– Уште од студентски денови имав впечаток дека Снешка е позрела од сите нас и во глумата и во животот. И денес мислам дека не погрешив, зашто сите ние во Белград бевме удобно сместени кај своите, а каде и како таа живееше речиси и да не ја прашувавме, ниту пак таа зборуваше за тоа. Причиниата за тоа беа и нашите младешки себични години, во кои сите бевме опкружени со една тема – како да станеме што подобри и вистински актери. Снешка секогаш беше постојана, цврста и храбра и што е многу важно – талентирана! Беше посветен другар. Кога се врати во Скопје, знам дека направи убава и уметнички богата кариера што нејзината дарба и го заслужи тоа.
– По низа години се сретнавме, веќе како зрели актерки и мајки на ќерки и убаво си поприкажавме и за глума, а овој пат и за животот, зашто зад нас веќе имавме сериозно животно искуство. И после таа средба, ми се потврди мојот прв впечаток за Снешка. Веста за нејзиното заминување длабоко ме растажи. Иако не се гледавме, родени во една земја која веќе ја нема, а влеговме во трето доба од животот во различни држави, препознавањето и блискоста остануваат засекогаш – вели српската актерка Светлана Бојковиќ, во својата порака до скопски Драмски театар за неодамна починатата Снежана Стамеска, една од доајените на македонското глумиште.