Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Скопска прикаска за пивото и разголените убавици

Во летните месеци, пред години, кога во она убавото и ненагрдено Скопје ќе запечеше ѕвездата, единствен лек беше грч ладното пиво во замаглени кригли или шишиња што чадат. И, добра позиција. На масите во некоја летна бавча или дури и пред маалското гранапче, сеедно, за вдишување на мирисот на липите кои не беа сосечени до корен и за невоспитано ѕверење во дибидус разголените скопјанки. За впивање на женската магија…

(Дигресија: стриптизот&парадата на неколкуте ударни скопски локации почнува уште со првите априлски сончеви зраци, за во јуни и во септемвриво јули и во август градот е, нели, празен, како нашите портомонеа да го достигне својот зенит, со единствена разлика во тенот на се пооткриената кожа на личните скопјанки, кои со секоја нова тура, стануваат се поубави и по… сексапилни, де…)

Во тој период, предизвикувачки делуваат дури и комшивките со кесињата&зембилите од пазар на пат кон дома или со кофите со ѓубре, на пат кон контејнерите, оти сонцето и пивото, силно удираат во глава, па наместо традиционалниот, тежок мирис на запршки од летните кујни на балконите, на седнатите врз гајбите пред пиљарите или маалските колонијалчиња, со секое шише им се причинува дека „инхалираат“ лосиони, јод, борова шума…

И си мечтаат, евоцираат спомени за младоста кога сите летувале во работничките одморалишта на „наше море“, или како патлиџан-туристи во Грција, па дури и кај сонародниците им, кои мразат „скопјанишча’… Во превод: си пекаат за младоста кога скопјанките биле пооблечени и на улиците и на плажите, ама тие биле подрчни&поаздисани, па „мечка страв-мене не ми е страв“, си дофрлувале, онака, по скопски, се со надеж дека ќе им се судрат барем погледите со убавиците. Во зависност од локацијата, денес коментарите се со повеќе или помалку усул, во поглед на оценките за ставата на минувачката, или на сексуалните акробации кои набљудувачите би ги применувале и покрај годините и „појасите за спасување“ на половините, само кога би имале шанса. (Мислам, кога би им била дадена можност да се покажат де, дека имаат добра меморија и дека уште не се за фрлање…)

За оние непознатите, разголени убавици, скенирани од летните бавчи „во град“, коментарите се послободни и поневоспитани, а за малските сопаталки, се далеку поумерени, според комшискиот бон-тон. Онака, само воздишки меѓу две ливчиња од кладилницата, или зајадливи коментари за комшијата кој не знае какво богатство има дома, па не (ја) го есапи, и времето си го арчи на реките и езерата, болувајќи од вековниот македонски синдром „фрли рипче – фати крапче“… И толку, оти секому може да му се случи, токму неговата сопруга или „ќерката на тато“ да се најде пред „жирито“ на променадата пред пиљарата, а за невоспитани коментари контра семејните вредности, и покрај маалско-комшиските правила на игра, може да летне и некое шише. Особено, ако срцата се исполнети со летни импресии, а гајбите се подиспразнети…

Комшијата со најубави прикаски за сопствените швалерски искуства, кого, колку и да не му веруваме, ептен сакаме да го слушаме, со години наназад, по секоја трета рунда, ја разработува тезата за лековитоста на женската убавина. И од позиција на набљудувач на скопските убавини со долг стаж, ни ја раскажа приказната за некоја жена-научник од странство, Ветерби се викала, ми се чини, која докажала дека десетминутно гледање во женски гради е исто како 30 минути фитнес! Или, еве, по нашки – како 45 минути косење трева, да речеме, или исполнување на некоја друга желба/наредба на поубавите ни половини…

Според комшијата, таа госпоѓа-научник проучувала дури 200 мажи чија единствена задача во истражувањето била – да гледаат во градите на разни жени. Јасно, убави. Резултатите биле дека загубиле иста количина калории, како други мажи-заморчиња од експериментот, кои се мачеле&потеле во фитнес-сала. Демек, гледањето во гради ги намалува „појасот за спасување“ околу половината и стресот, а ја подобрува функцијата на срцето, оти, сексуалното возбудување го забрзувало работењето на срцето, ја подобрувало циркулацијата и ги правело мажите – поздрави. Веќе на четвртото-петото пиво, сите комшии-учесници во маалскиот симпозиум за соодносот меѓу женските гради и машкото здравје, се согласуваа(т) со сите тези и бараа(т) печатење флаери, што би им ги поделиле на комшивките-минувачки, за тие, како општествено одговорни чинители во маалото, да ни помогнат во намалувањето на ризикот од срцев и од мозочен удар, и со самото тоа, да ни го продолжат троа животот.

Иако, имало и научници кои ги сметаат ваквите тврдења за лажни, ние пред гранапчето, со консензус и со акламација ги прифативме. Комшијата кој ни е најблиску до пензија, истакна и дека веднаш ја прифатил новата диета и почнал ептен да се ѕвери по скопските убавици, (шетајќи, што му е дополнителен бонус во поглед на здравјето), ама му било малку страв, некој да не го накодоши дека е одртавен манијак, па си купил темни цвикери за сонце.. Од друга страна, во весниците во берберницата, и самиот најдов едно поучно четиво за некојаси забарка во Минхен, која наводно сакала да им помогне на пациентите да се релаксираат и да не доживуваат стрес кога ќе ја видат дупчалката, па ги облекла медицинските сестри во сексапилни баварски носии кои отвораат широки видици на и во нивните деколтеа. И, нормално, пациентите ем не се жалеле на болката (веројатно, не ја ни регистрирале оти биле презафатени и сконцентрирани), ем некои од нив, на задоволство на стоматолозите, и широко зјапнувале со устите, смирени со деколте-„наркозата“. Елем, докажано и со научни истражувања и во праксата…

Сепак, како единствен новинар во маалото, по дифолт, не можев а да не консултирам и други извори, па најдов и поинакви тврдења на некои шпански научници, кои пак, тврдат дека само пет минути поминати покрај убава жена го зголемуваат нивото на некаков хормон на стресот. А резултатите биле и полоши, ако кутриот маж смета дека убавицата до него е над неговото ниво. (Добро, се ова да се земе со резерва, оти можеби поминува кај Шпанците, не знам, ама кај нас, Балканците – не! Едноставно, нема таква убавица до чие ниво ние, оптимистите, нема да допреме, нели…) Демек, тоа научниците, барем според колегите кои ни ја пренесоа веста, заклучиле дека убавите жени предизвикувале хормонална реакција, а дека тоа хормонот на стрес, во мали дози имал позитивен ефект, но неговото хронично зголемување го загрозувало здравјето, и можело да предизвика срцеви проблеми, дијабетес, хипертензија и импотенција!!! Пу, пу, пу, скраја да е!

Откако се испцув што се плеткам во работи што не ги разбирам, ја заклучив дискусијата во маалото: дека нема да бараме научни оправдувања пред поубавите ни половини, ни за седенките врз гајбите и богатите дискусии на тема женска убавина и последиците од неа, ни за ѕверењето од летните бавчи и коментарите за ѓурултијата скопски убавици. Оти, најдоброто оправдување ни е – дека така треба. Било и ќе биде. Пиво може да се пие и без жени, особено кога се гледа натпревар или пријателски се игра комар „на ситно“, ама женската убавина е секогаш дел од фалбите во кафеанските мубаети. Или, од дебатите за научните согледувања пред маалската пиљара. Со сите последици за машкото здравје.

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *