Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Тоа беа времиња…

На друштвото од ”Починка”, луѓето поради кои беше убаво да се живее и тука

Со почетокот на скопското изгор лето, навадувајќи ги секоја полноќ – тревата во дворчето и душата ми напатена од летните горештини (црево во едната и шише пиво во другата рака), си приспомнував на сличните ноќи, пред дваесеттина години, кога на клупите пред зградиштата во Капиштец, откако ќе затвореа и Починка, па дури и Прохорче, со маалските камаради правевме планови „за на одмор”.

Фото: Ѓорѓи Личовски – „Освежување на историјата“

Цела зима со кебапчињата на Кривопаланчанката, со вкус на камп-салама (две „десетки” на седум души, со „бржа рука од ока” – движења на чепкалките, од металните чинии до устите), евоциравме спомени од претходните ферии, а цела пролет и особено, откако ќе почнеа жештините, се преесапувавме дали ќе можеме да стигнеме до Умаг&Порторож, во гиманзиските, или до Крит, во студентските години. (Откако ќе стигневме, сè беше полесно, секогаш се наоѓаше некоја работичка, со која можевеме да заработиме доволно, колку за „готови” јадења кои подоцна ги „готвевме” – на сонце, за конзерви&пиво, и секако, за вечерното излегување, на кое, во една од двете колку-толку чисти маички, избричени и намирисани, се обидувавме да им се продадеме на ќерките на скапаните капиталисти, како најдобри фиданки на социјалистичкото самоуправување, демек, млади, здрави и послушни, прилагодливи за сите нивни барања...)  И перманентно бевме во кусок со парите, ама и со едно чудо нови и сè понови идеи за двомесечното ваканциско уживање.

До детали ги планиравме содржините на ранците, местата за стопирање и преспивање по пат, начините за преживување со што помалку пари, и тепајќи го по раце Сучката кој со worp-овска брзина, успеваше со еден потег – на една иста чепкалка да набоде по три ќебапчиња, мечтаевме. Ама, и си делевме конкретни задачи… Јас бев задолжен за кореспонденција и одржување на врските преку зима, со ланските неосвоени девојки за кои постоеше минимална можност дека пак ќе се појават на истото место и дека по толкав покажан интерес, барем следното лето ќе станат освоени (пишував писма еееј! – на  хартија, од оние што се носеа во пошта и за кои требаше да запомнат имиња и адреси со едно чудо умлаути), а најважно беше што  морав „преку врски”, од лекарот во фамилијата да набавам апчиња за пролив и запек (оти нè имаше разни и различно ги прифаќавме промената на климата и драстичните разлики од кујните на мајките), антибиотици, масти за изгореници, завои&фластери, апчиња за „симнување температура” и разни други ѓурултии (во кои истиот лекар во фамилијата, во улога на постара сестра, скришум ставаше и кутивчиња презервативи – за да ни се најдат).

Самсон пак, цела пролет на својата гитара, пред отворениот учебник Машински материјали, деноноќно ги увежбуваше најсрцедрапателните песни – кои според маалските легенди, сите женски, без оглед на раса, нација и религија, од виното покрај огин, неминовно ги водат до делење на вреќата за спиење со некој од хорските романтичари. И тоа, и акордите и зборовите (за да не му се случи, како на една журка во Мичурин, по неговата варијанта на Возовите што одат, која нам ептен ни се допаѓаше – една гостинка од Грција да му каже дека многу убаво пеел, само не и е јасно на кој јазик?!). Егеецот сам дома вежбаше сиртаки, со посебен осврт на вртењето и скокањето околу шише, со тоа што на „тренинзите”, шарите на тепихот му го „играа” запалениот огин околу нозете, оти татко му немаше да има разбирање за таков вид пироманија, без оглед на возвишената цел. Офицерот од викендичката на неговите, „позајмуваше” тенџерчиња за најслатките супи и кафе, зготвени на „примус”, како и пластични вилушки и ножови и хартиени чинивчиња, плинско фенерче и „батериски” ламби. Ѕверот ги конфискуваше од дома сите претходно напластени залихи на конзерви – неизедени дневни оброци ли, „ужини” ли, на директорите во фабриката, на кои мајка му им готвеше кафе. Копиљот обезбедуваше апарат и доволно филмови за да можеме да ги овековечиме сите авантури со докази со кои ќе мавтаме цела следна зима во Починка. Тогаш немаше фотошоп, ама имаше доволно широки објективи кои ги фаќаа и голоградите убавици што се сончаа до нас, а кои во приказните низ чадот на Починка, стануваа само дел од недобројните туѓинки кои паднале на нашиот шарм (најпрвин, само за слушателите кои ја немаа таа среќа со нас да ги споделуваат убавините од фериите – ама сепак, сакале-нејќеле, цела година живееја со нив – а потоа, како минуваа годините, и за нас самите)…

Единствено, Рент-а-Фраер не мораше ништо да прави… Доволно беше што си беше убав. Требаше само да набива кондиција. И потоа, на лице место, ако не се снајдеме со работа, да биде подготвен да се жртвува „за друштво” и во летните ноќи да им се најде при рака на пензионерките од Германија и Британија, да замижи (или да ја дозира точно количината на узо&пиво за да биде употреблив) и да се покаже на дело. За потоа, сите ние, со полни усти месо, откинато од џиновските говедски кременадли, и низ огромни голтки пиво, да му ветуваме дека, жими мама, никому нема да кажеме, и дека до балчак ја почитуваме неговата жртва. За квалитет…

*                                  *                                  *

И кога од тревникот во дворчето ќе направев бара, а празното пивско шише ќе ме потсетеше дека морам да да се вратам во реалноста, некако, ќе ми паднеше криво за маалските копиљаци, чии гласови ги слушав од пред пиљарата: како ќе направат сè за да заработат доволно пари, па да отидат на одмор и да се шинат од пиење и онадење пијани странски туристки. И сфатив колку сум остарел, кога посакав да им објаснувам на кутрите нови дечки, кои – не виделе море асолно со очи, а не да заспијат покрај море и да се разбудат во мокри вреќи за спиење, премалени од целодневно стопирање, или со некоја грдичка непозната, која претходната ноќ покрај огинот делувала толку убаво – дека Ние, Некогаш, во Тие времиња… А бе, бевме романтичари. Дури и кога го теравме Рент-а-Фраер…

Ама, ќе зашлапав во тоа барата, ќе ми загорчеше во сувото грло, и ќе си се приберев дома. Да си слушам музика. Од Наше време.

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *