Сутерен.мк

Софтверска компанија покани седумгодишно дете во менаџерскиот тим

Руска софтверска компанија покани седумгодишно чудо од дете да се придружи на нејзиниот менаџерски тим, штом ќе биде доволно возрасен за да започне со платена работа.

Сергеј од рускиот град Санкт Петербург си изгради име, поставувајќи видеа кои објаснуваат како се пишува софтвер од неговата петта година. На основа на тие видеа, фирмата за информациска безбедност Про32 му испрати писмена понуда за работа, за местото шеф на корпоративна обука.

Според руските закони, Сергеј нема да може да преземе никаква платена улога додека не наполни 14 години. Но, главниот извршен директор на Про32, Игор Мандик, изјави за Светскиот сервис на БиБиСи дека разговарал со родителите на Сергеј за изнаоѓање начини за соработка во меѓувреме.

-Неговиот татко, Кирил, беше изненаден и рече дека тие се навистина среќни и со нетрпение чекаат кога Сергеј ќе може да се приклучи на компанијата – изјави Мандик.

На неговите видеа, Сергеј се појавува со шарм и ентузијазам, зборувајќи на руски, а понекогаш и на малку скршен англиски, тој чекор-по-чекор поминува низ предизвиците за кодирање.

Неговиот канал на Ју Тјуб има повеќе од 3.500 претплатници, заинтересирани за учење на програмските јазици Питон и Јунити, или кои сакаат да слушнат повеќе за невронските мрежи, кои се во основата на многу алатки за вештачка интелигенција.

„За мене тој е нешто како Моцарт на програмирањето. Апсолутно сум сигурен дека кога ќе наполни 14 години, ќе биде гуру на наставата и гуру на развојот – рече директорот Игор Мандик.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *