Петар Тутавац, творецот на популарните бисквити „Домаќица“ и еден од авторите на рецептот за бисквити „Плазма“, почина во Србија на 88-годишна возраст.
Тутавац е роден 1934 година, а во период од тринаесет години завршил плетачки занает во Опузен и станал квалификуван работник плетач. Во тој период неколку години плетел корпи во кои се носел леб, но младиот Петар не се задоволил со тоа. Во 1949 година преку синдикат се пријавил на конкурс за кексар во Загреб, кој го објавила фабриката „Краш“, каде тој и уште еден ученик изучиле кексарски занает. Интересно е што бил првиот школуван кексар во тогашна Југославија. Потоа заминал во војска, а после враќањето се вработил во „Краш“.
– „Краш“ тогаш беше единствената кондиторска индустрија и сите останати кои се појавуваа подоцна потекнуваа од неа – се присетува Петар, кој покрај работата ја посетувал вишата школа на „Краш“ за инженер кондитор во производство.
Но она што е интересно е што токму „Домаќица“ била негова дипломска работа и првенец во кондиторската индустрија. Овој кекс подоцна доживеа разни варијации, но основата остана онаква како што ја замислил Тутавац во својата дипломска работа во педесеттите години од минатиот век.
Бидејќи не можел да го реши станбеното прашање за своето семејство во Загреб, кон крајот на 1958 година Петар се враќа во долината на Неретва во Чапљина, во фабриката „Ласта“, која во тоа време произведувала леб, обланди и медени погачи.
По доаѓањето во фабриката на местото технички директор, започнал со проширување на производството, набавил нови линии и вовел нови производи, меѓу кои и штрудли со смокви.
Иако успешно го организирал производството, во Чапљина не се задржал долго. Заминува во Лесковац во фабриката „Тома Костиќ“, каде ги направил првите грисини во Југославија, а дури и италијанските колеги биле воодушевени од нивниот квалитет.
Во Пожаревац пак, ја основал фабриката за кекси „Бамби“, чиј заштитен знак е ликот од цртаниот филм на Дизни.
– Работејќи на производството на детскиот кекс со соино брашно за училишните кујни, размислував за производ кој би бил нешто сосема ново во поглед на состојките и нутритивната вредност. Идејата ја дополнив со сознанија од американската стручна литература, а со усовршување и измени во рецептурата на италијанскиот кекс „Пласмон“ дојдов до оригинален производ со додавање витамини, минерали и комбинација на белковини од животинско и растително потекло. Така настана „Плазма“ со која растеа генерации.
Но не одело сè како подмачкано – имало и проблеми со Италијанците околу името на кексот па Тутавац прибегнал кон соломонско решение:
– Се договоривме дека можеме да ја произведуваме „Плазма“, но дека не можеме да ја извезуваме на италијанскиот пазар, а потоа барав Италијанците да не можат кај нас да го извезуваат нивниот „Пласмон“. Таков беше договорот.
Тутавац не патентирал ниеден од своите производи.
– Тоа беа други времиња, кога знаењето не се криеше туку се споделуваше. Сè што правев, сите мои рецептури и производи, правени се под името „Бамби технологии“. Секогаш сметав дека сето тоа му припаѓа на народот, дека така се јакнат општествената сила и угледот на нашата земја на домашниот и светскиот пазар. Тоа беа времиња кога важеа некои други правила и односи помеѓу луѓето. Мене ми е добро и вака, јас сум среќен човек – рече во својот последен разговор.