Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Ризичен круг

Едно попладне од деновите во „седи си дома“, ми заѕвони телефонот. Не очекував дека на линијата е не многу блиска пријателка. Откако пред неколку месеци го урнаа нејзиниот хуманитарен свет, одбегнува средби и разговори. Знам дека премногу и е тешко, па веднаш ја поканив на кафе. – Не, не, сакав само да се слушнеме. Не можеме да се видиме, во ризична група сме, ми рече со загрижен тон.

Ах, да, во ризична група сме оти ете така велат стручњаците, кои се фатиле во костец со невидливиот збеснет непријател. Ние со останување дома треба да си помогнеме и да им помогнеме. Да не го блокираме здравствениот систем, да не создаваме тешкотии на државата, која ионака дише на жабри, да покажеме совесност, свесност, разумност,… При тоа да ги осудуваме и да ги пријавуваме профитерите, какви што секогаш ги има, па и во вакви кризни времиња. Од премногу мудрувања по социјалните мрежи не знам што не е кажано. Чинам намерно или не, многу работи се отфрлени. А животот е круг.

Зошто станавме ризични групи и зошто и натаму се создаваат нови и нови. На почетокот мислев дека ковид 19 ќе не научи на нешто. Како минува времето се повеќе се сомневам. -Ризични сме, драга моја и велам на пријателката, и сочно опцув. Таа не се насмеа, туку само рече:

– Хм! А потоа настапи тишина од двете страни на линијата.
Кога ни ги затвораа фирмите и не отуштаа од работа, не бевме ризични. Никој не мислеше како ќе го продолжиме животот, сами и со семејствата. Кога некаде пак се вработувавме се надевавме дека со многу труд ќе ни го направат работниот статус достоинствен. Не, не се случуваше тоа. Напротив, или трудот не беше воопшто платен, или пак понижувачки беа фрлани некои ронки со ветувања за подобра иднина. Ароганција. Егоизам. Лицемерие. Лаги. Примери недоброј.

  • Ти како си? Ја прашав и ја прекинав тишината, иако не бев сигурна дека прашањето е на место. Истовремено за дел од секунда ми се поредија слики од нејзиниото едно децениско хуманитарно исцрпување, ентузијазам, премногу љубов, пожртвуваност, топлина, сила, исполнет живот. На крај, некој од профитерите сомневајќи се во сето тоа, сомневајќи се во нечие профитерство, го прекинува тоа. Со ризик дека на оние на кои им е неопходна топлина, љубов, прегратка, помош, ќе им ги прекине. И од нив ќе создаде нови ризични групи.
  • Како сум, падни-стани. Немам друг избор, одговори едвај чујно, а мене во грлото ми се стркала огромна кнедла. Немав зборови за утеха. Како по непишано правило одамна го чувствував тоа. Неколку пати и реков дека треба малку да олабави со толку пожртвуваност. Преголема хуманост некому веројатно му пречи. Некому кој е хуманист за личен интерес. Немав сила да и кажам дека профитерската шепа ќе падне и ќе го искине нејзиниот синџир на човечност. И да и кажев, немаше да ми поверува. Велеше дека Господ гледа се. Во многу работи ја ускратил, та затоа сега ова и го овозможил. Да помага на оние на кои помошта им е најпотребна… Токму затоа и мене длабоко ме пече неправдата што и ја нанесоа профитерите. И тие „веруваат“ во Господ. Хм!
    Овој вирус го доживувам како и сето она во виртуелниот свет. Премногу заживеавме виртуелно.

По социјалните медиуми, од топли соби, раскомотени во удобни фотелји, се пишуваат разни писанија.Се пропагира хуманост, умност, разумност, почит, пожртвуваност, добрина, човечност,… Сите апелираат да се следат препораките на надлежните. Посакуваат здравје, мир, љубов, помош за најзагрозените. Се до оној момент кога ќе им се појави некој политичар кој во ова време на кризна и ризична состојба ќе излезе со генијални идеи, а тие веднаш ќе го фалат, виртуелно ќе го гушкаат, ќе го креваат на раце, ќе го воздигаат до небеса. А добро знам дека голем дел од тие пропагатори не виделе како изгледа сиротињски дом. Како мириса тагата и немоќта. Како им е на децата чии родители ист ден останале без работа и без цркавица од платата. Како им е на нивните баби и дедовци со минимална пензија од која нема ниту за леб и лекови, да треба да прехрануваат уште две генерации потомци. И оваа кризна состојба повторно создава нови ризични групи.

Сабласно е надвор. Тишината ја нарушува струењето на воздухот. И птиците не се премногу весели во моето опкружување. Небото е сино како на детски цртеж, но ишарано со бели трагови.
– Види ги, мајчината им, пак испуштаат отрови, па ќе бидеме здрави! И кој знае уште колку време нема да одам на работа? Дијабетичар, со висок крвен притисок… Ризична група. Уф! Го слушнав соседот кој како мене втренчено барал одговор од небото.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *