Сутерен.мк

Свето Манев: Секој се плаши од нешто

Со ретроспективната изложба во Чифте амам и издавањето на монографија, сликарот ги заокружи своите први, четириесет години творештво. Овој, битолчанец од Свети Николе, дипломирал на Белградската академија за применета уметност, отсек – сликарство, во 1970 година, а од 1963 – та до 1975 – та работел на конзерваторско – реставраторски проекти. Во Скопје живее од 1985 година, со статус на слободен уметник,а од 2002 – ра е професор на ФЛУ, по предметот акт. Студиски престои има остварено во Англија, Холандија, Грција, Полска…
Со Манев (1945 година), кој за разлика од неговите дела е скромен и поприлично скржав со емоциите и зборовите, разговаравме за неговиот завиден опус, сомневањата, македонското сликарство, педагодијата…

  • Какво е чувството да се соочите со својата ретроспектива? Со тој „поглед наназад“…?

– Работејќи на подготовките за ретроспективата и самиот бев пријатно изненаден од делата што сум ги создавал во изминативе години. Гледајќи од оваа временска дистанца, забележав дека има и такви дела на кои сум подзаборавил.

  • Значи, задоволни сте од досега стореното?

– Континуитетот во работењето и непресушната желба и потреба секојдневно да се занимавам со својата професија – тоа ме прави исполнет. Да, задоволен сум..

  • Им посветивте цели циклуси на коњите и кентаурите. Од каде толкав интерес за овие теми?

– Мојата преокупација во творештвото е најтесно поврзана со фигурацијата. На прво место доминантна е човечката фигура – која е непресушен извор на инспирација – од почетокот на моето творештво до денес. Коњската фигура исто така за мене претставува предизвик со својата многузначна симболика, динамичност, грациозност и снага. Митот за кентаурите е само појдовна идеја за спојот на човечката и коњската фигура.

  • Познавачите на вашето дело велат, дека во вашето творештво силно е присутна физиолошката особина на стравот…

– Не, не, стравот како човечка особина не е преокупација во моите дела иако, човечки е секој да се плаши од нешто. Преку грчот на фигурите се обидувам да ја изразам динамиката, а притоа да остварам експресивна ликовна вредност.

  • Се плашевте ли кога отидовте во Белград на студии?

– Беше огромна чест да бидеш примен како студент на Белградскиот Универзитет во конкуренција на многу кандидати од поранешна Југославија. Големо е задоволството дека тоа го постигнав благодарение на својот талент.Така што, не бев уплашен, бев горд на себе!

  • Имавте ли проблеми со семејството кога решивте да станете сликар?

– Моите родители беа толку чесни и широкогради што ни во еден момент не се посомневаа во мојот избор. Тие секогаш ме поддржуваа и застануваа зад моите одлуки во животот и затоа многу сум им благодарен. Сите ние знаеме колку е битно, можеби, најбитно, тоа одобрување, таа подадена рака, кога носите големи одлуки, од најблиските.

  • А се посомневавте ли некогаш во изборот на својата вокација или пак, во својата вредност како уметник?

– Никогаш. Ниту во едното, ниту во другото. Сум имал и многу тешки моменти, но сомневање во изборот на мојата професија немало. Доколку пак, некое дело не одговара на моите критериуми јас едноставно – го уништувам.

  • Се прават ли се повеќе компромиси во уметноста? Колку е таа денес искомерцијализирана? Ги одобрувате ли воопшто, таквите „потези“?

– Има секакви луѓе па така, и секакви уметници. Велат, дека за вкусовите не се дискутира. Тоа е индивидуален став. Не поднесувам вулгаризации и кич. Ниту во животот ниту пак, во било која област од уметноста. Јас искрено се надевам дека македонското сликарство не оди по надолна линија. Мислам дека ова е поднебје на индивидуалци. Знаете, без личен интегритет и напорна работа нема успех! Додуша, потребна е и општествена поддршка, стимулативни откупи, стипендирани вклучувања во меѓународни проекти… На крај ќе испадне дека треба многу, нели!? Најважно е всушност она, на што ги учам и своите студенти: искреност, посветеност и многу, многу работа.

  • Неопходни ли се факултетите за ликовна уметност? Една мајсторска работилница нели, може повеќе да понуди?

– На Факултетот се негува уметноста, а во мајсторските работилници занаетчиството. Значи…

  • Колку се идентификувате со она, дека уметникот е „homo universale“, а колку младите уметници со вас?

– Најубава комбинација е кога уметникот работи и на себе како човек. Во уметноста е многу опасно, ако уметникот како педагог се наметнува и го гуши потенцијалот и индивидуалноста кај младите луѓе.

  • Роден сте во Свети Николе, а сите мислат дека сте битолчанец?!

– Да, баш така, а градовите се на сосема спротивни страни од државава!? Тоа е затоа што по завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје и академијата во Белград, петнаесет години живеев во Битола. Таму, во Битола, ја запознав мојата сопруга Елица, со која добивме две прекрасни ќерки. Таму созреав. И како човек и како уметник. Таму впрочем, со Димитар Кочевски- Мичо и Илија Кочовски ја оформивме и групата „77“ со која пак, имаме реализирано многу самостојни изложби.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2009 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *