Како се прославува Божиќ по јулијанскиот календар во Египет и Етиопија?
Околу 15 проценти од жителите на Египет е христијанско, а повеќето од нив се Копти, кои Божиќ го слават во јануари.
Месецот што му претходи на Христовото раѓање го нарекуваат Киахк, а секоја сабота навечер за време на неговото траење се поминува со песна, а секое неделно утро верниците одат на црковна служба.
Од 25 ноември до шести јануари, овие христијани постат, што подразбира одрекување од храна од животинско потекло. На Бадник, се собираат во храмовите на литургија, а наредниот ден го слават Божиќ.
Дедо Мраз е познат и во оваа средина, под името Баба Ноел (Татко на Божиќ), а децата веруваат дека тој влегува низ прозорецот додека спијат и им остава подароци. За возврат, малечките му оставаат кахк (колачиња).
Во Етиопската православна тевахедо црква, празнувањето на Божиќ се нарекува Гана, а му претходи пост (целосно воздржување од храна). На денот на Христовото раѓање, христијаните носат алишта во бела боја, а многумина носат и традиционална облека – шама.
Одбележувањето на Гана започнува во четири часот наутро, а свеченостите се пропратени со игра на момчињата слична на хокејот, која исто така се вика гана, а подразбира употреба на палки и дрвени топки.
Дванаесет денови после Божиќ, верниците ја започнуваат тридневната прослава Тимкат, со која се одбележува покрстувањето на Исус. Важен дел од овој настан е молитвата за време на службата во храмовите, кога возрасните повторно облекуваат шама, а децата одорите на своите црковни здруженија, а носат и круни.