Маалско резиме за брачен секс: еден час молење и убедување, пет минути збивтање и половина час мрморење разни извинувања и ветувања дека следниот пат, кога нема да има натпревар на кој се испило толку многу пиво – ќе биде далеку подобро
Кога деновиве прочитав дека според последните истражувања на американски и канадски сексуални терапевти, сексот треба да трае меѓу седум и 13 минути, т.е. дека таквиот, за сите нас балканските мачомени – „зајачки” секс, бил научно „најпожелен” за одржување на здрава врска, ептен ми олесна на душава. И веднаш посакав на поубавата ми половина, научно да и аргументирам дека сиве овие години, и незнаејќи, сум ја одржувал нашата врска стабилна. И, сум го чувал здравјето – на обајцата. Ама, подоцна се откажав од таа идеја, оти може да и текне да се расприкаже на некое маалско, ептен домаќинско филџан-оцрнување на посилните половини, па не знам како би се вадел пред комшиите дека тоа научниците се во право (со тврдењата дека само однос од една-две минути бил навистина прекус, а дека „соодветна“ должина на односот била меѓу три и седум минути, „пожелна“ меѓу седум и тринаесет минути минути и „предолга“ меѓу 10 и 30 минути) кога дваесет години наназад, на полувремињата меѓу натпреварите, меѓусебно се лажеме, дека може и за ништо друго да не нè бива, ама „тоа” барем, благодарам на прашањето – ни трае „со саати”. И си премолчав.
Всушност, и комшиките, барем според муабетот на нивните сопрузи, онака со пиво пред гранапчето, тешко дека и би прифатиле ваков научен новитет и нормализирање на очекувањата, кога досега биле навикнати на сосема поинаков, повеќечасовен ритам. Сеедно, дали оној лажи-суши, срцедрапателниот – од пред гранапчето, или оној вистинскиот – од спалните соби. Ама, повеќечасовен! Мислам, според познатото маалско сценарио: еден час молење и убедување, пет минути збивтање и половина час мрморење разни извинувања и ветувања дека следниот пат, кога нема да има натпревар на кој се испило толку многу пиво со маалските камаради – ќе биде далеку подобро. Трпение – спасение. А да, ќе го заборавев, неизбежниот дел од сценариото од женското писмо: и уште едно два часа колнење на оној со кого пред Господа се делат масата и постелата. Заради крчењето… И хулењето и пцуењето во сон, на Господ, центарфорот, сезнајкото од обложувалницата… Сè додека сонот конечно, не ги победи и домаќинките.
Од друга страна, прочитав и дека тоа сексот, бил многу здрав за организмот и научниците го есапеле за најдобра диета, оти се согорувале најмногу калории – на минута. И тука, малку страв ме фати: што ли ќе каже маалото на мојот зголемен габарит последниве години? Знам дека во маалата, весници се читаат само во берберница, и тоа стари по неколку дена, ама… Почнав да се думам, да не почнат да ми вадат ифтирии, оти досега успешно се бранев дека во секој елегантно пополнет маж, пред сè, се гледа добар стопан, ама да не испадне дека не согорувам доволно… Сепак, подоцна се утешив, откако прочитав дека дебелеењето, всушност, било заразно! Елем, некои американски научници, немале поумна работа, па цели 30 години следеле група од преку 12.000 луѓе, меѓу кои имало многумина кои меѓусебно биле пријатели, соседи или партнери. И докажале дека дебелината може да се шири од личност до личност, како вирус. Со тоа што веројатноста за дебелеење кај некоја личност, едноставо се дуплирала, ако и неговите пријатели биле дебели! И не било ни важно дали живеат во непосредна близина или дали се гледаат често. Дури, на „пренесувањето” дебелина, како вирус демек, многу повеќе влијаело дебелеењето на поблиските пријатели, отколку на членовите на семејството!
Дал Господ, моиве маалски пивопии, сите – „ги има”. Добро, освен Сучката, ама тој од дете си е таков шпртосан, со години му велевме дека неговата тенија има глисти, оти иако беше и остана најбрзиот ловец на ќебапчиња од заедничка софра (сè уште го држи ненадминатиот маалски рекорд: со една чепкалка – три ќебапчиња, со надзвучна брзина и со само едно одење во ќенеф на првите десет пива), никогаш не го загуби својот аскетски изглед… И затоа, велам, не му се гајлам, за маалските озборувач(к)и, оти ќе можам лесно да се „извадам” дека и покрај сето мое согорување на домашен план (а во мачкањето очи пред гранапчето, и – ептен пошироко), јас, всушност, сум бил заразен. Од маалските дембели кои не водат сметка за сопствените тела, во кои можеа да имаат далеку поздрав дух. (А како тргнале, во догледно време ќе наликуваат на дел од нашите духовници, кои и мантиите ги носат само затоа што не можат да си најдат „световна” облека што ги збира… Пу, пу, пу, ај да не хулам, за минутажата почнав, а види каде завршив…) Работата беше дека мене ми ја ширеле заразата оние на кои им верував, оние со кои толку убаво си се лажевме сите овие години и ги споделувавме илјадниците неостварени амбиции. Ми работеле зад грб и ми ја пренесувале сопствената мака, трупци ниедни, низаедни. Несогорени.
Само, ме јаде јанѕа, да не бев јас првиот меѓу пивопијците кој почна да купува пошироки фармерки? Да не сум јас изворот на заразата, нултиот пациент, вирусоносителот? Како ќе им погледнам во очи на маалските ми камаради, кои до пред едвај дваесетина години, сите од ред, личеа на Сучката и можеа да статираат во некој филм за нашето тешко минато, комитски ли, партизански ли, сееедно, а сега… Нема друго. „Како баба знае, така бае”. Ќе ги честам пиво, не пред гранапче, во вистинска кафеана – сосе ќебапи&кромид, ќе ги лажам меѓу седум и тринаесет минути за моето последно повеќечасовно согорување калории, и ќе се соочам со нив. По маалски. Ако ни се совпаднат спомените за тоа кој прв почна…, ќе се изсамокритикувам и ќе ја прифатам вината. И за нивните килажи и за нивните минутажи. И ќе молам за прошка.
Знам дека ќе сфатат – сум ги заразил, оти сум им бил близок…
(Авторот, роден во 1964 година, е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)
Од книгата “Маалски прикаски (1+2)”, “Или -Или”, Скопје 2019-та.