Сутерен.мк

Себични оправдувања

Живеам во пеколен брак. Не би одела во детали, но сопругот е страшно љубоморен, посесивен и сака да има целосна контрола врз мене. Ме навредува често и омаловажува пред други луѓе. Сакам да се разведам, но имам две деца и знам дека морам заради нив да трпам. Како да влијаам врз мажот, да се смени, да се смири?
Нела, 34

Нела дарлинг, возрасен човек е невозможно да промените доколку тој сам тоа не го стори. Не сум баш убедена дека личност над 15 години воопшто и се менува, можеби само неговиот агол на гледање на нештата, приоритетите, критериумите… Меѓутоа, во суштина карактерот колку се „изместил“…

Зошто да се остане во брак заради децата? Зарем сте се венчале поради нив?

Приоритет на спојувањето на двајца не е да се создаде трета, четврта туку да се биде заедно, да се дели љубовта, животот. Партнерската љубов може да прерасне во родителска, но и не мора.

На нерви ми оди тоа бедно самоправдање – да не се децата, ќе се разведам. Не, драга моја, не се разведувате заради децата, туку затоа што сте конформист. Ви е страв како понатаму. Каде ќе живеете, како, ќе биде ли тешко…

И, ај пак: не се венчаваме поради деца. Дали некаде при брачните заклетви се споменува „за да имате деца“ или „ако немате деца, разведете се“?

Познавам двојки кои немаат деца, а се среќни. Секако, родителството е прекрасна работа, создадена од несебичност. Меѓутоа, кога не би имале деца, би се развеле ли од партнерот? Тоа треба да се прашате.

Зошто сами себе се осудувате на неквалитетен живот, а со самото тоа и вашите деца? Лош брак значи и лошо одгледување на децата.

Секако, разделувањето на сопружниците е последниот потег за да ни се подобри животот. Претходно треба да се исцрпат сите алатки за обид заедницата да функционира како што треба. А, ако и дојде до прекин на бракот знајте дека тоа не е ни малку едноставен процес. Заедничкиот живот создава бројни врски. Најсилна е онаа со децата, но тука се и заедничките пријатели, сметки, кредити, имот…

Што значи, ви се допаѓало или не, по разводот вие и понатаму ќе бидете во врска. Тоа е сложен конфликт и заради доброто ментално и физичко здравје и на двајцата партнери, би било добро кога би пронашле прифатлив модел на понатамошна комуникација.

Како и да е, оладете ги главите и седнете и разговарајте. Одлучно.

Што и да решите знајте дека на вашите деца им треба смирена и радосна мајка…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *