Сутерен.мк

Солзи непресушни

Мојата пријателка е голема плачка. Плаче за секоја ситница и како едвај да чека прилика да заплаче и да почне да се самосожалува. Сакам и да и помогнам, а не знам како?

Пријателка

Пријателка дарлинг, најчестата заедничка нитка меѓу две личности е токму способноста да се плаче. Тоа е толку општо место што не познава ни возраст, ни полови, ни социјални и општествени статуси, што е просто зачудувачки. Меѓутоа, во овие нови времиња, како и многу други нешта, се повеќе станува срамно да се заплаче. Тоа е веќе друга тема, но еве што можете вие да сторите со вашата другарка (ако веќе не ви здодеала до толку со своето цимолење, па сте ја отфикариле засекогаш од вашиот живот):

– Туѓото плачење најчесто збунува, но никогаш немојте да велите „немој да плачеш“. Тоа е всушност, потег за да се намали вашата непријатност, а не на оној кој плаче. Подобро малку ќутете па прашајте „како си?“ или „што се случи?“

– Наједноставната работа најчесто ја забораваме: понудете хартиено шамивче.

– Кога некој плаче не треба многу да му се зборува туку да се слуша. Невербално. Гледајте го во очи, климајте со главата повремено и чат-пат речете „разбирам“. Сочувствувајте, а не попувајте.

– Покажете и „проверете“ го вашето разбирање. Повторете дали добро сте ја разбрале зошто плаче. Речете дека секако верувате дека таква ситуација може секого да растревожи, налути и онемоќи.

– Можете да помогнете и со споделување на слично искуство (но не го измислувајте). Секогаш олеснува кога знаете дека и некој друг има(л) такви проблеми.

Плачот е израз на моментна беспомошност. А најлесно се плаче поради „лажна“ причина. Позадината е обично, нешто сосема друго. Потиснато.

Најпосле, плачењето не е модерно, ама е добро и конструктивно…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *