Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Слушаме со очите

Очите се огледало на душата, а потоа недоброј песни испеани за очите, погледот кој многу кажува кога устата молчи. Слепец, се вели за некој што не сака да види тоа што се случува околу него. Со очите се може се. Да. Може и да се слуша со нив кога ќе бидат вперени во устата на оној што зборува.

Очите се насекаде и кога телото е на само едно место. Нивната улога, функција,значење ги „открива“ тогаш кога со силни болки ми даваа сигнали дека бараат помош. Помошта ја добив од врвни лекари во Куманово, Скопје, во Белград. За разлика од еден –двајца кои направија огромна грешка, која можев да ја платам со сосема изгубен вид.

Заради нивните грешки или затоа што така требало да биде, мојот вид често пати е заматен, но не ретко чудно избистрен што догледува и забележува нешто што нечии здрави, сосема здрави очи не успеваат. Чудо на природата не сум, но можеби сум предодредба на божјиот наум. Кој ли може да знае?! Од она што стручно се објаснува мрежницата на моите очи е оштетена, издупчена, но „жолтата мрља“ како зона на најјасниот вид го гледа ликот таков како што е благодарение на центрите на сетилото на видот што се наоѓа во мозочната кора.

-Мојот вид е минимален, уште од раѓањето. Хируршки интервенции колку сакаш издржав уште од раното детство. Никогаш не се предадов и образованието редовно го завршував. И повеќе од многумина со нормален вид, во една прилика ми раскажува многу помлада од мене, моја пријателка, со која не поврзуваат заеднички роднини. Роднините ни пак имаат ист или сличен однос и со мене и со неа. Неа тоа напати ја здоболува, а мене ни на сон не ме допира. Ха!

-Како тоа? Ме прашува таа изненадена. Ладно и објаснувам дека во мојот живот има место само за искрените, добронамерните, оние кои умеат да љубат безрезервно, без очекувања за возврат, оние кои умеат да почитуваат,… Кога тие не го препознаваат тоа, или од ним познати причини наеднаш ќе се оттргнат, ќе се оддалечат, им посакувам среќен пат и благодарност што сами ми го исчистиле „дворот“. Ако јас сум требала да ги бришам, не би можела така лесно и без тага. Знам дека повеќе би ме болело нивното лицемерие и лажна насмевка, отколку нивното исчезнување од мојот живот.

-Ха,ха! Се смее таа, а потоа не може да додржи, а да не ми посочи игнорирање на нејзините пораки со честитки, со човечки прашања за нивното здравје.
-Како можат така? Да не е затоа што сум со оштетен вид? Додава таа во своето прашање, наивно и детски, ама јас со сигурност знам дека не го мисли тоа. Знам дека и пречи тоа што нејзината љубов не е возвратена, туку напротив.
-Сики, не очекувај љубов од луѓе кои знаат само за интерес, и велам советодавно потпирајќи се на долгото животно искуство. Имаме ние „слепите“ за што друго да си зборуваме. Ха,ха! Се смеам гласно. Се смее и таа.

А потоа си ја продолжуваме темата посветена на нашите очи кои не насочуваат да слушаме со нив. Особено кога некој од нашето опкружување е убеден дека кога нешто недоветно прави ние нема да го забележиме. Ама ние слушаме со очите. Нашата „жолта мрља“ знае каде да се насочи, да се фокусира. Затоа и сакаме луѓето да ги гледаме в очи. Во нивните очи ја читаме нежноста, тагата, болеста, искреноста, лагата, лицемерието. Ја гледаме насмевката и кога усните им се мирни и стегнати. Ја забележуваме среќата или незадоволството.

-Ние сме посебни! Ха! Се насмевнува таа.

-Посебни сме затоа што понекогаш сме како змии. Тие имаат очи, а немаат уши. Имаме и ние очи. Вистина од две едвај да имаме едно целосно, но, добро е. Се смееме и двете. Потоа и праќам слики од небото направени со мобилен телефон и ја прашувам дали на едната од нив го гледа големото око во десниот агол.

-Аууу! Да! Го гледам. Па како можам со моите очи да го видам окото? Се чуди. Вреска од радост. Се воодушевува гласно, излегувајќи од нејзината тивка природа.

-Така, драга моја Сики, очите наши се необјаснив феномен, а ние сме еден вид инвалиди. Ха,ха!
За посебноста на нашиот вид и кажувам дека иако со полузатворени очи по последната операција во Белград, додека со син ми шетавме по долга расправија во која тој ме убедуваше дека со врзани очи и со темни очила, ноќе не сум за шетање, видов питач инвалид без една нога. Раката му беше испружена кон минувачите во близина на Храмот „Свети Сава“, ама кога ме виде мене како упаѓам во дупките на тротоарот, тој ја тргна раката. Ха!

И раскажувам и како едно човеколико суштество кое постојано се повикува на Господ во дворот на црквата „Свети Никола“ во нашиот град, по телефон ме оцрнуваше. Иако гледав во таа насока беше убедена дека не слушам, но не можеше да си претпостави дека моите очи слушаа. Ха! Слушнаа моите очи и конвој со возила по патот додека бевме во карантин, па за да ги проверам го повикав син ми да потврди или да одрече.

-Слушаат, зборуваат, сликаат,чувствуваат, нашите очи преку „жолтата мрља“,…, вели Сики, побрзувајќи да ги гушне своите три умни ангелчиња.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *