Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Лангзам, лангзам, абер зихер…

Откако тоа докторите побараа од мене малку да забавам со нервирањето и со јадењето&пиењето, да си го проветрувам мозокот со лефтерни работи и да шетам (за среќа, не беа дотолку забегани, па и покрај мојата волуминозна фигура – да ме тераат и да спортувам со останатите маалски дебелковци, во паузи меѓу две карања со поубавите половини, додека од страна им се смеат децата, или, да возам ролерки, скраја да е…) едно време посакав навистина да се релаксирам. Ама, не знаев – како? Некој од колегите ми спомна дека куче му било мајката. Демек, кутрото куче – заробеник во мојот стан, два пати дневно секако би морал да го „мочам“ по тревниците на најголемата спална соба во Скопје, па секако, ќе ме доведело во ред… Арно ама, по искуството со желката која не знаеше да плива во пиво и папагалчето кое доживеа инфаркт кога слета врз звучникот, додека јас носталгично се потсетував на времињата кога некој уште слушаше хеви-метал…, се преесапив, дека не сум роден за домашни миленичиња. (Жабите што откај Вардар ми доскокнуваат во дворот и маалските џукели&дебели мачкишта – не се сметаат…)

Потоа, ме советуваа дека тоа шетањето било особено здраво. И уште поособено, ако е покрај река или езеро. Демек, полни гради чист воздух. И набивање кондиција. И така, еве веќе неколку години, сè нешто се острам да прошетам покрај Вардар, барабар со јунаците на третата доба на моето маало, ама секогаш, нешто поважно се испречува. Ќе гледам телевизија или ќе прочитам весник, ќе ми го изрецитира најдобрата сопруга на светот, најновиот и список на желби за реновирања во станот (кај се чуло и видело дека морало на секои неколку години да се варосува – па не ложиме ќумбе, а и од цигарите се откажав, само да не ми растураат молери по дома…) кои секако значат срчосување на мојата дневна рутина, ќе ги слушнам пцостите&клетвите на комшиите пред гранапче, пред лифт, на автобуска… И ќе ми се збурбати. И, наместо на пешачката патека, завршувам во маалската кафеана, во која келнерите, а и по некој од редовните гости, веќе гледаат „низ мене”, ме третираат како изветвен чаршаф од некоја маса или како кафеанскиот лингур кој зиме-лете си ги грее коските во летната бавча. Во превод – ептен гостопримливо: ми сипуваат една бела лозова и една водичка и не ме ни прашуваат што ми е и како ми е. Сè си знаат.

А некогаш, не толку многу одамна, кога низ Скопје уште можеше да се оди пеш, без опасност да те искаса некое од глутниците кучиња, главно збрлавени од радост по остатоците од храна, фрлени директ низ прозорците на илјадниците ѓоа-скопјани на кои цел свет им е глобално село, зашто од родното им, никогаш и не се откорнале; елем, тогаш – некогаш, кога уште можеа да се заобиколуваат контејнерите со ѓубре, автомобилите паркирани едни врз други и рампите и колчињата со кои новопечените газди си ги омеѓуваат асфалтираните „нивчиња”, како доселениците на Дивиот Запад, е тогаш – навистина многу сакав да шетам. Како Случаен Минувач. И да се ѕверам наоколу. Онака, ептен без причина и цел. Исто како што многу сакав и да муабетам, со непознати луѓе. Со пензионерите&пензионерките во Паркот, кои чувајќи ги чедата на своите чеда, или со шахот и плетилата, полесно се правеа наудрени дека тоа – снаите&зетовците (скраја да е, нивните чеда) кои со очи не можат да ги гледаат, ги избркале од дома, само за да не ги тормозат со вечните приказни за ниските пензии и високиот притисок… Или, како што многу сакав, како професионален невозач, да разменувам трачеви со таксистите, најинформираните луѓе во градот. Или, како што многу сакав, како ептен традиционален вљубеник во чашка муабет и „нежна” скара, да се распрашувам за убавите, одамна минати времиња кај келнерите, градските хроничари со најдолго помнење. Или, да се информирам за аналитичките предвидувања за идниот геостратегиски развој на големите сили, од препродавачите на зелените пазари, кои со должно внимание ги исчитуваа текстовите од весниците во кои ги пакуваа турските краставици, грчките маслинки и она нешто, во што необјасниво се престорија скопските „јабучари”… Тогаш, во не толку дамнешното – некогаш.

Арно ама, како годините минуваа, така сите околу мене како да станаа ептен намуртени, незаинтересирани за бош-муабет и подготвени за кавга. На секое „Добро утро!”, ми одговараа со: „Зошто? Кому тоа му е добро, утрово?”. А на скраја да е, културното: „Како сте?“, редовно следуваше контрапрашањето – „Што ти е гајле!?”, дополнето со резгигнираната констатација: „Како можам да бидам во вакво време…” Така, низ Скопје како веќе никој да не се шеташе, а довечерашните минувачи, како само да се меркаа низ затемнетите прозорци на автомобилите – кој кого и на која крстосница ќе го изгази. Како гадинка. Случајностите станаа реткост во наметнатите ни, однапред изрежирани претстави во кои ни дозволуваат да статираме, ама без реплики. И си замолчав. Како и сите трпе-трајчевци, кои редовно креваат востанија само во маалската кафеана. Си продолжив да си подлажнувам дека живеам лангзам, лангзам, абер зихер, кон целта! Што би рекол, мојот доктор – лицемер, тежок 0,13 тони и со подочници до мустаќите, кој се уште, редовно ме малтретира да ослабнам два-триесет килограми, да не пијам алкохол, да не се нервирам…, и да шетам! Демек, сум морал, оти сум претерал со самозалажувањето. А, и за да не морам, според неговите закани, утре да штрапацирам по Инфарктштрасе и да ги бележам само пластичните шишиња што пловат низ загадениот Вардар. Или, така, чисто да си минувам километри додека ни минува времето. Колку да се оттргнам од секојдневието во кое сè поголем број, некогаш збивтани и затрчани луѓе, кои ги сопнуваа, па паѓаа, па куцаа… сега си ползат. Кон поубавото утре.

И цврсто решив. Нема веќе да се нервирам. И ќе намалам со јадењето&пиењето. Лека – полека. Ама, сигурно. Да не го нервирам докторот. Лицемерот има висок притисок…

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *