Од моето време, а и од времето на генерациите потоа, повторував дека учителот најдобро знае и дека секогаш е во право. За почитта и довербата кон учителот ме научија моите родители и баба ми. Тоа толку ми е влезено во главата, чинам додека сум жива нема да ми се искорени, иако често пати сум се соочила со фактот дека не е се баш така. Пред децата пак, мора да биде така. Неговото височество Учителот. Вториот родител, кој има многу заслуги, понекогаш и многу гревови за успехот и за „успехот“ на младите поколенија. Учителот е стручно лице со високи работни способности, со образовни и етички квалитети образуван за работа во градинка, на училиште или на факултет. Современиот учител е организатор и водител во наставниот процес, координатор и ментор, мотиватор. Примарната улога му е на учениците да им помага во развојот на нивните физички и психички потенцијали и да им помогне во достигнување на индивидуалниот максимум. Во 21-от век неговата улога и работа е модернизирана, за мене малку и нејасна и неприемчива. Нејсе!
-Учителот не е само лице, туку личност. Ми вели внука ми Христина.
-Како? Прашувам, однапред подготвена дека таа не ја знае разликата и веднаш барам да ми објасни. Таа ме гледа и се смешка, додека за миг низ главата ми летнува персона,персоналити, од латинскиот збор, со значење и маска (премногу актуелна во времето на „круната).
-Мислиш ли дека не знам? Лице е секој човек, а личноста е оној кој има карактер, чувства, сочувства, образуван, со свое мислење. Има и други својства, како на пример, високи личности кои се многу важни во општеството, вергла Христина, а јас кимам со главата.
Потоа ја прашувам зошто во книгата во иста реченица стои и лице и личност, има ли разлика или пак, можеби е печатна грешка. Таа како од топ исфрла дека не е правилно, ама треба да знам дека тоа не е грешка на нејзината учителка, туку на тие што ја пишувале книгата. – Гледаш, тие се многу „важни“ личности. Се смее.
Христина продолжува да чита, а јас го вшмукувам катранот и никотинот од цигарата додека со мислите летам некаде далеку. Преку стаклото од прозорецот ги гледам куќите во соседната општина и го проверувам својот вид, фокусирајќи се на најоддалеченото. На Манастирот „Света Мала Богородица“ , на Скопска Црна Гора, во атарот на селото Матејче. Како вчера да беше, а поминаа 19 години од нејзиното сквернавење, без усул за нејзиното значење и датирање од 14-от век. Ми поминуваат трпки низ телото и сакам се да избришам од главата, прашувајќи се зошто толку грижи си напластувам на душата.
-Тето, што се замисли? Шеташ, шеташ и чуриш како парна локомотива! Ха,ха! Јас сега ќе правам тест, а ти ќе го провериш пред да го испратам. Туку соземи се, сакам да добијам петка, инаку како тргнала работата ќе го повторувам петтото одделение. Не ми се учи, а морам. Најтешко ми е кога нешто морам, глаголи мојата миленица.
Прифаќам да и го проверам тестот, опседната со мислата дека оддамна беше моето петто одделение, на кое речиси и не се сеќавам. Заборавив и кога моите деца беа на таа возраст. Ох, темпора, о морес! Што е тука е. Христина продолжува да пишува на испечатените листови, го крева погледот кон мене и пак прашува: -Што се грижиш? За мене ли? Одмавнувам со главата и негирам, а длабоко во себе чувствувам дека меѓу другото и за неа, и за нејизната иднина. За иднината на сите млади луѓе, деца.
-Што те мачи, корона ли? Од корона да не се плашиш. Ние ја прележавме во февруари, а ти не ли знаеш дека таа е морона! Не се плаши!, ми вели и пишува додека со косата го прекрива делот од тестот.
-Ха,ха! Знаеш ли ти што е морон(а)? Прашувам, убедена дека не го знае одговорот.
-Морона ти е тето, обична будала. Ха,ха! Тоа е и корона, гледаш како се согласуваат, корона- морона. Хаха!, Се смее.
Со нејзиниот свракопис, набргу ги напиша одговорите на првата страна од тестот, ги пресмета бодовите и ми го тутна да го проверам. Толкувам, толкувам со сменетите очила и наеднаш ми скока притисокот. Ја критикувам за ракописот за чие читање ќе треба графолог, а потоа ми удираат в очи зборовите напишани: „Банана, Чинар, Мангарево дрво, Аварија, Глуварче“.
-Ауу, што е ова? Зарем банана се пишува со голема буква? Прашувам вчудовидено, а таа пак, ладно ми одговара дека се пишува со мала, но ете така е напишано во тестот.
-Па учителката,…? Прашувам и на недовршеното прашање таа скока во одбрана на учителката.
-Немој ни случајно да си кажала нешто лошо за учителката. Не е тоа нејзина грешка, туку на тие што го пишувале учебникот и тестот. Види, на едни места е со мала, на едни со голема. Учителката знае како треба. Ако мислиш поинаку ќе испечатам нов тест и ќе препишам правилно.
Хм! А за тоа што е аварија, мангарево дрво и уште многу други нешта, петтоодделенчето од 21-от век го консултира најголемиот пријател гоогле. Потоа ми покажува рака со спортски поздрав, го зема телефонот и ми пушта кантри музика потпевнувајќи.
-Добро е што слушаш таква музика, татко ти и јас едно време ја обожувавме, но за Гоце Делчев знаеш ли нешто?, ја прашувам.
-Знааам, а ако не знам, ќе научааам, певливо ми одговара, додека мене во главата ми татнат зборовите дека учителката е во право и тогаш кога не е. Ха,ха!
(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)