„Карамба, во тек на филмот се претвора во нивниот понижен слуга, носејќи им кафе само со престилка на него, прикажувајќи нѝ во дејствието и малку мешање со газови. Сериозно, кој би сакал да го гледа тоа?! “, Холивуд Репортер
„Иако Кајмак ги нагласува класните разлики и се занимава со помрачни општествени прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода – филмот не е суптилен, и има премногу провокативни сцени кои се граничат со меко порно. Всушност, тие се вулгарни“, Гаутаман Баскаран, по премирета во Токио
„Можеби Манчевски, сè уште го брка духот на неговото феноменално успешно деби „Пред дождот“, и само сакаше малку да се забавува. Но, приказната што се обидува да ја раскаже е бесмислена, а постојаното цик-цак помеѓу сериозната драма и чистата глупост предизвикува вртоглавица“, Марта Балага, Синееуропа.
Наспроти помпезните известувања во некои од нашите медиуми од премиерата во Токио и „холивудската“ премиера со овации во Скопје, впечатокот за новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски на дел од светската критика е сосема поинаков. Заеднички именител на три написи во светски медиуми е дека станува збор за разочарувачко дело, кое ја нарушува границата на уметничка суптилност и на вулгарен и глупав начин претенциозно ни ја претставува приказната за две брачни двојки од Скопје и кајмакот како лајт мотив низ филмот, „кремасто турско сирење со сладок вкус– што се купува, конзумира, па дури и се размачкува по голо тело“, пишува во критиката на „Холивуд Репортер“. Критичарите се согласни и дека по почетничката среќа со „Пред дождот“, подоцна никогаш навистина не видовме приближно успешно дело од авторот, па се чини тој постојано ни подметнува лански кајмак на стара слава.
Со наслов „Сексуално наелектризирана драмедија за двојки на Милчо Манчевски, не баш возбудлива“, критичарот на овој престижен светски филмски магазин, евидентно добар познавач на опусот на Манчевски, вели и покрај тоа што сакал „Кајмак“ да има лесна конзистентност како во „Врба“, по премиерата во Токио, веројатно нема далеку да стигне.
„Манчевски очигледно сакал неговиот филм да ја има истата лесна и сочна конзистентност, но неговиот хумор е невкусен а неговата родова определба е несигурна, иако, женски ликови доминираат во наративот. Исто така, има премногу секс сцени што не се, па, толку секси, што му дава на филмот мала вулгарна страна на која ѝ недостасува привлечност. Откако беше прикажан во главната конкуренција во Токио, не е многу веројатно дека далеку ќе стигне“, пишува магазинот.
Потенцирајќи дека со успехот на „Пред дождот“, Манчевски преку ноќ беше претворен во моќен уметнички талент, подоцна не успеа да го генерира истиот севкупен ентузијазам, заклучува авторот на критиката.
„Тоа беше пред добри 20 години, а во следните децении режисерот некако никогаш не успеа да го надмине својот прв игран филм, снимајќи многу филмови кои се прикажуваа на фестивали или имаа ограничена дистрибуција– најдобриот од нив, „Врба“, од 2019 година, освои неколку награди и беше избран за дистрибуција од страна на Кино Лорбар – но, не успеа да го генерира истиот севкупен ентузијазам. Неговото најново дело, развратната и екстравагантна драмедија „Кајмак“, се чини дека е осудено на истата судбина. Забавен до одреден степен, но истовремено пренагласен и по малку смешен, филмот следи две македонски двојки кои живеат во иста станбена зграда во главниот град Скопје.“
Според него, сценариото е падни/стани, на почетокот е интригантно, иако, како што додава авторот на критиката, Манчевски тоа натаму не го разработува.
„Во прекрасниот пентхаус во зградата живеат богатата банкарка Ева (Камка Тоциновски) и нејзиниот мрзлив сопруг Методи (Филип Трајковиќ), на кои сé им оди освен тоа што не можат да зачнат дете. Се договараат да ангажираат млада роднина од село, Доста (Сара Климоска), да биде сурогат мајка, но ситуацијата им го превртува животот наопаку кога Доста сака да игра поголема улога во животот на бебето, отколку што Ева е подготвена да ѝ даде. Во меѓувреме, во тесниот стан на приземје живее парот од работничка класа, Карамба (Александар Микиќ) и Данче (Симона Спировска). Тој е постар чувар во банката каде што работи Ева, а таа напорно работи во пекара. Нивната врска јасно не функционира како што треба, но сето тоа се менува кога Карамба почнува да има афера со локалната продавачка на храна – и продавачка на кајмак – Виолетка (Ана Стојановска), која постепено успева да ја трансформира двојката во среќна, откачена тројка, иако само привремено. Филмот постојано скока помеѓу двете тројки, кои ретко имаат меѓусебна интеракција, сé до една фатална средба кон крајот“.
Режисерот Манчевски, потсетува критичарот, користел сличен метод во неговото претходно дело притоа следејќи ликови чии судбини се испреплетуваат во различно време од истата приказна, овозможувајќи му да обработи одредена тема – како што е ефектот на југословенските војни врз Македонија (сега Северна Макдонија) во Пред дождот – од различни перспективи.
„Но, тука методот не успева да произведе ништо толку силно како во дебито на режисерот, со секоја од тројките достигнувајќи екстремни нивоа на хистерија додека сексуалните и брачните тензии се преливаат. Се чини дека Манчевски коментира за тоа како потребите на поединецот и тие на парот се вечно во конфликт, но неговите набљудувања често паѓаат на нивото на карикатура. Применувајќи некои од стилистичките алатки присутни во другите негови филмови – презаситени бои, рачно држена камера, многу вкрстување меѓу приказните – тој никогаш не успева да го претвори „Кајмак“ во нешто примамливо. И покрај изобилството на секс, домашна драма, и најмалку една смрт при крајот, филмот главно се доживува како анегдотски – мало дело од режисер кој некогаш нѝ имаше дадено нешто огромно“, стои во критиката на престижниот Холивуд репортер.
Критика по премиерата во Токио : „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски е огромно разочарувачки!
„Кога влегов да го гледам натпреварувачкиот филм на македонскиот режисер-сценарист Милчо Манчевски, „Кајмак“, на филмски фестивал во Токио, се прашував дали ќе се истакне или барем ќе се изедначи со неговото играно деби во 1994 година, „Пред дождот“, моќно дело на етничките конфликти во неговата земја. Филмот беше премиерно прикажан во Венеција и замина со „Златниот лав“, а беше номиниран и за Оскар. Но, во меѓусебните децении, Манчевски никогаш не можеше да ги достигне височините што ги постигна со „Пред дождот“. Кајмак е гласен, бурен и ужасно драматичен, а се работи за два македонски парови кои живеат во ист станбен блок во главниот град на нацијата, Скопје. Иако Кајмак ги нагласува класните разлики и се занимава со помрачни општествени прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода – филмот е тешко суптилен со премногу провокативни поглавја кои се граничат со меко порно. Всушност, тие се вулгарни“, пишува меѓудругото во оваа критика.“, Гаутаман Баскаран.
Овој критичар во написот се осврнува и на мастер класот на Манчевски во Токио, па вели „конечно, тој имаше солиден совет за студентите по кино. Поминете многу време во кастинг. Помага. Но, очигледно и за жал – и покрај ова – се чини дека немал среќа со „Кајмак“, беше прилично разочарувачки“, пишува Баскаран.
Синеуропа ( Cineeuropa ): Социјалната сатира со примеси на секс комедија – и многу млечни производи – во конфузниот најнов филм на Милчо Манчевски
„Сите обиди за сатира – а ги има многу – се поништени поради неверојатниот недостаток на суптилност на филмот. Различни сексуални чинови најчесто се играат за смеење, освен ако носењето маска за нуркање во кревет е веќе добро воспоставена практика. Има необичен подзаплет кој вклучува интелектуално оспоруван лик кој стана сурогат, и изјави : „Ќе те полнам како полнена зелка“, пишува во критиката на Марта Балага од Синееуропа, една од најпознатите европски филмски платформи.
Критичарката вели, „Можеби Манчевски, сè уште го брка духот на неговото феноменално успешно деби „Пред дождот“, само сакаше малку да се забавува. Но, приказната што се обидува да ја раскаже е бесмислена , а постојаното цик-цак помеѓу сериозната драма и чистата глупост предизвикува вртоглавица“.
Светската критика, потпирајќи се на своите стандарди негативно го оценува најновото филмско остварување на Манчевски. Впечатокот, судејќи според меѓународните критики, е дека авторот не успеал да го повтори својот успех од дебито „Пред дождот“.
Меѓу домашните филмски критичари, речиси идентични анализи со странските колеги прави и Игор Анѓелков во својата критика за „Кајмак“. Анѓелков, исто така оценува дека со пренагласениот маркетинг и уверувања на јавноста во неговата грандиозност, Манчевски сака да го сврти вниманието од вистинската вредност на ова синеестичко остварување.
Наспроти критичарот Анѓелков, неговата колешка Марина Костова, патем биограф на филмскиот пат на режисерот Манчевски во својата критика констатира дека е ова уште еден негов мајсторски филм.
За танго се сосема доволни двајца, доколку знаат како играат, а во филмот е доволно ако сценаристот а во случајов и режисер и продуцент ги прифати добронамернити критики, и без надменост го увиди својот вистински потенцијал експониран во овој филм.