Сутерен.мк

Совест

Многу ве сакам Дарлинг и едвај чекам да го прочитам следниот ваш коментар на нашите проблеми. Ме релаксирате и ми ги олеснувате моите грижи и дилеми. Се чувствувам понормално и посмирено после вашите објаснувања. Како да сте една од нас. Како да ја знаете тајната на животот. Ја знаете ли?
Мона

Мона дарлинг, тајната на животот ја знае Опра. (Можеби и Џек Николсон, ама ај, да не ја шириме.) Јас го познавам само инаетот. Тоа ни остана нам, овде, како единствена мотивирачка сила за да се преживее. Тука. Сега. За инает.

Не, не знам магични формули, јас сум една од вас. Секој ден откривам по нешто, ама после години горчлива борба, не ме изненадуваат баш луѓето. За жал, се рециклира најмногу глупоста. Да е поинаку, би научиле нешто низ вековите.

Всушност, животот има своја „патека на слоновите“ и ние не му значиме ништо. Природата нема да се смени заради нас, но се менува поради нас. Ете, колку значи еден збор.

Што ќе рече, животот има сопствени закони и колку ние ги игнорираме тој станува потежок за нас. Човек би требало во својот втор дел од него (некаде после 35 – тата) да се ослободи од лудоста и предрасудите и погрешните ставови што ги стекнал во младоста. Тоа е рамнотежата. Просто е, значи. Учиме и, канализираме. Експериментираме и, почнуваме да размислуваме. Еволуција. Лична.

Има една приказна што многу ја сакам: Професор по филозофија држи час и пред себе има едно купче. Без зборови зема празна тегла и ја полни со камења. Потоа ги прашува студентите:„ Дали е теглата полна?“ Тие се согласуваат дека е. Зема учениов кутија со чакал и го истура во теглата. Ја протресува малку, а чакалот ги пополнува дупките меѓу камењата. Повторно ги прашува студентите: „Дали теглата е полна?“ Се смеат тие и секако, велат, да. Најпосле, зема песок и го става и него во садот. Ситните зрна го завземаат секој милиметар слободен простор. Умно констатира на крајот професорот: „Ова е всушност вашиот живот. Камењата се важните работи – вашето семејство, партнерот, здравјето, децата… Чакалот работата, куќата, автомобилот… Песокот сите оние глупави луѓе, неважни ситници, безвезни средби… Ако во теглата ставите прво песок и чакал, за камењата ќе нема место и, обратно!“

На крајот, се јавил еден студент и во таа фамозна тегла, полна – преполна песок, чакал и камења, истурил едно шише пиво.
Наравоучение – колку и да ви е животот исполнет (со шо и да е) секогаш има место за едно пиво.

Тоа е тоа. Не се замарајте премногу. Отидете некаде каде во убаво друштво, на раат ќе испиете пиво. И, што би рекол Ајнштајн, не правете ништо што се противи на вашата совест. па таман тоа од вас да го бара и самата држава…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *