Сутерен.мк

Скопје – 60 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска одбележува 60 години од утрото во 1963 година кога речиси беше разурнат но потоа со помошта од тогашните југословенски републики и целиот свет го доби епитетот град на солидарноста.

Во 5 часот и 17 минути, кога речиси сите жители спиеја, земјата почна да се тресе а апаратите измерија 6,1 степен по Рихтеровата скала. За дваесетина секунди згаснаа 1.070 животи, околу три илјади скопјани беа повредени а градот стана речиси непрепознатлив.
Дваесет илјади луѓе остнаа без покрив над главите, 15.800 куќи, згради и објекти се урнаа а над 27 илјади беа оштетети, некои потоа мораше да се урнат бидејќи беше невозможно да се репарираат.

Помошта почна да пристига веднаш. Од тогашните југословенски републики а потоа се мобилизираше и целиот свет. Дури 87 држави испратија помош за да се санира а потоа и изгради Скопје одново. Скопје стана симбол во светски рамки и го доби епитетот „град на солидарноста“.

Државно политичкиот врв и дипломатскиот кор денеска одадоа почит и положија цвеќе и венци пред Споменикот на жртвите од земјотресот.
Претседателот Стево Пендаровски се обрати на настанот „Скопје во пет и седумнаесет“ што се одржа во Музејот на современа уметност.

„Секој човек и секоја заедница најдлабоко и најдолго ги паметат болката и загубата. Но, во исто време, тоа се и појдовните точки за наша трансформација во некој нов, конструктивен наратив кој ќе помогне за редефинирање на животните приоритети. Ние имаме токму една таква точка во нашата историја – земјотресот во 1963 година. Зборот солидарност почнува да доминира во нашиот јазик, луѓето покажуваат дотогаш невидена грижа едни за други. Светот идеолошки поделен на исток и запад се обединува околу урнатините на еден град, кој никогаш повеќе нема да биде ист. Она што е вредна поука од трагичноста на земјотресот е дека најважно од сѐ е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани, а во исто време, отворени кон новата урбаност и новите идеи за да креираме амбиент за живеење во кој ќе бидеме слободни и почитувани“, рече претседателот Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на свечената седница во Собранието по повод годишницата од земјотресот, порача дека Скопје е симбол на светската солидарност.

„ Градот убав повторно никна. Скопје се издигна врз темелите на урнатините и уништеното, се роди едно ново, модерно Скопје кое внесе нов, космополитски дух и енергија во која се сплотуваат старото и новото, современото и традиционалното. Таа моќ на трансформација, идеја за подобро утре, никогаш нема да престане да нѐ инспирира. Речиси секој дел, зграда, улица во Скопје е споменик на солидарноста. Скопје е нашиот главен град. Да го негуваме и чуваме и да се грижиме за него и за нашата држава како што тоа го правеле и предците пред нас, а ќе продолжат генерациите по нас. Скопје памети, Скопје благодари и Скопје продолжува да живее“, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, потенцираше дека Скопје и скопјани ја паметат подедената рака и секогаш ќе ја пружат својата кога тоа е потребно.

„Овој ден засекогаш ќе биде врежан во колективната меморија на скопјани, на овој ден се сеќаваме на жртвите, но и искажуваме благодарност на сите оние кои учествуваа во спасувањето на животи од под урнатините. Скопје никогаш нема да ја заборави ниту хуманоста која ја покажа светот и на овој ден изразуваме благодарност кон сите оние народи и држави кои помогнаа градот повторно да се изгради. Скопје памети, скопјани се благодарни на помошта, хуманоста и солидарноста. Никогаш нема да ја заборавиме подадената рака, секогаш сме поддршка и ќе пружиме помош кога таа е најпотребна“,рече Арсовска.

Кусо по катастрофалниот земјотрес, тогашниот службеник во амбасадата на САД во Белград, Лоренс Иглбергер неуморно ќе работи да обезбеди помош и ќе издјествува за кусо време во Скопје да се подигне американска полска болница. Тој го доби прекарот „Лоренс од Македонија“ за неуморните залагања да обезбеди американска помош за погодените од земјотресот во Скопје во 1963-та.

Тогаш младиот јапонски архитект Кензо Танге ќе го изработи својот футуристички проект за изградба на Скопје кој за жал беше напуштен на половина но градот сепак го доби својот модерен и уникатен изглед.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *