Хорот и оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје настапи на Интернационалниот фестивал во Ричоне, Римини, Италија, под името „Сите бои на уметноста” и го освои првото место.
На фестивалот настапија 18 натпреварувачи од Литванија, Шри Ланка, Иран, Хрватска, Израел, Ерменија и Бугарија, во различни категории.
Македонскиот училишен хор и оркестар, за разлика од натпреварувачите на другите учесници, го немаше епитетот професионалци, но, сепак покажа дека има квалитет еднаков и подобар од професионалните музичари, што беше пресудно за победа и успех.
-Пехарот за 1 -то место ќе остане во трајна сопственост на училиштето, како и оригиналната статуетка од Интернационалниот фестивал, и златните медали на градите на учениците ќе останат да сведочат за овој огромен успех на хорот и оркестарот на ООУ ,,К.Ј. Питу”, како прв и единствен претставник од Македонија на еден ваков Светски музички настан, се вели во денешното соопштение.
Покрај хорот и оркестарот, на Фестивалот во категорија „вокални солисти”, македонски преставници беа Лана Алексовска (која го освои 2. место) и Ева Балканова (која беше третопласирана). Овие две ученички, се воедно дел и од победничкиот хор.