непроспиената ноќ, исполнета со разни немири, вртлози, превртувања како месо на жар, ме гореа многу прашања. Неизвесност, несигурност, планирање како да ја започнам и да ја водам едноседмичната игра со жената која што ме донела на овој свет. Ме одгледала, ми дарувала неизмерно, се трошела себеси за мене да ме изгради, да ме надгради, да ме разбере во себе, а да не ми покаже. По 33 години првпат сме во заедничка изолација, наметната од нејзината состојба на принудно седење дома, зашто нозете и се непослушни. А како што вели, некогаш и мозокот и запаѓа во дупка. Моето безмалку шест децениско животно искуство со нејзиното во деветтата деценија ги споив во едно и постапно ја започнавме играта. Игра со малку забава и гласно смеење, со усилби да ја придржувам тогаш кога нема да може. Да ја разберам во сите наши недоразбирања. Да се насмевнам на нејзините приговори. Онемено да ги извршувам нејзините команди. Да и ги исполнувам скромните желби. Во мигот кога таа ќе рече и точка.
Се е како и пред три децении и ништо не е како тогаш.

Таа, со треперлива рака полека и неспретно ја доближува шолјата со „бела кафа“ до нејзината уста. Едновремено на лицето и се тетерават мускулите и ми упатува прекорен поглед на моето црно и горчливо кафе во голема шолја. Ги подзатвора очите од чадот од мојата долга цигара. Една, друга, трета, а уште недопиено кафето.

– Како што времето се менува, така се менува и расположението на луѓето. Времето наградува со сончевини, а казнува со бури и поплави. Луѓето се замаени. Трчаат обезглавени да завршат работа. Да спечалат, да им дадат на децата, повеќе и повеќе. Да направат недоброј грешки и гревови. Да газат цврсто по земјата, демек тие се единствени на планетата, а еве толку ја загадија… Ја започнува утринската беседа и додава дека само луѓето од сиот жив свет се толку злобни, завидливи и опасни. Климам со главата како прваче првиот ден на школо и шмукам од цигарата.

– Доста со тие цигари! Чадиш како парна локомотива. Цигарите се отров за малоумните. Ти малоумна ли си? – падна првиот прекор, а за последниот збор почнав гласно да се смеам. Ме погледнува со веќе разблажена лутина, ја остава шолјата на маса и почнува и таа да се смее. Ха, се охрабрив дека ја прифати играта и дека мојата тактика е на добар пат. Потоа ми кажува што и кога јаде, во кое време од денот се капе, што треба да купам,… Пред да одам во маркетот да и го вклучам телевизорот, ама на каналот со национална географија. Ја прашувам зошто токму тој канал.

– Е не, ќе гледам вести како брат ти, па притисокот ќе ми се качува, оти само трујат со ред политика, ред вирус,… А тие пак, спикерите, се дерат и се нешто како да се караат.

Почнува да ми раскажува од тоа што гледа и вергла, вергла, како изгребана грамофонска плоча. Аха, деменцијата се разбуди, си мислам и се правам глува. По еден час и велам дека не ме интересира. Таа продолжува, јас го повишувам тонот. Трет пат кревам за уште една октава, а таа ми се врти со прекорен поглед.

– Немој да викаш и да се караш, ќе те слушнат комшиите. Не сум јас глува. Ќе ти дадам илјадарка само да молчиш. Ха,ха! Се смеам. Станувам и се фаќам за извршување на нејзините команди, палам цигара без да ја погледнам, а нејзиниот прекор го чувствувам од страна.

– Не станува човек од тебе! Само пушиш, го расипуваш видот де на лап топ, де на телефон. Чистиш, чистиш, како болна да си! Знаеш ли дека мене нозете ме болат од чистење, ама тоа да ти било болест во главата, ме подучува како да сум на 15 години.

– Ха,ха, значи од тебе сум го наследила тоа – одговарам повеќе за себе, а в мигот чувствувам некаква непријатна врелина за незјината немоќ. Се прашувам зошто ли умее да ме исфрли од колосек кога ќе ми нареди веднаш да одам да и купам сладолед. Го земам најдобриот, најскапиот, очекувајќи дека ќе ја израдувам, а таа го загледува и забележува дека омилен и е само чоколадниот.

– Немаше таков! – се правдам, со надеж дека ќе попушти, оти јас не би се противела.
– Нема?! Па ако нема таму, има на друго место, знаеш ли колку маркети има тука. Не е ова како во твоето „село“. Само брат ти знае што сакам…
Се насмевнувам свртувајќи и го грбот и веднаш и пренесувам поздрави од комшивките.

– Те поздрави Зиме, праша како си – и велам.
– Фала, да е жива и здрава. Ти ја покани ли Атиџе на кафе?

Уф, се сепнав. Не знаев дека со Атиџе пие кафе, оти таа само еднаш дневно пие „белу кафу“. Наеднаш ми текнува како да се оправдам и додавам дека Атиџе има проблеми со очите и не излегува од дворот. Таа одмавнува со главата лево – десно и шепоти дека добро си живееле со Атиџе, ама ете, ќерка и ја гледа, снаата не сака да живее со неа. Неочекувано потстанува од столот, се потпира на бастумот и тргнува кон големиот прозорец. Попат прашува за моите другарки, ама само како вовед да ги спомене мајките им. Го надгледува оревот на Нада, превртува по спомените, па ми ја покажува белата крпа од Драга.

– Цвета добро се држи, уште сама си пазарува. А Ката се пресели, не знам како е – си потшепнува и ми се врти мене дека сум се здебелила и дека тоа не е добро за здравјето.

– Нездраво се храниш, нозете и рбетот ќе ти попуштат! Нема да сетиш кога здравјето ќе замине. Ете, како моето. И зошто ми е животот?! Зависна од другите. Забегана старост – ги брише очите.

Со мајка ми секогаш сме биле два различни света. Не спојувала само љубовта, која пак како љубоморно да сме си ја чувале за себе. Таа, сираче без мајка сиот живот го минува плачејќи за мајчинската прегратка. Јас, чудејќи и се како возраста не ја оцврснала. Ниту во деветтата деценија не може да ги зацели лузните од тешкото детство и младоста поминати под злото око на маќеата. Сите тешкотии низ кои поминувала ги припишува на отсуството на мајчинската заштита.

– Внуците мои и твои се многу убави. И умни се – се буди како од сон, додека со бастумот ги „одмерува“ чекорите од нејзината, преку долгиот ходник, не погледнувајќи кон детската соба. До дневната, кон кујната. Тоа и е секојдневна маршрута.

– Мамо, ти беше убава жена. Со крупни зелени очи. Со бисерни заби. Со прекрасна гласна насмевка. Со вешти раце и бистар ум. Работлива и умешна во се. Ама со мене беше многу строга и никогаш задоволна – ја потсетувам. Не знам дали намерно или не, наеднаш и текна пак да ме прати во маркетот.

– Карло, не се плаши од ќерка ми! Мора да стави маска, иако се задушува од неа. Ама за кратко – му се обраќа на жолтиот мачор, кој пак, стои на влезната врата, како да сака да ме придружува. Го бркам, за да не му го потфатам опашот, а таа ми привикнува да ја земам и капата, да не ме „фати “ сонце. Се грижи дека пегите ќе ми го прекријат лицето. Ха!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *