Сутерен.мк

Светлана Антиќ Јовчевска: Што повеќе стегаш, полесно пука!

Тринаесет дена во корона-изолација. Мерките од надлежните се заоструваат. По нагорна линија се движат бројките на тестирани,заболени,починати. Стравот се зголемува, а за паниката уште не се зборува. И таа е очигледна, а психолозите и психијатрите велат дека е тоа нормална човечка реакција. Премногу дезинфекциски средства по рацете на луѓето, по објектите. Кожата не може да издржи толку многу хемија, а и дишните патишта, освен од Ковид – 19 не се „радуваат“ ниту на хемиските препарати. Стравот ги тера луѓето и последниот денар, најчесто задолжен во долгогодишни кредити, да го трошат за хемијата која, ако ги спаси од вирусот, ќе ги отруе со своето дејство. Некој од прекумерното трошење дебело ќе си ги наполни сметките,…
-Веруваш ли ти во Господ? Ја прашував баба ми, кога ќе го споменеше, а знам дека в црква и црвените букви во верското календарче не ги гледаше. Таа ќе ме погледнеше и ќе ми речеше дека Господ веројатно постои, ама дека луѓето така го викаат и Небото, Природата,…
-Аха, значи природата и небото ги гледаме, ама Господ не сме го виделе. Како тогаш постои? Упорно ќе потпрашував, за да ми мине времето, а и малку да и го нарушам мирното секојдневие.
-Многу прашуваш, ама колку помалку знаеш, помалку и ќе патиш, ќе ми речеше и ќе станеше од креветот, за да ја избегне мојата натамошна љубопитност, нерасположена да се расправа со натрапно дете.

За овој премногу распространет опасен по човечкиот род вирус, не знаев ништо. Никогаш не ми ни паднало на ум да побарам некакво објаснување. Ниту кога моите блиски правеле коронографија. Ама времето на „седи си дома“ треба да го исполнам. Така меѓу другото најдов дека Света Корона се слави и под името Стефан, што преведено значи „крунисана“. Во многу католички цркви во Австрија и источна Баварија се уште се одбележува. Некаде постојат и слики на кои во едната рака држи кутија со монети, додека со другата дава пари на питачи. Ја почитуваат и во Ерменската црква. Корона (лат. Цорона – венец, круна) е надворешен дел од атмосферата на Сонцето и ѕвездите кои што емитуваат рендгенско зрачење,…
Но мене не ми се допаѓа тоа што овој вирус има пипци, што според мое лаичко восприемање ги затвораат респираторните органи.

– Човекот му го нарушил домот на вирусот, та тој бегајќи од неговата похлепа, избегал и засолниште почнал да бара кај неговиот непријател, така некако го сфатив објаснувањето на светски познатиот вирусолог, д – р Ана Глигиќ. Аха, значи дека вирусот се налутил, а човекот е силен се додека не му се покажат забите. Невидлив е со голо око, а опасен, смртоносен. Епаа, човекот премногу се заигра на планетата. Сега пак, е како разулавен бик, изгубен во времето и просторот. Ем бара спас за да си го сочува животот, ем мисли како од сето ова да создаде или да си го зголеми материјалното богатство. Ама вообичаено тоа да го прави за своја среќа, на несреќа на „вирусот“, на несреќа на послабиот, добриот,чесниот, работливиот.
-Вирусот бил тука, како и безброј други микроорганизми, кои имаат свои живеалишта не само покрај нас, туку и во нас, околу нас. Човекот не може да ги уништи, така некако вели психологот, психотерапевт д – р Мила Алечковиќ, објаснувајќи од свој стручен аспект за она што ни се случува. Си мислам, колку ли тие микроорганизми се згрозуваат од нас гледајќи не од страна какви сме. Ха,ха! А ние чекаме вакцина за да ни помогне да се „спријателиме“ со нив. И пак, за некој профит, за некој сиромаштија и смрт…
Овој свет во 21-от век не можам јас да го спасам. За тоа ќе одлучи некој исто така за мене невидлив, а моќен. Љубопитноста можеби малку ќе ја потсмирам, оти веќе нема кого многу ниту да прашувам, ниту да оптоварувам. Но, можам да не му се предавам на стравот дека во маркетите ќе снема храна. Или ќе снема доволно. Не, ниту тоа не може да се случи оти некој мора да произведува и да продава. Ќе снема пари. Нив и онака за мал број луѓе ги има во изобилие. Тие се и најисплашени, сметките како да ги дополнуваат. Затоа и ременот се повеќе се стега околу најслабите. Се додека еден миг не пукне.

Не знам зошто но некако интуицијата ми кажува дека овој затвор, карантин, самоизолација и дрн, дрн, ќе трае 40 денови. Ќе издржиме, оптимистички велам и јас и другите. А потоа? Па, потоа ќе пливаме како риби на суво вината префрлајќи и ја на круната, а не на човекот кој и ја уништил нејзината природна средина!
И наредните денови со најблиските и со пријателите ќе се слушаме по телефон и ќе се гледаме преку камери. Какво човечко достигнување, а не може да го победи вирусот!
Моите домашни миленици се вознемируваат кога ќе насетат невреме или земјотрес. А мојот тригодишен внук на играчка – телефон зборува: – Не можам да ви купам директоре, корона вирус е! А потоа во името на директорот одговара:- Ај, купи, купи,…
Што знае дете, би рекле вие! Што знае куче, маче, што знае вирус? Се знае човекот. Е, мало сутра!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *