Сутерен.мк

Сестра Рачед ја напушти глобалнава лудница

Луиз Флечер, американската актерка која се прослави со улогата на медицинската сестра Рачед во „Лет над кукавичјото гнездо“, почина на 88 години во својот дом во Франција

Нејзиниот син Ендрју Бик изјавил дека Флечер починала во петокот од природна смрт. Актерката преживеа две борби со ракот на дојка.

Флечер го имаше професионалното деби во 1958, но беше практички непозната во Холивуд до култниот филм на Милош Форман од 1975, кога веќе беше во свои 40-ти години. Таа претходно имаше 11-годишна пауза од филмовите со цел да ги одгледува своите две деца.

Флечер постави нови стандарди за филмски негативци со својата маестрална изведба на сестрата Рачед наспроти Џек Николсон во „Лет над кукавичјото гнездо“. Оваа улога ѝ донесе Оскар за најдобра главна женска улога, како и Златен глобус и БАФТА.
Ќерка на глуви родители, Флечер стана првата личност во историјата на Оскарите која се обрати на знаковен јазик.

Пред „Лет над кукавичјото гнездо“ Флечер често била одбивана на аудициите поради својата височина, а потоа редовно снимаше филмови и серии, што ѝ донесе и две номинации за Еми.

Нејзиниот приказ на овој лик е толку незаборавен што „Нетфликс“ во 2020 година ја креираше серијата „Рачед“ по него, која ја следи приказната на медицинска сестра која станува негативец.
Во специјалното рангирање на Американскиот филмски институт, сестрата Рачед, беше прогласена за петти најголем негативец во историјата на кинематографијата.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *