Во разговорот за МИА овој книжевник зборува за како ние немаме „класична“ боемска поезија која ги содржи основните одлики на боемството: формите на слободен, неконвеционален, неуреден кафеански живот, дека политичката и социјалната ангажираност не е обврска на писателот, но и дека поетот, интелектуалецот по дефиниција треба да биде ангажиран, преку своите дела да поставува критички прашања и да зборува за работи што нѐ засегаат сите нас
Славе Ѓорѓо Димоски е еден од најзначајните современи македонски поети и културни дејци. Неговото творештво, ангажман и промоција на поезијата и идентитетот во нашата земја и надвор од неа го прават вистинска општествена и книжевна фигура.
Овој поет, есеист и преведувач, роден е во Велестово, Охридско, во 1959 година, завршил Филолошки факултет при УКИМ – Скопје, објавил над петнаесет книжевни дела: поетски збирки („Гравири“, „Проект“, „Студен порив“, „Форми на страста“, „Мерач на зборовите“, „Јазичен триптихон“, „Кумова слама“…) и три книги со есеи, како и книги за деца.
Неговите дела и поетски циклуси се преведени на над 35 јазици, основач е и долгогодишен раководител на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, во два мандата бил претседател на „Струшките вечери на поезијата“, добитник е на бројни награди и признанија, како државната награда „23 Октомври“ (2024-та), „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“ (прв лауреат за „Кумова слама“), Гран при на Романија, орден „Сергеј Есенин“ во Русија), двапати награден со највисокото градско признание „Св. Климент – Патрон на Охрид“, „Книжевен жезол“ (2025) од Друштвото на писателите на Македонија – високо признание доделено од колегите поети, „Григор Прличев“…
Во рамките на издавачката дејност на Струшките вечери на поезијата оваа година беше објавена панорама (за некои антологија) на македонската винска поезија „Дионис и Свети Трифун“ која беше промовирана на самиот фестивал, но и во винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци како резултат на соработката на винаријата со СВП. Од каде идејата за една ваква несекојдневна книга?
Оваа е прва панорама на македонската поезија чиј фокус е алкохолот и литературата. Во светски размери вакви панорами и антологии ги има многу и различни составувачи тргнуваат од различен аспект на влијанието на алкохолот врз литературата и обратно и во нив можеме да ги најдеме најголемите имиња на светската литература кои влегоа во легендата за пијанство и таа легенда е неразделна од нивното творештво.
Првичната замисла беше да направам антологија на македонската боемска поезија, по примерот на повеќе европски култури. Но неколкумесечното истражување на македонската лирика ми даде на знаење дека ние всушност и немаме „класична“ боемска поезија која ги содржи основните одлики на боемството: формите на слободен, неконвеционален, неуреден кафеански живот, карактеристичен најмногу за уметниците. Тој однос или влијание не е толку изразен во македонската поезија и затоа книгата ја нареков „Дионис и Свети Трифун“, бидејќи повеќето песни се посветени на лозите, на виното, на ритуалот на здравицата, а во помал број ги има и оние песни што ги имаат белезите на „вистинска“ боемска поезија.
Виното како врховник над сите видови алкохоли во оваа панорама го зазема централното место, но среќаваме и поетски бисери во кои поетот во својот алкохолен хедонизам високо место им отстапува на ракијата и на пивото, но и на други алкохоли со „увозно“ потекло. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската (и македонската) традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел од книгата. Во духот на македонската традиција и македонското поднебје, кое е висококвалитетно тло за одгледување винова лоза и производство на квалитетни вина, поетите, повеќето од постарите генерации се свртени кон темите: лоза, лозје, вино и полека се свртуваат кон мотивот на сладоста на волшебната течност и кон романтичните претстави за крчмите, опивањата, бескрајните ноќи и неизбежните мамурлаци. Овие мотиви се покарактеристични за поетите од втората и третата генерација и тука можеби ги имаме највисоките лирски изблици и дострели на тема боемија. Интересот за промоциите на СВП и во винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци покажа колку ни се потребни и вакви панорами или антологии.
Што е поезијата за Вас денес: засолниште, оружје или мост кон другите?
Отсекогаш сум мислел дека поезијата е највисока форма уметност, посебно кога во предвид се има јазикот, поконкретно јазикот на помал број говорители. Поезијата, било народна или создавана од поети има цврсти нишки меморија, паметење на генерации и култури. Зборникот на Миладиновци нуди еден невиден духовен раскош кој може да се следи и во вертикала и во хоризонтала. Е, токму тој е едно културно-историско засолниште и моќно оружје кое му се спротивставува на заборавот.
Користејќи една ваква парабола сакам да кажам дека поезијата за еден поет (конкретно за мене) е засолниште, скривница од која ги испраќа своите пораки во светот иако е свесен и нема илузија дека нешто ќе поправи или ќе промени во светот. Сите сме свесни денес, во ваква ситуација сфаќаме дека реалниот свет е „стабилен“ само во заканувачка вознемиреност и постојан немир. Во оваа денешна вознемиреност поезијата станува оружје со само еден испукан проектил полн со емотивен набој чија емпатија се рамни со глас во пустина. Духот на ова време е спротивен на духот на поезијата.
Поезијата бара смиреност, внимателен пристап, нешто што е далеку од главните струи на современиот момент, но и она што се создава, без разлика на кој јазик и во кој дел од светот е мост по кој чекори поетот како човек, поединец, осаменик, но и член на општеството кое бара промени.
Кои теми сметате дека се вечни и актуелна во поезијата?
Мислам дека времето е најголема тема во поезијата. Мислам дека отсекогаш, а и во иднина поетите, покрај најдлабоките теми, темите што ја одредуваат човечката судбина, темите за животот, страста и смртта, ја имале и ќе ја имаат најголемата тема: темата на времето. Поетот отсекогаш бил љубопитен кон оваа тема, односно темата време во поезијата на сите големи поети низ милениумите, а се надевам и во иднина, е диктирана од обидот на човекот да избега од минливоста на времето. Тоа „бегство“ ја генерира оваа вечна тема.
Но новата ера постојано отвора нови теми, поставува актуелни прашања, ни сугерира нови предизвици, првенствено во форма на теми за идентитет, родова еднаквост, слобода и контрола во ерата на технолошката револуција, сега актуелната вештачка интелигенција, ограничување на менталниот простор…
Јас како поет можам да кажам дека поезијата е начин на кој се гледа (или јас го гледам) светот, обид да се каже нешто за она, што на некој начин не може да го објасни науката или филозофијата, туку, ете, може да се постигне само преку поезијата, или уметност воопшто.
Дали сметате дека поезијата сѐ уште има моќ да влијае во јавниот дискурс?
Во последнава деценија објавив три книги (трилогија) со ангажирана поезија: „Извештаи на Рисот“ (2016), „Јазик и леб“ (2019) и „Грозје од кукавица“ (2024) и со нив сакав да кажам дека поезијата може да биде совеста за сѐ она што се случува со нас и околу нас во конкретни општествено-политички ситуации денес.
Во никој случај не мислам дека политичката и социјалната ангажираност е обврска на писателот, но определувајќи се за овие теми сакав да кажам дека поезијата на некој начин треба да биде документ и паметење на времето што го живееме. Мислам, а тоа ми беше и мотив додека работев на трилогијата, дека денес најголем предизвик за литературата е да ја обнови својата општествена функција, да провоцира, да предизвикува и да поставува прашања што ќе бидат бунт против системите, а поетот, интелектуалецот по дефиниција треба да биде ангажиран, преку своите дела да поставува критички прашања и да зборува за работи што нѐ засегаат сите нас. Ако ова се сфати сериозно од надлежните тогаш литературата ќе има доминантно место и ќе влијае врз јавниот простор, ќе се развие критички дијалог и слободното размислување за секоја тема ќе биде од посебна важност.
Ако нашата македонска средина е спремна да ја прифати поезијата како инструмент кој помага во разбирањето на сѐ она што се случува околу нас, таа веќе ја има (или ја вратила) моќта да влијае во јавниот дискурс, но, очигледно многу сме далеку од тоа. Како утеха, поетот денес ќе биде задоволен ако чуе дека некој негов стих нашол барем кај еден читател уточиште. А таа утеха е жална.
Како гледате на младите генерации поети во Северна Македонија?
Секоја генерација си носи свои погледи на свет, свои интереси и свои возбуди. За секоја генерација поети поетското писмо било прашање на препознавање на сензибилитетот што ја прави самосвојна. По едно мало затајување, или мал период кога на видно поле не се слушаше некој посебно издвоен поетски глас, еве, во последниве две децении завиори нов поетски ветер, носејќи свежи бранови на талентирани, мудри, автентични, пред сѐ образовани млади творци (млади творци?), сигурни во својата поетска иднина.
Оваа година огромен чекор направи и жири комисијата на Струшките вечери на поезијата доделувајќи ја наградат Браќа Миладиновци на Јулијана Величковска. Со таквата одлука таа не само што ја награди поетесата, туку устоличи една нова поетска генерација, најавувана од поодамна, генерација во која се издвојуваат и неколку имиња кои веќе цврсто стојат на македонската книжевна сцена. Овие млади поетски генерации кои веќе се потврдени и оние кои надоаѓаат даваат непобитни гаранции во развојот на македонската поезија, сѐ повеќе зацврстувајќи го уметничкиот израз на македонскиот јазик.
Кога би можеле да разговарате со некој поет од минатото кого би избрале?
Артур Рембо!
А има и причина зошто!
Како осмооделенец и средношколец бев занесен во литературата, посебно во поезијата и пишував стихови, онака како што пишува секој ученик на таа возраст, под влијание на лектирата. Се собраа неколку тетратки испишани со стихови. Но на полугодието во 1977 година, тогаш бев трета година гимназија, вујко ми (кој има огромно влијание за мојот интерес во литературата) ми донесе една мала книга стихови од Рембо во препев на Влада Урошевиќ, тазе објавена. За тоа време и за таа возраст за мене книгата беше гром од ведро небо. По првиот прочит тетратките со стихови ги уништив, а по неколку препрочитување во еден здив ја напишав песната „Куќа“ која подоцна се најде во повеќе антологии. До почетокот на 1979 година настанаа триесетината песни кои се најдоа во книгата „Гравири“, а пролетта истата година Милан Ѓурчинов ја одбра за печатење во популарната едиција „Алфа“ на тогашната Книжевна младина на Македонија.
Денес би си направил лаф-муабет со Рембо за момчешките поетски идеали иако сум свесен дека тоа него веќе не би го интересирало.
Вие сте основач и долгогодишен раководител на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, а во последниве петнаесетина години како програмски директор се јавува Јулијана Величковска. Овој, по многу нешта оригинален фестивал својот имиџ го гради 37 години и е препознатлив на пошироки простори, на Балканов, Европа но и во други делови од светот. Неговата свежина и актуелност не е изоставена и од бројни огласи што се појавуваат и надвор од нашата земја. Што е она што овој фестивал што го прави посебен?
„Поетска ноќ во Велестово“ е поинаков тип на фестивал од познатите фестивали кои, на некој начин си ги прелеваат програмите една во друга. „Поетска ноќ во Велестово“ од почеток наметна оригинална концепција со што се одвои од тогашните книжевни манифестации и таа оригиналност ја зачува до денес. Петнаесетина години како програмски директор фестивалот го води Јулијана Величковска и вложувајќи се себеси само ја дообликува неговата посебност и исклучителност што доведува до една творечка и релаксирачка атмосфера кај учесниците, посебно кај поетите што доаѓаат од странство. А неповторливиот пејзаж, погледот на езерото од високо, волшебните зајдисонца атмосферата ја преточуваат во неповторливи мистични хоризонти.
А во што е посебноста на фестивалот?
Овој е фестивал со помала програма, но крајно прецизно подредена. Важна улога што ја нуди фестивалот е контактот меѓу луѓето, меѓу поетите и мештаните, потоа – поетите да се запознаат меѓусебно, да им се овозможи да имаат време да бидат заедно, да се дружат, да разговараат, да си поставуваат прашања, да разменуваат искуства, дека контактите и новите пријателства секогаш се потребни во запознавањата и размените на културите, дека разноликоста е цврстото единство на светот… Тоа е едно големо искуство, а преку искажувања на поетите низ нивни текстови или интервјуа само ја потврдува вредноста на Поетската ноќ.
Како би ја споредиле „Поетска ноќ во Велестово“ со другите книжевни фестивали во регионот и пошироко?
Денес кога потрошувачките системи голтаат и рециклираат сѐ, кога дигиталниот заразен свет сѐ сведува на површни пароли и слики, литературните фестивали се сѐ уште „некои“ места за промоција на пишувањето и читањето, посебно промоција на поезијата. Во време кога литературните списанија ги нема, или некои се појавуваат одвреме-навреме, но не се дистрибуираат, кога има малку сериозни критичари, а во дневните весници нема простор за рецензии, фестивалите се обидуваат да ја заживеат поезијата, тие се места да се сретнат поетите со јавноста.
Посветеноста на поезијата, „Поетска ноќ во Велестово“ оди во оваа насока отворајќи широки простори за соработка и преку издавачката куќа „ПНВ Публикации“ која е насочена кон поетски објави, што е реткост за други издавачки куќи, широко афирмирајќи ги и генерациите поети што се веќе на сцена и оние што доаѓаат. Покрај портретот посветен на афирмиран македонски поет, отворањето изложба во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ во Велестово, прилагодувањето на странските поети кон локалниот контекст со публиката која слуша поезија – е она различното на овој фестивал од другите.
Бранка Д. НАЈДОВСКА