Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Најважната споредна работа

За генерациите кои сакаа блачко и израснаа во „Апче“…

На речиси редовните викенд-прошетки низ паркот со мојот наследник, му зборував за традиционалните посети на неделните фудбалски натпревари од годините кога Вардар, по ќеиф си бираше дали ќе се натпреварува во Првата или Втората лига на тогашната држава. Жителите на моето некогашно маало ја имаа таа среќа – Паркот и стадионот да им бидат „на десет минути” пеш-муабет, и секоја недела тоа беше цел ритуал. Создаден од татковците кои бегаа од мајките и здодевните домашни обврски, и нè водеа не само на Вардар или на маалската љубов – Работнички, ами и на Локомотива, ако треба, кога двата „поголеми” тима гостуваа.

Н. В. Фудбал! Најважната споредна работа во животот. На мажите од моето маало. Бавно чекорејќи, со перниче под мишка, или само со весник – за под задникот, со огромни фишеци семки & сончоглед („Кииии-кирики, семки, мастики, млеее-коо бадем!…”), нашите татковци, со стуткани панталони на препоните, бистреа политика или фудбалски трансфери од типот – „Кој голман ‘Звезда’ ќе ни го подари догодина, ако сега и ги пуштиме бодовите, оти и требаат за титула, а ‘Вардар’ и така испаѓа“, додека ние, маалските копиљаци каскавме зад нив, полни верба во претстојната победа.

(Велам, нашите татковци, оти јас, сè некако се „шлепував” со татковците на моите другари. Со татко ми никогаш не отидовме заедно на фудбал. Оти, тој не сакаше споредни работи на кои само се вреска и пцуе, туку, преферираше да ја анализира Политика во неделните утра, или, дополнувајќи му ја чашката со ракија, со мезе да му објаснува на кумот, едвај 40-годишен пензионер, од некоја година пред тоа, каде кумот и таквите како него згрешиле и зошто морале да бидат сменети – заради поубавото утре. Кога јас се враќав дома на неделниот ручек, кумот поднапиен си заминуваше, колнејќи ги сите кои не сфаќаат колку си ја сакал земјата и службата и колку бил онеправдан со невозвратената љубов, а татко ми, ја поместуваше во шкафот неговата никогаш неупотребена чашка за ракија, поставена на софрата, чисто колку за баланс…).

Фото:Маја Златевска („Чувар“)

Пред тоа, во Паркот, пиевме сокови во шишенца разладени на коцки мраз дом’кнати со велосипеди со предна приколица – пред натпреварите и купувавме сокови („Сок ‘Шампион’ – Вардар шампион!“) во тетра-пак за самиот натпревар, додека татковците ги вадеа од џебовите незаобиколните транзистори „на батерии” за следење на резултатите од другите натпревари. (Тогаш, некој некому да се обидеше да му ја предвидува денешната зараза со обложувалниците, веројатно ќе му ги врзеа ракавите на пижамите зад грб и директ – ќе го транспортираа во Бардовци, оти, „12-ка” и „13-ка”, тогаш зависеа и од тимови како Вардар или Челик, а гласот на радио-спикерите предизвикуваше катарза…). И ги здогледувавме незаборавните „шиткачи” Србо&комп., кои зиме се селеа пред кината во центарот на Градот (како денес на син ми ми да му објаснам дека некогаш, пред тоа тркалезните дупнати плочки и пред видео-лентите, имаше „шиткачи” и толпи незадоволници пред кината, кои останале без билет!?), не тревожејќи се, знаејќи дека ќе нè пуштат редарите на еден билет – еден татко и едно дете... По натпреварите, татковците ги преџвакуваа акциите, шансите и „утките”, седејќи во Идадија (мезејќи ќебапи и пиејќи студено пиво – маалски иљач за разранетите јазици и усти од солените семки), па дури и „од нога”, во ќепабчилницата до Апче, а ние „копиљаците”, внатре во слаткарницата, голтавме еклери&индијанки, пиејќи ја најубавата боза на светот (патем речено, пијалок чиј состав, а особено вкус, никогаш не успеав да им го „преведам”, на пријателите и познајниците од странство)… И, така, јадејќи и пиејќи, расипувајќи го традиционалниот неделен ручек, на кој нè чекаа мајките, им служевме како крунски аргумент на татковците – демек, „децата сакале блачко“, па затоа стигнале дома три часа по натпреварот…

* * *

Фото:Томислав Георгиев („Само дома си е дома….)

На фудбалски натпревар во паркот не сум бил повеќе од 15 години. Немам ќеиф. Сепак, секогаш кога поминуваме покрај стадионот и со син ми гледаме некој тренинг, некако ми заигрува срцето. Дома, на секој ТВ-пренос на фудбалски натпревар, малиот ме прашува „кој игра?”, „кои се кои?”, и „за кои си ти, тато?”. За и тој да навива со мене. Нормално, само во моментите кога прави пауза од компјутерските игри. Ама, на сите мои предлози да одиме заедно на натпревар на стадионот во мојот и негов Парк, ми одговара неодредено. Знам дека не сака толпи и дека му е многу поубаво да прави христијании со количките „на струја”, околу Фонтаната и минувачите, ама му ветив (си ветив?) дека напролет ќе го водам „на утакмица”. Некоја, било која, кога Работнички (Вардар годинава е ептен за жалење, ќе чекам син ми да го види во поубава светлина) ќе игра со некој тим од внатрешноста и кога речиси и ќе нема натпреварувачки дух и турканици на влезовите. Ама, кога сепак, и син ми ќе ја види магијата на зелениот терен. Ќе купам два билета, нема веќе она – еден билет, еден татко и еден син. Ама, и со два билета – ќе споделиме. Исто чувство.

И семки & сончогледи ќе купам. И иљач-пиво, кочан-студено и шампионско сокче. (И перниче ќе носам, иако сега има седишта за корнење и мавање по судијата кој е геј по дифолт и по навивачите на гостите). Ќе навиваме заедно. Море, и ќе пцуеме заедно ако треба, иако го учам, нели, дека тоа не е убаво. И ќе и’ го расипам планот за неделна софра на поубавата ми половина, зашто, ќе го „натапанам” малиот со ќебапи, еклери & индијанки и боза. И заедно ќе подлажнуваме дека сме задоцниле оти тој инсистирал „на блачко”. Зашто, тоа споредното, некогаш е и тоа како – важно.
Најважно.
Откако сè ќе стане споредно.

(* На татко ми, наместо говор на неговиот погреб – за сите пропуштени заеднички нешта во животот...)

(Авторот, роден во 1964 година, е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

Од книгата “Маалски прикаски (1+2)”, “Или -Или”, Скопје 2019-та.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *