Сутерен.мк

Смрзнати планови

Треба да одиме на одмор, но мојата жена запнала наместо на летување да купиме фрижидер за длабоко замрзнување. Немам намера да го сторам тоа и и реков дека дури и ќе земам кредит за да одиме на одмор. Ми треба одморот и немам намера да отстапам од тоа. Извинете што со вакви глупости ве замарам, ама Грција е Грција и нема споредба со Отешево или слични охридски импровизации.

Трпе

Трпе дарлинг, едно од општите места во економијата е и тоа дека задолжувањето има смисла само кога купувате имот што не губи од вредноста па дури може и да се зголеми (тоа е инвестиција, практично). Не е воопшто мудро да влезете во долгови за работи на кои веднаш по купувањето им паѓа цената како автомобил или пак, на нешта кои немаат никаква материјална вредност како летување. За такви работи се штеди.

Сопругата има сосема право на мини апаратот за длабоко (верувам и брзо и непотребно) смрзнување исто како и вие на малиот фрустрирачки (верувам и скап и блесав) одмор. Да повториме: за одмор не се зема кредит! Исто како ни за замрзнувач со три фиоки каде што ќе ги сместите ланските печени пиперки од вашите мајки!

Освен во споменатите ситуации (инвестициите), ако се нема друг избор, кредит се зема за лечење, нова детска соба и вештачки заби.

Мојот покоен татко велеше дека на крајот останува само она што ќе го видиш и почувствуваш. Нема поголема вистина, но би додала, притоа виденото и почувствуваното да не бидат оптеретени со хипотека.
Нема денешен одмор, ако тој е закана за иднината….

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *