Сутерен.мк

Симона Јованоска: Урбаниот човек не може да биде слободен

Родена е вели, еден убав сончев ден, на 16 јули далечната 1985 година во Гостивар. Таму завршила средно економско, а потоа маркетинг на Економски на УКИМ. Веќе петта година по ред работи како копирајтер во маркетинг агенцијата Футура 2/2 , односно смета дека има среќа да ја работи работата што ја сака и во која е добра. Плус, заедно со супер креативен тим.

Симона Јованоска, автор на романот „Денот на црвот“, во издание на „Или-Или“, неодамна ја доби наградата Роман на годината од фондацијата „Славко Јаневски“. Го пишувала на мобилен телефон во пандемиска година и во време кога по втор пат станала мајка.
Вели дека и е удобно во несовршеноста на ликовите, не ги суди и им дава шанса да излезат од калтта. Потенцира дека ги сака тивките, невидливи и навидум мирни ликови од соседството кои се бунар полн со тајни.

Ова проучување на животот ја прави извонреден раскажувач, метафоричар, писател, реалист и колекционер на човечки приказни и судбини. Да, ја прави и нова ѕвезда на македонското книжевно небо.

Писателите не пишуваат во вакуум. Претпоставувам дека секој автор најпрво го открива, консумира животот, за да има за што да пишува. Како Ви успеа во пандемиска година и планетарно заробеништво да се инспирирате и напишете, сега веќе награден роман?

  • Од оваа гледна точка, сè ми е во бунило! Целиот тој период на „заробеништво“, обврски, темпо и неизвесност… не знам, како да му се случил на некој друг, а не мене. Знаев само дека имам приказна, нешто што ме држи sane и од кое не смеам да се откажам. Воопшто не размислував колку време ќе ми е потребно, дали ќе биде добро напишаното и слично, едноставно пловев низ таа внатрешна бура, низ земја, кал, пробивав низ јајце, лажев, крадев и убивав како знам и не знам, само за да преживеам.

– Уште на почетокот на делото ќе забележите „Да си невидлив не е порок, туку начин на живот…Да си црв не беше гламурозно, но таквиот живот беше ослободен од големи притисоци. Не постоеја стеги ниту нереални очекувања, и токму затоа црвите научија среќата да ја бараат и да ја пронајдат во калта.“ Дали во случајов црвот е скромен или не му е дозволено поинаку?

  • За скромноста знам да кажам дека е најблагородниот компромис со себе. Но, кај црвот постои нешто повеќе. Неговиот лик во делото ја поседува онаа неверојатна приспособливост карактеристична за суштествата „надвор од фокус“, измешана со некоја вродена ноншалантност. Како лисицата со грозјето, така и црвот со својата сопствена положба во светот, своеволно дисквалификуван од трката за престиж (?!). Тој е скромен зашто не му е дозволено поинаку, но јас верувам дека генерално скромноста произлегува од овие предуслови.

– Ќе Ве прашам прашање кое си го поставува еден од Вашите ликови, болничарот Хенри, додека со возилото на брзата помош ита да спаси жена која не успеала да се самоубие: Што е полошо, да одбиеш да му помогнеш на човек во неволја или да помогнеш кога тој не бара помош?

  • Никако не си. Претпоставувам на прва топка би рекла дека е полошо да одбиеш да помогнеш на некој кога е во мака, но секоја одлука треба да се разгледува целосно, односно кои биле мотивите, кој е тој што бара помош и за каква помош станува збор. Дали таа може некако да го компромитира тој што ја дава, некако да му наштети, можеби на глава да му го донесе законот. Дилемите на моите ликови се реални, тоа им дава универзална човечка димензија и ме радува доколку ги поттикне читателите на подлабоко размислување и им ги засегне видиците.

– Низ речиси сите поглавја на романот суптилно провејува есента, потрагата по себеспознавањето, конечността, смртта. Толку ли е тешко човек да се ослободи од прангите што го влечат кон црвот, кон земјата. Што е за Вас слобода?

  • Да, тешко е, зашто ние сме разумни суштества кои секојдневно се борат со проблеми, некои од нив за жал се борат на самиот раб. Постојано нешто некаде те потсетува на смртноста, а тоа пак има два можни исходи: да западнеш во длабока тага, да се демотивираш, губејќи волја за сè или да прифатиш дека овде си само еднаш, подготвен да го живееш животот по свое. И во двата случаи извесна е само борбата. И секако, крајот кадешто можеби се случува конечната слобода.Знаете, урбан човек кој живее ползувајќи ги цивилизациските придобивки не може да биде слободен. Тој има обврски за плаќање, сметки, кирија, домување.

Но, дотаму го донел еволутивниот пат, а јас верувам во еволуција и ми се допаѓа што живеам практично. Токму затоа слободата ја среќавам во пишувањето, во одењето на концерт, во daydreaming-от, слободна сум додека спортувам, додека играм топка со децата во парк, додека одам да гласам и слободно да протестирам, додека над главата не ми прелетуваат борбени авиони и не морам да стравувам за безбедноста на моите деца и луѓето кои ми значат.

– Во свет во кој генерално владеат шундот во музиката, старлетите и барабите во културата, социјалните медиуми во креирањето на јавното мислење, каде ја гледате моќта на литературата?

  • Литературата, за да ја добие својата позиција, не смее да се бори против сите овие појави, туку да ги искористи во своја полза. Знаете, таа не е категорија којашто може да се држи како кршливо укравче на елитистички полици, едноставно литературата им припаѓа на сите, но пред сè на времето на кое му пркоси, отсликувајќи го. Социјалните медиуми се реалност, ајде да ги искористиме! Има многу креативни начини за водење кампања, ова го тврдам најодговорно работејќи во една од најдобрите маркетинг агенции во државата, Футура 2/2.

Исто така мора да прифатиме дека шундот е инфилтриран и во литературата, како во светот така и кај нас. Овие трендови треба мудро да ги искористиме, наместо од нив да се згрозуваме. Да прифатиме дека нештата, а со нив и литературата, се менуваат, а со тоа треба да се менуваме и ние самите.

– Некаде прочитав дека не читате поезија. Зошто?

  • Немам одговор, едноставно не ја преферирам со оглед на тоа што сметам дека не ми одговара по сензибилитет. Од она што сум го читала, ми се допаѓа поезијата на Јосип Коцев и секако, поезијата на Славко Јаневски. Би сакала ова во иднина да се промени, па во некое следно интервју да ги набројам и моите омилени книги поезија.

– Што читате, кои автори ги сакате?

  • Во моментов ја читам „Стариот пак е пијан“ од Душан Чатер, пред неа ја читав „Прогонувачот“ од Кортасар. Најчесто читам по препораки, но и по некое внатрешно чувство раководено од хемијата што се создава меѓу мене и книгата што ќе ја земам. Понекогаш грешам. Ги сакам Кортасар, Маркез, Кафка, Пељевин, Достоевски, Џулиан Барнс, Џон Фаулс, Дино Буцати, Дубравка Угрешиќ, Џорџо Манганели, Сабато, Борхес… Ги сакам Славко Јаневски и Горан Стефановски. Би сакала да читав повеќе, ми фалат тие моменти на слобода кога можеш да навлезеш во нечии мисли кои те поттикнуваат на авантура, на едно внатрешно патување од кое се враќаш малку поинаков.

Сакам необични книги, кога ликовите ме поведуваат од другата страна како што едно добро воспитано дете преку пешачки ја поведува својата баба. Освен да ми даде, од добрата книга очекувам нешто и да ми земе за да морам да ѝ се навраќам со намера да си го вратам нештото назад.

– Дали секоја љубов завршува како бизнис партнерство? Какво е вашето мислеење за институцијата брак?

  • Бракот е практична заедница во однос на поделба на трошоци, обврски и одговорности околу домот и семејството. За да функционира потребно е многу љубов како еден вид на гориво што ќе го придвижува заеднишвото. За градење на било каков функционален однос потребна е огромна работа на истиот, добра комуникација, разбирачка и подготвеност на компромиси. Секој брак е различен и функцинира по некое некое свое карактеристично темпо. Би рекла дека нема правила, иако на прва ни се чини дека истите ги устоличуваме со потписите во матично.

– Врските меѓу родителите и децата не се одминати во некои од приказните во романот. Што се менува кога жената станува мајка?

  • Се менуваат доста работи, барем во мојот случај. Прво и најважно – ти повеќе не си центар на светот. Имаш друга, повиока цел, а тоа се децата. Заморот, особено додека децата се мали, достига до нов левел, за мене тоа беше еден од најтешките предизвици. Физички, психички и емотивен шок полн со подеми и падови. Времето кое до вчера си го имал на располагање само за себе, сега ти недостасува за да стигнеш да завршиш сè. Од друга страна, си ги гледаш децата и срцето ти е полно со љубов, знаеш дека тие се најдоброто нешто што ти се случило, најдобрата одлука, невидена љубов, и на тој начин се мотивираш да издржиш.

Јас лично, станав поемотивна и поемпатична, покажувам заби и сила во ситуации за коишто дотогаш сум молчела или ми било сеедно. Приоритетите се изместени, понекогаш не ги препознаваш. Генерално се менуваат многу работи кон созревање и тоа е во ред.

– Дали е случајно што авторката Симона Јованоска еден свој лик го направи копија на Џон Ленон и френетичен фан на Битлси, а не, да речеме, на Мик Џегер и Ролинг Стоунси? Каква музика слушате?

  • Супер што ме прашувате за музика – мојата најголема љубов! Животот не би ми бил ист доколку немаше музика којашто секојдневно ја слушам и откривам. Лично не сум фан на Битлси, но го почитувам влијанието што го имале. Исто така одамна ја надраснав фазата кога слушав рок, така што слободно ќе речам дека сега музички сум навлечена на електроника со сите нејзини жанрови и поджанрови. Има артисти кои за првпат ги открив лани, како што се Alewya, Tanerelle, Golan, но и артисти кои ги слушам френетично: Moderat со сите три албуми, Leftfield и моите омилени Leftism и Phsthm and Stealth, GusGus, Thievery Corporation, Massive Attack, Jan Blomqvist, Gidge, Orbital, Chemical Brothers, Bicep, The Prodigi како најдобри за во теретана, Ishome на која секогаш ѝ се навраќам и ред други кои со душа ги препорачувам и споделувам со драги луѓе. Сигурно има уште музика што ќе ми текне откако ќе го завршам интервјуто.

– Во едно поглавје додека Пабло чита во неговата омилена книжарница Мага, во позадина пее Ненси Синатра „живееш само два пати, еднаш за себе и еднаш за твојот сон“. Кој е Вашиот најголем сон?

  • Па јас и немам еден голем сон, да речеме дека имам мајлстоунс во секоја фаза од животот. Поставувам реална и остварлива цел и давам сè од себе за да ја остварам. Порано сон ми беше да бидам објавуван автор, пред наградата сон ми беше да победам, сега сон ми се преводи и филмска адаптација. Желбите и соништата ги адаптирам на околностите, на моменталното чувство и пориви.

Но, ако ја гледаме големата слика, би сакала децата да ги извадам на вистинскиот пат, како една моја желба и обврска, а лично за себе би сакала да остарам достоинствено, да бидам убав човек во секоја смисла, опкружена со луѓе кои ги сакам, и да пишувам дела кои ќе остават некаков траг во книжевноста.

Ноне Абрашева Ноциќ
Фото: Ѕвонко Плавевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *