Сутерен.мк

Случајот Онкологија тапка во место

Сериозна повреда на правата на граѓаните во здравствената заштита нотира Народниот правобранител. За случајот со онкологија очекува брз епилог. За истата клиника бил отворен предмет и кај него уште пред шест месеци, поради непостојана достапност до неопходните лекарства за онколошките пациенти.

„Се надевав многу дека со доаѓањето на новиот министер ситуацијата ќе се подобри и уште тогаш реков дека ние ќе ја следиме состојбата и тоа не само во делот на Онкологија, туку и во други области од здравствената заштита, како што беше отсуството на лекот „трикафта“, за болните од церебрална парализа, околу проширувањето на палетата на лекови кои ги рефундира Фондот за здравство, проблемите кои се појавуваат со „Мој термин“ за кој цениме дека е не е доволно ефикасен и понекогаш нефукционален, но како одминува времето се гледа дека проблемите во тој ресор се сериозни “, вели Насер Зибери – Народен Правобранител.

Од Обвинителството не споделуваат нови информации во врска со предистрагата. Здравствените сидникати бараат брза разрешница за да не се наруши дополнително довербата во здравствениот систем.

„Ако има докази, да се кажат со име и презиме тие што се вплеткани. Таму работи и професионален кадар, имаме големи успеси и јас имам соработка со луѓе и не треба сите да се стават во ист кош, заради одредена група на луѓе. В секоја фела има такви луѓе и ОЈО да си ја заврши работата“, вели Предраг Серафимовски – Претседател на ССКЦ.

„Изгубената доверба е единствениот орган кој не може да се трансплатира. Контролните механизми најверјатно во оваа ситуација затаиле и контролата треба да е добра како и довербата“, вели Љубиша Каранфиловски – Претседател на Самостоен синдикат за здравство и фармација на ССМ.

Случајот за онкологија денеска беше тема на расправа и во Собранието. Пратениците од опозицијата повторно побараа формирање на анкетна комисија за утврдување на политичка одговорност. Пратениците од власта пак возвратија дека ВМРО – ДПМНЕ си заминало од комисија која самите ја предложиле и дека политичарите не смеат да спомнуваат имиња се додека не заврши истрагата.

И додека Клиниката за онкологија е под лупа на истражните органи, состојбите со малигните заболувања во земјава стануваат се повеќе алармантни. Според статистиките на ИЈЗ, секоја година во земјава околу 6.000 луѓе се дијагностицираат со канцер, а ракот е и втора најчеста болест од која се умира во земјава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *