Сутерен.мк

Случајот на Вања потсетува на ќерка ми

Игор Јуриќ за ТВ Нова откри како го следел овој случај со оглед на тоа што имало голем интерес и контакти од македонските медиуми и дали можел да понуди некоја конкретна помош

Во серијата написи во српските медиуми, каде грабнувањето и трагичното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски е на сите насловни страници, се огласи и Игор Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца, татко на убиената Тијана Јуриќ (15) на сличен начин, кој оцени дека животниот век на детето во вакви случаи обично е до четири часа живот, јави дописникот на МИА од Белград.

Игор Јуриќ за ТВ Нова откри како го следел овој случај со оглед на тоа што имало голем интерес и контакти од македонските медиуми и дали можел да понуди некоја конкретна помош.

-Се обидов во неколку наврати пред се да стапам во контакт со мајката на Вања и да поразговарам со неа и да видам како можеме да пружиме помош. За жал, не успеав и сега ми е уште потешко поради тоа. Имаше секако интерес на македонските медиуми, пред се нивните интереси се сведуваа на системот што неодамна го воведовме кај нас во Србија поврзан со брза и ефикасна потрага и известување на јавноста во случајот со исчезнати деца и тоа беше тоа. За жал, имав можност да се информирам исклучиво како огромното мнозинство граѓани на Србија преку медиумите, рече Јуриќ и додаде дека случајот на Вања потсетува на оној на неговата Тијана (15), киднапирана, силувана и убиена пред 9 години.

Тој верува дека има многу сличности и дека она што е речиси идентично со случајот на неговата ќерка е тоа што кога станува збор за криминално киднапирање, постои една статистика која е целосно незапирлива.

-Тоа е дека животниот век на детето обично е до четири часа живот и тоа се покажа и во случајот со ова девојче, колку што можам да заклучам дека многу брзо го загубила животот во истиот ден од моментот кога била киднапирана. Така беше и со нашата Тијана и затоа таа брза и ефикасна потрага е повеќе од важна, изјави Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца.

Тијана Јуриќ беше киднапирана и убиена летото 2014 година на петнаесет години. Нејзиното тело беше пронајдено по 12-дневна потрага, на 7 август 2014 година, на депонија во сомборската населба Ќонопља. Последен пат била видена на 25 јули, 25 минути по полноќ.

Иако целата вечер ја поминала со своите пријатели и отишла дома околу полноќ со нејзината пријателка и другар, во еден момент се разделиле и се вратила сама назад, со цел да ѝ го врати позајмениот дуксер на нејзината пријателка.
Нејзината патика беше пронајдена на тој земјен пат, но немаше трага од Тијана.

Доцна ноќта на 7 август беше објавено дека киднаперот на Тијана Јуриќ, Драган Ѓуриќ (34) од Сурчин е уапсен, а нејзиното тело е пронајдено во близина на Сомбор, на 23 километри од местото каде што била киднапирана. Полицијата го пронајде Ѓуриќ во месарница во Сурчин, сечејќи месо целосно смирен. Самиот Ѓуриќ ја однел полицијата до местото каде што е телото на девојчето.

Ѓуриќ беше осуден на 40 години затвор за убиство на тинејџерката.

По убиството, таткото на Тијана, Игор Јуриќ ја основа фондацијата „Тијана Јуриќ“, која се бореше за доживотна казна затвор за најтешките злосторства.

Човекот кој ја загуби својата ќерка започна на борба со ветерници. Борба во која цело време го држеше силен помислата дека тој сака да верува дека неговата ќерка мораше да умре за да не им се случи истото на други деца. Човекот кој ја претвори најголемата болка што некому може да се случи, болката за неговото дете, во борба за другите деца. Со сите сили се обиде да објасни на аргументиран начин зошто доживотниот затвор, дури и без условна казна за најужасните злосторства, под кои мислиме на убиство на деца, мора да се воведе во Кривичен законик.

Министерството за правда ги усвои сите предлози на Фондацијата „Тијана Јуриќ“ под водство на таткото на Тијана, Игор Јуриќ. Ја вклучи доживотната казна затвор во нацрт-законот, без условно ослободување за случаи кога станува збор за убиство на деца и бремени жени и од тогаш освоен е Тијанин закон во Србија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *